Македонија
Обвинение за поранешниот градоначалник на општина Чашка

Основното јавно обвинителство Велес поднесе обвинение против поранешниот градоначалник на општина Чашка за злоупотреба на службената положба и овластување. Тој е осомничен дека ја оштетил Општината за над 1,3 милиони денари.
„Обвинетиот на 17.12.2015 година во име на општината склучил договор со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, за исплата и користење на средства во висина од 14.486.226 денари од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој 2015, наменети за реконстуркција на делницата од локалниот пат с. Мокрени – место викано Теовски Уши. Вкупниот потребен износ средства за реконстуркција на патот биле 17.093.747 денари со вклучен ДДВ кој паѓал на товар на општината. Потоа, на 10.12.2015 година обвинетиот во име на општината, по спроведена постапка, склучил Договор за јавна набавка на работи со ГД Изгрев инженеринг ДООЕЛ Велес и извршил уплата на авансни средства во висина од 2.897.245 денари кои претходно Агенцијата ги исплатила на општината“, се наведува во соопштението.
Откако изведувачот ги завршил градежните работи и доставил завршна ситуација на градбата, обвинетиот како градоначалник на општината бил должен да изврши уплата на целиот долг. Но, иако согласно одредбите од договорот со Агенцијата, било забрането општината како корисник на средства од Агенцијата за финансика поддршка на земјоделството и руралниот развој да врши нивна пренамена, обвинетиот од доделените наменски средства за реконстукција на патот уплатил 5.777.855 на изведувачот, а останатите средства во висина од 5.315.369 денари ги искористил за подмирување на други тековни обврски на општината.
Поради ненаплатениот износ за извршените работи во висина од 8.418.288 денари со вклучен ДДВ, изведувачот повел постапка за присилна наплата на побарувањето. Во текот на извршната постапка, покрај основниот долг, биле наплатени и трошоци за извршување, за адвокатски услуги и за камата за задоцнето плаќање, за кои заклучно со 25.4.2018 година од сметката на општината биле повлечени средства во износ од вкупно 1.357.826 денари, за кои општината е оштетена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Научно-технолошки парк ќе биде основан на техничкиот кампус на УКИМ

Владата на денешната седница ја разгледа и усвои Информацијата за отпочнување активности за основање Мултифункционален научно-технолошки парк, со цел поттикнување на постојан економски раст преку инкорпорирање на знаење, иновации и современи технологии за создавање производи и услуги со висока додадена вредност, конкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Според извршените анализи, како најсоодветна локација за реализација на проектот е идентификуван техничкиот кампус на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кој нуди интеграција со академската средина, услови за трансфер и комерцијализација на знаење, добра инфраструктурна поврзаност (патна, железничка, автопатска и аеродромска), како и потенцијал за привлекување компании, инвеститори и стартапи.
Планирано е паркот да се состои од една или повеќе згради со современа електрична и телекомуникациска инфраструктура, како и флексибилен и ефикасен работен простор, со цел да се создаде регионален центар за иновации, развој и вмрежување.
Дополнително, Владата, а на предлог на Министерството за транспорт, ја разгледа и усвои Информацијата за отпочнување со реализација на неколку улици во Општина Гевгелија, и тоа: Реконструкција на главна улица во с. Моин, реконструкција на улица „Атанас Ѓуров“ во с. Прдејци и реконструкција на улица „Иван Марков Братот“ Богородица, како и проектот: Изградба на водоснабдителен систем во с. Љубанци и с. Љуботен во Општина Бутел.
Македонија
Со потврда од матичен лекар, невработените до четврток можат да се пријават за гаснење пожари за 24.000 денари месечно

Огласот за ангажирање 400 невработени лица за помош при гаснење пожари на Владата е отворен до четврток, потсети денес Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Единствен документ што им треба да пријавување е потврда од матичен лекар дека се здрави, а пријавувањето е во локалните центри за вработување.
„Ги повикувам сите заинтересирани лица за оваа владина мерка најдоцна до четврток да поднесат апликација во локалниот центар за вработување, во кој било град во државата. Таму ќе ги пополнат потребните документи. Значајно е дека треба да донесат медицинска потврда од матичниот лекар, во којашто се потврдува дека не боледуваат од тешки болести, кои би им пречеле во работењето на оваа исклучително одговорна задача. Други документи не се потребни. Од оние кои ќе покажат интерес за оваа работа ќе ги избереме најдобрите и ќе може да бидат примени како професионални пожарникари во локалните територијални противпожарни единици. Најдобрите од нив, особено оние кои што гравитираат во Скопје и околината, ќе имаат можност да конкурираат и да бидат дел од новата специјална единица за заштита и спасување, која што е во фаза на формирање“, рече директорот на ДЗС, Ангелов.
Мерката предвидува, невработените лица кои ќе бидат ангажирани за извршување јавни работи, со фокус на создавање противпожарни појаси и други активности за спречување и намалување на ризикот од пожари, да добиваат месечна плата од 24.000 денари. Владата ја најави оваа мерка минатата недела, директорот Ангелов рече дека иако платата на прв поглед не е примамлива, постои можност за професионално ангажирање на најдобрите.
Владата ја промовираше оваа мерка за да го намали хроничниот недостаток од пожарникари. Во моментов земјава има само околу 800 пожарникари од потребните 1500.
Македонија
Од септември за прв пат образовни асистенти ќе има и во основните и во средните училишта, најмногу досега, соопшти МОН

„Во новата учебна година за прв пат образовни асистенти ќе има не само основните, туку и во средните училишта, за што, актуелната Влада предложи, а пратениците усвоија ново законско решение кое значи унапредување на инклузивноста на националниот образовен систем“, велат од МОН
„Веројатно ова е болката во редовите на политичката партија СДСМ, каде откако им пропаднаа обидите да ја манипулираат јавноста со обвинувања дека од септември ќе нема учебници, сега се преориентираат и обидуваат со нови измислици да ги вознемируваат родителите и старателите на учениците со попреченост, а со тоа да влијаат на креирање на јавното мислење за работењето на актуелното раководство на Министерството за образование и наука.
МОН реагира на обвинувањата дека образовните асистенти се отпуштаат од работа и процесот на вработување се партизира, како и дека се ангажираат несоодветни кадри.
Ангажирањето на образовните асистенти е целосно транспарентен процес и не го спроведува министерството, туку го спроведуваат раководствата на основните и средните училишта со ресурсни центри, од кои, дел се поставени токму во времето кога владееше СДСМ, партијата што денес го оспорува нивното работење, додека МОН верува во нивната стручност и професионалност.
Нивниот ангажман е на определено време, а тоа е така затоа што бројот на потребен кадар секоја година е различен и зависи од потребите кои ќе ги пријават родителите/старателите на учениците со попреченост. Секој образовен асистент за секоја следна учебна година, повторно аплицира на јавен повик за да биде ангажиран.
Новото раководство на министерството иницираше проширување на нормативот за овој тип на стручен кадар, за да може да се ангажираат доволно образовни асистенти, лица со соодветно образование и да се задоволат потребите на сите редовни основни, а за прв пат и на редовни средни училишта во кои има ученици со посебни образовни потреби.
На јавно објавените огласи се пријавуваат многу кандидати, а се примаат оние кои ги исполнуваат условите и се најдобро рангирани од страна на комисиите кои, повторно напоменуваме, ги формираат училишните раководства. Како што посочивме, во најголем дел, тоа се кадри кои биле ангажирани и во изминатите учебни години, со оглед дека станува збор за област со кадровски дефицит.
Иако, примарната улога на еден образовен асистент е да обезбедува поддршка на наставникот во начинот на пристапување и задоволување на посебните образовни потреби на учениците во еден клас, сепак, ја разбираме сигурноста на родителите/старателите кога детето има образовен асистент кој целосно му е посветен само нему, секој училишен ден. И затоа, направени се измени на правната регулатива, да се излезе во пресрет на сите ученици, родители/старатели. Училиштата со ресурсни центри согласно законските прописи прават напори образовниот асистент да продолжи да работи со ученикот на кој и до тој момент му обезбедувал асистенција за полесно совладување на наставната материја и секојдневните обврски.
Напоменуваме и дека оваа година за прв пат, огласите за ангажирање образовни асистенти се објавени во месец јуни, за изборот да биде завршен пред почеток на учебната година и навремено да ја започнат својата работа во училиштата.
СДСМ со вакви неосновани обвинувања и лиферување лажни вести за да ја поткопа довербата на јавноста кон институциите, всушност го губи сопствениот кредибилитет меѓу народот. Би било добро да слушнеме некоја конструктивна идеја во следниот период и да видиме прогрес во редовите, наместо да гледаме лет во место“, соопштуваат од МОН.