Македонија
Новогодишно обраќање на вицепремиерот Битиќи: Солидарноста и сплотеноста сите не прават победници , овие вредности нека не водат низ новата година

Заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, на сите граѓани им ја честита новата 2024 година, за која вели дека е шанса за нов почеток, и да ja искористиме за убави мисли, почит, одговорност и грижа еден за друг, во нашата секојдневна работа и живот.
„Мојата желба е низ оваа година да не водат позитивните вредностите кои не дефинираат сите нас како граѓани на земјава, секој со сопствен белег и придонес кон создавањето на подобро утре. Ова е мојата водилка овие три и пол години како вицепремиер во Владата, која вие ја препознавате како Влада која решава кризи и работи за вашата благосостојба“, вели Битиќи. Вицепремиерот Битиќи во новогодишното обраќање рече дека она што ја прави различна социјалдемократијата, е грижата и поддршката за најранливите. „Затоа сум исклучително горд на мерките со кои граѓаните од ранливите категории полесно ги презимуваат зимите. Овие мерки, кои ги носиме во криза, значат повеќе пари кај оние на кои им е најпотребно, кога им е најпотребно. Не забораваме никој. Помагаме во криза, но одговорно мислиме и на иднината. Токму затоа се фокусиравме и на зголемување на платите. Растот на платите во овие шест години никогаш не бил поголем, и тие ќе продолжат да растат“, вели Битиќи. Вицепремиерот Битиќи се осврна и на напорите на Владата за создавање на предвидливост и за оние кои се дале себеси и својот труд за ова општество. „Затоа донесовме нова методологија за покачување на пензиите, за сите наши пензионери, согласно стандардот за живот. Солидарноста и сплотеноста сите не прават победници. Ова се позитивните вредности со кои ќе надвладееме над поделеноста и разединетоста. Вака ќе чекориме кон иднината, мислејќи на нашите деца, свесни дека токму тие, нашите деца, ќе живеат со последиците од нашите постапки денес. Затоа, за себе потврдувам, но и на сите на кои ни е доверена привилегијата да носиме одлуки, не повикувам, да постапуваме одговорно со нивната иднина, иднината на нашата држава. Да ја направиме да биде светла, јасна, извесна. Ви посакувам Среќна Нова 2024 година“, вели во новогодишното обраќање заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.