Македонија
Непознато лице ја изместило камерата за да не се види поместувањето на телото на Зијадин Села
Обвинетите во судницата во кривичниот суд на рочиштето за обидот за убиство на Зијадин Села гледаа снимки од безбедносните камери од приближно еден час. Двете снимки кои беа пуштени се од безбедносната камера што се наоѓа над влезната врата во прес-салата. Можеа да се забележат и движења на пратеници, новинарски екипи, но изнесувањето на пратеникот Зијадин Села од прес-салата не може да се види во целост бидејќи непознато лице со рака ја поместило безбедносната камера, па половина од кадарот е свртен во ѕидот.
Од тоа што можеше да се види се раката и ногата на Села, се гледа оти е фатен за раце и нозе и го изнесуваат од прес-салата. Меѓу лицата кои го изнесуваат е еден од обвинетите Александар Јаневски – Тошта и сведокот Антонио Кочков, а по неколку метри им се приклучува и обвинетиот Стојан Павловски – Кобра.
На почетокот на снимките се гледа моментот кога толпата доаѓа кон прес-салата, меѓу нив и лица со фантомки, кои се расправаат со обезбедувањето па се повлекуваат. Во третиот наврат лицата со фантомки се мешаат со толпата и влегуваат во прес-салата. Меѓу оние со фантомки е и едно од лицата со црна маица со број 46 кое беше посочувано како напаѓач од сведоците. Се забележува дека во прес-салата влегуваат и сведоците кои сведочеа на минатите рочишта, меѓу кои и Абдулфета Аљими од обезбедувањето на Собранието кој инаку е обвинет за терористичко загрозување на уставниот поредок на крвавиот четврток. Обвинителот Дарко Јакимовски нагласи дека на снимката се гледа и новинарка за која сведоците зборуваа дека цело време снимала и кај којашто бил извршен претрес за да ѝ се одземат видеоснимките.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

