Македонија
Ново судење за Савески и Куновски од Шарената револуција
Апелацискиот суд во Скопје ја укина ослободителната пресуда за Здравко Савески и Владимир Куновски, и двајцата учесници во Шарената револуција, пишува во решението на второстепениот суд, до кое дојде „Макфакс“. Тројцата апелациски судии Цветанка Периќ, Тања Милева и Енвер Беџети, ја прифатиле жалбата на основното јавно обвинителство и пресудиле предметот да се суди од почеток.
Советот со кој претседаваше судијката Оља Ристова ги ослободи и двајцата од обвинение дека сториле кривично дело учество во толпа што ќе изврши кривично дело.
Причината за укинувањето на ослободителната пресуда е тоа што судот не дозволил да биде сослушано лице, сведок, како овластен претставник од Канцеларијата на Ѓорѓе Иванов.
Првин обвинителот предложил да биде сослушана во својство на сведок лицето С. С. за да одговори на поставените прашања. Првостепениот суд тоа не го дозволил со образложение дека присутниот сведок од Канцеларијата на Иванов навел дека не може да се произнесе за висината на штетата за оштетениот имот, иако бил повикуван од самиот почеток на постапката, односно две и пол години и бил должен со доаѓањето на судот да биде спремен да одговори на поставените прашања односно да има докази и да го знае износот на штетата.
Советот на Апелација оценил дека образложението на првостепениот суд за одбиениот предлог е неиздржан и спротивен на Законот за кривичната постапка, бидејќи судот не можел да претпостави дека на главната расправа ќе биде присутно овластено лице кое не е запознаено и ги нема потребните податоци за кривично – правниот настан за кој се водела постапката.
Според обвинението на Савески и Куновски им се става на товар дека на 13.04.2016 година околу 20.30 часот пред народната канцеларија на претседателот на државата учествувале во толпа од поголема група граѓани која што толпа со заедничко дејствување оштетила имот.
Обвинетите биле дел од толпата која што со фрлање тврди предмети, удирање, ги скршила излогните стакла и двојната влезна врата на канцеларијата, а потоа влегла внатре при што со кршење бил оштетен инвентарот и ентериерот на канцаларијата, а дел од инвентарот бил изнесен надвор на улица и опожарен, а дел одземен, при што е причинета штета на надворшениот и внатрешниот дел од објектот на народната канцеларија во износ од 522.080 денари.
При повторното постапување, првостепениот суд треба да ги отстрани констатираните суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка.
За учество во толпа што ќе стори кривично дело обвинет е и Мариглен Демири, но судењето се влече со години. За пратеникот Павле Богоевски кој исто така беше обвинет, Обвинителството го повлече обвинението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

