Македонија
Новите 25 питомци во АРМ дадоа заклетва

Со свеченост на Воената академија денеска беа промовирани 26 потпоручници во АРМ, а заклетва дадоа нови 25 питомци кои го започнуваат своето воено образование. Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, им порача дека тоа се идните армиски лидери и дека тие влегуваат во институција која со право ужива највисока доверба помеѓу граѓаните на Република Македонија.
„Вие сте идните армиски лидери кои ќе ја подигнат Армијата на Република Македонија на уште повисоко ниво и кои ќе успеат да го држат чекорот со современите текови и стандарди во одбранбената политика“, рече министерката Шекеринска. Изрази задоволство што во секоја класа питомци има сè поголем број припаднички на женскиот пол, што, како што рече, покажува дека Македонија и Aрмијата се менуваат на подобро, создавајќи шанси и отворајќи врати на сите, дури и во професии кои долги години се сметале за машки.
Министерката истакна дека Македонија ги прави последните чекори од 27-годишниот маратон кон НАТО, и додаде дека оваа континуирана посветеност и определба за која работеа илјадници припадници на АРМ заслужува да биде крунисана и Македонија да стане 30. членка на НАТО.
На Воената академија денеска во потпоручници беа промовирани и 2 питомци од Црна Гора, како и 1 питомец од Косово, а свечена заклетва дадоа 4 нови питомци од Босна и Херцеговина, 3 од Црна Гора и 1 од Косово.
Говорејќи за идните чекори во развојот на Воената академија, министерката истакна дека со помош на НАТО-тимот за подобрување на процесот на военото образование, со забрзана динамика се работи на целосна модернизација на програмата и плановите за подготовка.
„Согласно so новите предизвици на модерното општество во областа на сајбер-безбедноста и одбраната, во Воената академија оваа академска година ги започнавме постдипломските студии на програмата Сајбер-безбедност и дигитална форензика. Во моментов на овие магистерски студии се школуваат 30 студенти, а во рамки на Академијата размислуваме како повеќе акцент да ставиме на овие модерни предизвици, модерни ризици и нови начини како со нив да се справиме“, заклучи министерката.
Деканот на Воената академија, полковникот Орце Поповски, рече дека давањето на свечена заклетва е најсветото нешто што секој офицер мора да го чува и да се држи до него.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.