Македонија
Нов обид за собирање потписи за референдум против дигиталните учебници

Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ од денеска до четврток во подрачни одделенија на Државната изборна комисија во Скопје и Битола одново ќе собира потписи за да се поттикне референдум, на кој граѓаните би се изјасниле за предлог-законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование откако во Собранието минатата недела не беше прифатена нивната иницијатива зашто, како што беше посочено, потписите не биле собрани во согласност со со Законот за референдумот.
Собраниската Комисија за политички систем и Законодавно-правната комисија во средата заклучија дека иницијативата е неуредна зашто не е поднесена во законски предвидената форма, односно потписите не се собрани пред овластена институција, каде што во работно време треба да се потпишат и треба печат од институцијата.
Иницијаторите што дејствуваат здружени преку фејсбук-група соопштија дека поднеле барање до ДИК за отворање изборни органи за собирање на првите 100 потписи, потребни за да се оформи предлог за иницирање референдум на државно ниво, што ќе го поднесат повторно во Собранието.
„За таа цел, отворени за собирање потписи ќе бидат Подрачното одделение Центар (за општините Центар и Аеродром) и Подрачното одделение Битола (за општините Битола, Новаци и Могила), во деновите 25, 26 и 27 мај од 8.30 до 16.30 часот“, информираа од Граѓанската иницијатива.
Доколку е уредно поднесена, постапката продолжува понатаму – двете комисии упатуваат извештај до претседателот на Собранието. За да се предложи референдум, доволни се сто граѓански потписи, а потоа иницијативата треба да се потврди со 10.000 потписи по што надлежните органи треба да распишат референдум на државно ниво.
Од Иницијативата за среда закажаа протести во целата држава. Тие се спротивставуваат на предлогот на Министерството за образование и наука за реформи во образованието во делот на дигитализацијата на учебниците.
Според предлог-законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование, од учебната 2021/2022 година ќе бидат воведени дигитални учебници, најпрвин во четврто одделение, а во наредните години и во погорните одделенија, како и во средното образование. Според предлог-законот, учениците до трето одделение ќе продолжат да учат од печатени (хартиени) учебници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.