Македонија
Нови 68 заразени од коронавирус хоспитализирани во ковид-центрите во Скопје
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализрани 68 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 688 лица сомнителни и потврдени на Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, информира Министерството за здравство.
Во последното деноноќие на интерните и на хируршките клиники имало 29 приеми.
Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 23 примени пациенти, 7 биле примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле биле примени 3 нови болни, а 2 пациенти биле примени на Клиниката за детски болести. На Институтот за физикална медицина се примени 5 пациенти.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 68 оздравени пациенти.
Во моментот во ковид-центрите на интерните и на хируршките клиники се лекуваат 315 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 136 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 150 пациенти, а на Иститутот за белодробни заболувања кај децата во Козле има 33 пациенти. На Клиниката за детски болести има 9 деца позитивни на коронавирусот, а на ГАК има 3 позитивни пациентки. На Институтот за физикална медицина и рехабилитација има 48 болни, велат од Министерството за здравство.
Вкупно 688 пациенти потврдени и сомнителни на Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите е на кислородна поддршка, додаваат од таму.
Појаснуваат дека бројот на приеми во изминатите денови е стабилен и утрово, до 8 часот, имало 88 слободни места, а се очекува во тек на денот, по направените исписи на оздравените пациенти, да се ослободат и дополнителни места.
Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и може да згрижат пациенти што имат потреба од кислородна поддршка, известува Министерството за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кривични пријави за 10 возачи поради возење без возачка дозвола
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишиле од слобода 10 возачи, од кои пет лица за возење под дејство на алкохол, на територија на Куманово, Кривогаштани, Битола и двајца во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Исто така, четири лица се санкционирани затоа што управувале возило без возачка дозвола, на територија на тетовско, Гостивар, Гевгелија и Кавадарци. Еден возач е лишен од слобода поради возење со забрана за управување возило од Б категорија, и тоа во Скопје. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, посочува МВР.
Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.
Македонија
Бегај пречекан со високи почести во Гостивар, Валбон Лимани му го додели „Клучот на градот“
На свечена церемонија со високи почести, градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, вчера оствари официјална средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.
Во просториите на Општина Гостивар, во присуство на пратеници од регионот, општински советници, претставници на верските заедници и истакнати личности од градот, градоначалникот Лимани му го врачи на претседателот Бегај „Клучот на градот“ – највисокото признание што го доделува Општина Гостивар на личности со посебен придонес и значење.
Во своето поздравно обраќање, градоначалникот Лимани ја оцени посетата како момент со посебна политичка и емоционална тежина за градот, истакнувајќи ја симболиката што ја носи присуството на Претседателот на Албанија во град претежно населен со Албанци.
„Посебна чест е што на почетокот на мојот мандат како градоначалник на Општина Гостивар, да му кажам во ваше и во мое лично име: Добредојдовте во Гостивар, Претседателе на Република Албанија. Вашето доаѓање има посебна симболика за нас“, изјави Лимани.
Тој ја оцени улогата на претседателот Бегај во достоинственото претставување на Албанија и на Албанците ширум светот, особено во време на предизвици и значајни геополитички случувања, нагласувајќи дека неговото лидерство внесува смиреност, сигурност и национална гордост.
Во образложението за доделувањето на признанието се наведува: „На Претседателот на Република Албанија, г. Бајрам Бегај, за достоинственото и мудро застапување на сите Албанци и пошироко, низ целиот свет.“
Врачувајќи го симболичниот клуч на градот, градоначалникот Лимани истакна дека со овој чин за претседателот Бегај отворени се сите врати во Гостивар, оценувајќи го овој момент како еден од најзначајните настани во неговиот мандат.
Посетата на претседателот Бегај во Гостивар беше оценета како потврда за силните врски меѓу Албанците и важен чекор кон продлабочување на соработката и националното единство.
Македонија
Филипче за Груби: Сè е договорено
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, посочи дека случајот со враќањето на Артан Груби и одлуката за куќен притвор се јасен показател дека постои политички договор и директно влијание врз судството и обвинителството од страна на власта.
„Еве ги прашањата за Артан Груби. Ние ги поставуваме од моментот кога дојде. Еве и сега ги поставувам. Како е можно на тој начин да се врати бегалец од правдата, да го пречекаат камери, да го пречека специјална полиција и да оди во домашен притвор? Сте слушнале ли одговор од ВМРО-ДПМНЕ? Не. Ниту ќе слушнете. Поради тоа што има договор. Тоа е вистината. На кое прашање до премиерот вие сте слушнале конкретен одговор? Сè е дефокус и сè е бегање од темата. На прашањето коешто јас го поставив – кој е Душан Адамовиќ, новопоставениот конзул на Македонија во Србија – премиерот не одговори. Избегна да одговори затоа што одговорот не му одговара. Секогаш е дефокус – Харис Џиновиќ, Дубаи, плажа. Тоа одговара премиерот. Недоличен речник и начин на коментирање на човек што ја води Владата и државата.“ рече Филипче.
Тој потенцираше дека ваквиот развој на настаните не може да се случи без политичка координација и контрола врз институциите.
„Такви политички договори во коишто судството и обвинителството се послушници никому не носат добро. Уште премиерот фалеше дека ќе го пречека Артан Груби на граница“, нагласи Филипче.
Додаде дека наместо институциите да функционираат независно и согласно законите, јавноста сведочи на координирани чекори – од медиумското покривање на враќањето, до експресното определување куќен притвор.

