Македонија
Нови контејнери за почист Карпош
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2018/10/image00009.jpeg)
Со два милиона денари од сопствениот ребалансиран буџет, Општина Карпош ќе учествува во замената и унапредувањето на севкупниот систем за собирање на комуналниот отпад што го спроведува Градот Скопје на целата територија. Во зависност од цената на контејнерите, за своите потреби локалната самоуправа детерминира десетина критични локации каде што ќе бидат поставени новите контејнери.
Овој пат тие ќе бидат со поголем капацитет и зафатнина и од материјал отпорен на оштетување, опремени со хидрауличен систем на отворање и затворање на капаците. Со тоа ќе се намали непријатната миризба, односно ќе се зголеми хигиената околу контејнерите кај рестораните, на пофреквентните места и густо населените локации во Карпош.
Оваа одлука едногласно беше прифатена од советниците на Општина Карпош на денешната 15-та седница, на која доминира темата за ребалансот на буџетот во пресрет на новиот закон за буџет, кој е во собраниска процедура и за чија имплементација е потребен, според градоначалникот Стефан Богоев, преоден период со мерки што ќе им овозможат на општините да ги реализираат претходно преземените обврски во инфраструктурата во полза на граѓаните.
Советниците на Карпош денеска дадоа виза и за нови стипендии за 20 талентирани спортисти. Од нив, 16 ќе бидат стипендирани од Општината со 3.000 денари, а четворица со 2.000 денари. Исто така, 51 талентиран ученик од основните училишта од Карпош ќе добијат стипендии од 2.500 и 2.000 денари, иако советничката од советничката група на СДСМ побара во иднина буџетот за младите таленти да се зголеми од 650.000 на 770.000 денари поради големиот број апликанти. Инаку, ова е второ ребалансирање на општинската каса со што буџетот на Карпош ќе се намали од 1,47 на 1,39 милијарда денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
(Видео) Полициските хеликоптери исфрлија над 120 тони вода врз пожарите кај селото Тажево и „Јасен“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-26-203439.jpg)
Денеска Одделот за воздухопловни единици при МВР учествуваше со два хеликоптери во гасење на пожарот во реонот на Јасен.
Во 62 налети исфрлени се преку 120 тони вода со што успеа да се локализираат новите реактивирани краци на пожарот и да се спречи прошорување на пожарот кон селото Брезница , селото Тажево и националниот парк Јасен.
Македонија
Пронајдено детето од Скопје кое беше пријавено дека се оддалечило од домот
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/02/policija-5.jpg)
Вечерва околу 19.20 часот полициски службеници од СВР Скопје го пронајдоа осумгодишното дете за кое денеска околу 18.40 часот неговата мајка С.Н. во ПС Карпош пријави дека околу 17 часот се оддалечило од домот.
Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје ги презеле сите неопходни мерки и активности и детето било пронајдено во добра здравствена состојба и ќе биде предадено на родителот, соопшти МВР.
Македонија
На Табановце за влез во државата се чека околу еден час
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/07/tabanovce.jpg)
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце за влез во државата се чека е околу 1 час. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани –Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Термините се следни:
– петок од 17:00 – 22:00 часот,
– сабота од 09:00 до 18:00 часот и
– недела од 09:00 до 22:00 часот.
На магистралниот пат А2 делница: Скопје – Охрид – Скопје се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите, во следните интервали:
– петок од 15:00 – 22:00 часот,
– сабота од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот и
– недела од 07:00 до 22:00 часот.