Македонија
Нови летови со „Визер“: Бари, Стокхолм, Мадрид и Ларнака од аеродромот во Скопје, Базел од Охрид
Новите пет авионски линии на „Визер“ – Бари, Стокхолм, Мадрид, Ларнака и Базел – почнуваат од Меѓународниот аеродром „Скопје“ и од аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид, денеска, 27 октомври, и утре, 28 октомври, соопштуваат од „ТАВ Македонија“.
„Многу сум среќен што денеска, на почетокот на зимската сезона, пет нови авиолинии почнуваат од двата аеродрома, во Скопје и во Охрид. Секако, со поддршка на Владата и благодарение на посветеноста на ‘Визер’. Сигурен сум дека овие 5 дестинации, дефинитивно, ќе бидат посетени и сакам да додадам уште нешто, многу важно – дека овие нови дестинации што ги најавувам се избор на патниците, избор на оние патувачи што со нетрпение очекуваат да бидат поврзани со овие градови од двата аеродрома, од овде во Македонија“, изјави Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
Новата линија Скопје – Стокхолм почна утрово со првиот лет во 6.05 часот. Овој пат „Визер“ лета до главниот аеродром во Стокхолм – „Арланда“. Првиот лет на линијата Скопјe – Бари ќе почне со полетување на „Визер“ до овој град на италијанскиот брег денеска во 14.40 часот. Oд аеродромот во Охрид првиот лет за Базел полетува денеска во 12 часот.
Утре, на 28 октомври, ќе почне и новата линија Скопје – Мадрид со првиот лет во 16.05 часот. Враќањето на линијата Скопјe – Ларнака ќе почне со лет што пристигнува од Ларнака до Скопјe утре во 7.15 часот.
Летовите што почнуваат денеска, 27 октомври, од Скопје до Стокхолм и Бари, како и од Охрид до Базел, ќе се одвиваат двапати неделно – секој понеделник и петок.
Летовите што започнуваат утре, 28 октомври, од Скопје до Мадрид, ќе се реализираат секој вторник, петок и сабота, а од Скопје до Ларнака – вторник и сабота.
Како што соопштуваат од „TАВ Македонија“, тие очекуваат голем обем на патнички сообраќај на сите пет нови линии на „Визер“ имајќи го предвид фактот дека сите овие градови се атрактивни туристички дестинации, кои беа барани од патниците.
Од петте нови линии што почнуваат денескa и утре, Мадрид и Бари се целосно нови дестинации за македонскиот пазар, односно главниот град на Македонија првпат ќе биде поврзан со шпанската престолнина и со италијанскиот крајбрежен град.
Ларнака и Базел се повторно воспоставени линии, а Скопје – Стокхолм е нова авионска линија бидејќи „Визер“ отсега ќе лета кон главниот аеродром во шведската метропола – „Арланда“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево време со температура до 21 степен
Времето утре наутро ќе биде постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла
Македонија
Божиновска и Јоксимовиќ: Забрзана изградба на гасниот интерконектор Македонија–Србија, се редефинира енергетската карта на регионот
Во рамки на 14. Меѓународен форум за енергија и одржлив развој (IFESD-14), што се одржува во Скопје, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со Јована Јоксимовиќ, помошничка министерка за рударство и енергетика на Република Србија, задолжена за меѓународна соработка и европска интеграција.
Во фокусот на разговорите беше изградбата на гасниот интерконектор меѓу Македонија и Србија, проект од стратешко значење за енергетската безбедност и диверзификација на снабдувањето со гас во регионот.
Двете соговорнички се согласија дека проектот треба да се реализира во забрзана динамика, со цел да се овозможи поврзување на гасните системи на двете земји и пристап до нови извори на гас.
На маргините на форумот dополнително, во Министерството за енергетика на Македонија се одржа работен состанок на кој се дискутираше координацијата на институциите и операторите во двете земји за реализација на проектот. Ба разгледани процедурите и техничките чекори за понатамошно убрзување на активностите.
„Гасниот интерконектор со Србија е еден од најважните регионални инфраструктурни проекти што ќе овозможи вистинска енергетска стабилност и сигурност. Овој проект не е важен само за Македонија и Србија – тој е значаен и за цела Европа. Со оваа нова енергетска врска, двете земји добиваат пристап до алтернативни извори и рути, а Европа добива посилен и подобро поврзан Балкан. Ова е чекор што ја позиционира нашата земја како активен и одговорен партнер во новата енергетска карта на Европа. Нашата заедничка цел е овој проект да се реализира во најкраток можен рок – затоа што секој ден е важен за нашата енергетска иднина. Со заеднички напори ќе го реализираме овој проект, во тесна координација и постојана комуникација со нашите партнери од Србија “ изјави Божиновска.
„Гасниот интерконектор со Македонија е проект кој има значење подалеку од нашите граници. Тој е дел од визијата за регион кој е енергетски поврзан, сигурен и усогласен со европските цели. Србија и Македонија заедно покажуваат дека со партнерство и заедничка стратегија можеме да обезбедиме стабилна и предвидлива енергетска иднина. Соработката меѓу нашите две земји во областа на енергетиката е пример како регионалното партнерство може да донесе конкретни резултати. Соработката со колешката Божиновска и со македонскиот тим е интензивна и исклучително конструктивна. Уверена сум дека со заедничка координација и поддршка на нашите оператори ‘Србијагас’ и ‘Номагас’, ќе создадеме нова енергетска оска на стабилност меѓу двете земји. Имаме јасна динамика, завршени студии и поддршка од европските институции. Следниот чекор е координирана акција за изградба. Заеднички ќе работиме на тоа интерконекторот да стане реалност во најскоро време,“ истакна Јована Јоксимовиќ, помошничка министерка за меѓународна соработка и европска интеграција во Министерството за рударство и енергетика на Србија.
Македонија
Утре без вода делови од Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( Четврток )поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Софиска 7, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Бриселска, Петар Драганов, Његошева, Копенхагенска и Стокхолмска.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности. (општина Карпош).

