Македонија
Новиот реис на ИВЗ: Коронавирусот постои, нема шега со оваа работа

Новиот в.д. реис на Исламската верска заедница, Шаќир Фетаху, посочи дека коронавирусот е вистински и опасен, за разлика од неговиот разрешен претходник, Сулејман Реџепи, кој го прогласи вирусот за мртов.
Фетаху пред новинарите кажа дека ИВЗ не е компетентна институција да зборува за вирусот, ниту, пак, сакаше да каже дали Реџепи е разрешен поради тоа што оженил млада жена или финансиското работење.
„ИВЗ од првиот момент е во служба со цел да замине оваа болест, која е вистинска, бидејќи сите компетентни органи потврдиле во целиот свет дека оваа болест постои и многу е опасна. И нема шега со оваа работа. Ние сме верска институција. Не сме компетентни да зборуваме дали е вистинска или невистинска. Ние одиме кон компетентноста. Институциите кои се професионални потврдиле дека постои, посебно по следните моменти, во неколку градови каде почнала да се шири со поголема брзина“, рече Фетаху.
Според него, во сите џамии се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот, потенцирајќи дека: „Во оваа борба, како ИВЗ, влеговме со зборовите ‘Страв не, но голема свест против оваа болест – да’. Мора да се бориме со сите сили оваа болест да се надмине“.
За разлика од Сулејман Реџепи, кој фрлаше клетви кон новинари, Фетаху сака соработка со нив, најавувајќи дека ќе биде транспарентен во тоа. Но, иако двапати беше прашен, тој одби да одговори за разрешувањето на Реџепи, ниту, пак, упати осуда за неговите постапки во минатото.
„Оваа наша средба не ја сметам како формалност која треба да се исполни поради куртоазија, напротив ИВЗ ја цени улогата на медиумите во општеството и ја изразува својата почит во придонесот на медиумите кога во прашање е информирањето и јавната дебата. Наташа институција чувствува должност да ги почитува правилата на транспарентност и во секој момент и пригода да им овозможи изворни информации на претставниците на медиумите, со единствена цел да си ги извршуваат своите задачи и должности на независен начин. Ние посакуваме и пријателства со вас новинарите, ние сакаме да ѝ се обраќаме на јавноста презентирајќи ги нашите успеси и презентирајќи ги нашите евентуални грешки и причините за тоа“, додаде Фетаху.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.