Македонија
Новинарите отстранети од судницата за „Тврдина 2“
По барање на aдвокатот Никола Додoвски, судијката ги отстрани новинарите од судницата додека се чита дописот од Министерството за внатрешни работи до Специјалното јавно обвинителство, иако според обвинителката Ленче Ристоска тоа не е класифициран документ и нема потреба да се отстрани јавноста.
Судијката се повика на член 347 од ЗКП и сепак одлучи јавноста да не присуствува на читањето. Ова е второ подготвително рочиште, иако судијката на минатото рочиште најави дека ќе биде главно рочиште.
Во предметот „Тврдина 2“, Специјалното јавно обвинителство ги товари поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски, и уште шест лица за уништување документацијата поврзана со системите од незаконското прислушување.
На денешното рочиште СЈО треба да го извести судот за одговорот што добило од Управата за безбедност и контраразузнавање на барањето за користење класифицирани информации во судската постапка.
На подготвителната расправа за судењето за „Тврдина 2“, која се одржа на 28 ноември минатата година, судијката Лидија Петровска го задолжи СЈО да побара дозвола од органот што ги создал тие податоци да бидат користени во судска постапка, односно да бидат декласифицирани со степен за употреба во судска постапка.
Грујовски и уште шестмина други вработени во УБК се обвинети дека уништиле службени документи на тајната полиција за набавка на опремата за следење на комуникациите. Судот на претходното рочиште го задолжи СЈО да обезбеди дозвола од УБК за да ги користи доказите кои биле доверливи и за добивање потврда кои од податоците можат да бидат јавни, а кои остануваат доверливи.
Вработените во УБК се обвинети дека уништиле 2.047 службени списи, од кои 22 се однесуваат на системите за следење на комуникациите./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

