Македонија
Новини во Законот за безбедност на сообраќајот
Републичкиот завод за безбедност на сообраќајот на патиштата ги соопшти измените на ЗБСП кои веќе стапија во сила.
За оние сообраќајни прекршоци кои спаѓаат во групата на животозагрозувачки, (возење под дејство на алкохол, непочитување на правилата за ограничување на брзината, итн.) висината на предвидените парични санкции за сторен прекршок останува непроменета. Согласно тоа, освен наведените прекршоци дефинирани како животозагрозувачи, за останатите прекршоци, највисока парична санкција за физичко лице за сторен сообраќаен прекршок изнесува 250 евра во денарска противвредност.
Новина во делот на санкционирањето е и тоа што се укинуваат таканаречените „негативни поени“ кои досега се впишуваа како замена за изречена парична санкција за сторен сообраќаен прекршок.
Како поважни одредби со кои се регулира учеството во сообраќај со електричен тротинет се издвојуваат:
Возачот на електричен тротинет е должен да го управува тротинетот по велосипедска патека или велосипедска лента, а доколку истите не се изградени, по пешачка патека, односно друга површина наменета за движење на пешаци.
( се забранува движење со тротинет на коловоз)
Возачот на електричен тротинет не смее да се движи по велосипедска патека, односно лента со брзина поголема од 25 km/h., додека по тротоар, пешачка патека или друга површина наменета за движење на пешаци, не смее да се движи со брзина поголема од 6 km/h.
Електричен тротинет може да управува лице кое навршило 14 години возраст.
Возачот на електричен тротинет треба да носи заштитен шлем на главата за време на управувањето на возилото ( треба, но нема санкција за неносење).
Возачот на електричен тротинет, од првиот самрак до потполно разденување, како и во услови на намалена видливост, е должен да носи рефлектирачки елек за време на управувањето на возилото.
На електричниот тротинет задолжително треба да има светло во бела боја на предната страна и светло со црвена боја на задната страна.
Друга новина во ЗБСП е тоа што возрасната граница за издавање возачки дозволи изнесува 75 години, наместо 70 како што беше досега со тоа што возач на моторно возило кој наполнил 75 години возраст, задолжително подлежи на контролен здравствен преглед во временски интервали кои не можат да бидат подолги од пет години.
Исто така, Законот предвидува и можност за одземање на возилото до 90 дена.
Според измените на ЗБСП, полициски службеник може да исклучи возило од сообраќај и привремено да го одземе возилото, до утврдување на техничка исправност, но не подолго од три работни дена.
Доколку биде утврдена техничка неисправност на возилото, која се однесува на предизвикување на голема бучава или во случај кога сообраќајната дозвола за возилото е со изминат рок на важност од шест или повеќе месеци, возилото се одзема во времетраење од 90 дена.
Друга важна новина е тоа што според измените на ЗБСП, доколку возачот во период од една година, откако му е изречена санкција – забрана за управување моторно возило од определена категорија, стори друг сообраќаен прекршок за кој е предвидена прекршочна санкција – забрана на управување со моторно возило, тогаш ќе му биде изречена прекршочна санкција – престанок на важење на возачката дозвола за истата категоријата за која му била изречена прекршочната санкција – забрана за управување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

