Македонија
Обвинителството и Комитетот за истраги на воздухопловните несреќи ги разгледаа можностите за соработка и координација

Јавниот обвинител, Љупчо Коцевски денеска оствари средба со истражители од Комитетот за истраги на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, предводени од претседателот на ова тело, Зоран Илиевски.
На средбата беа разгледани можностите за соработка и идна координација меѓу двете институции во постапувањето по несреќите и сериозните инциденти кои можат да ја загрозат безбедноста на воздушниот сообраќај.
Во таа насока беше договорено да отпочне постапката за усогласување и потпишување на меморандум меѓу Јавното обвинителство и Комитетот со кој ваквата соработка и начинот на постапување во иднина дополнително ќе се унапредат, информираа од Јавното Обвинителство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Еколошкиот систем за гасење пожар на Борис Јанковски и Искра Јанковска-Михајловска, награден за Патент на годината

Еколошкиот систем за гасење пожар, изум на компанијата за истражување и развој „Веда“ и изумителите Борис Јанковски и Искра Јанковска-Михајловска, ја доби највисоката државна награда за изуми „Патент на годината“.
Наградата традиционално годишно ја доделува Државниот завод за индустриска сопственост.
„Веда“ е мала семејна компанија основана во 1991 од Јанковски кој е инженер и истражувач, а ја раководи ќерката Јанковска-Михајловска.
„Ова е многу значајно за развој на нашиот бизнис, бидејќи сме фирма што ги продава технологиите што ги создава. Но, без иновации нема напредок. Овој пронајдок е значаен за развојот на различни бизниси во кои може да се имплементира, а во исто време да ја заштити животната средина“, вели Јанковска-Михајловска.
Изумот овозможува гасење во моментот на настанување на пожарот, што е приоритет во техниките на гасење. Користи супстанца што е потврдена како нетоксична според меѓународни стандарди и протоколи, а тоа е важно затоа што Европската комисија постојано ги заострува регулативите поврзани со емисија на токсични гасови.
Оваа супстанца е соодветна за употреба во станбени и јавни простори, во простории каде што има луѓе и е безбедна алтернатива на постојните системи за гасење пожари, кои поради нивната штетност за околината се во процес на повлекување во Европската унија.
„Системот може да се примени во различни сектори, електрични возила, камиони, автобуси, воена и полициска опрема, системи за производство на енергија од сонце и ветер. За време на ковид кризата со тимот работевме интензивно на овој систем, со поддршка на Фондот за иновации, и стасавме до фаза кога веќе може да влезе во индустриско производство“, изјави изумителот Јанковски.
Овој пронајдок во 2022 ја доби првата награда на американскиот натпревар за висока технологија поддржан од американската армија и Министерство за одбрана на САД, а следната година Искра Јанковска-Михајловска во Вашингтон го доби признанието „Жена во фокус на технологијата“.
Македонија
Крајно време е да престанеме да преговараме за идентитетските прашања со кого било, рече Муцунски

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски рече дека Владата се стреми кон компромис, кој ќе биде рационален за да се откочи патот кон Европската Унија. Тој е дециден и дека е крајно време е да престанеме да преговараме за идентитетските прашања со кого било како држава, а се осврна и на владината позиција да се стави крај на билатеризацијата на европската интеграција, која, ако стане пракса, ќе предизвика штета на целиот регион.
„Нашите позиции се да се стави крај на билатеризацијата на европската интеграција и нешто што го повторувам дека создавањето пракса на билатерализација штети на целиот регион. Процесот на проширување нема да биде конечен без интеграција на целиот регион“, рече Муцунски одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи на Црна Гора, Ервин Ибрахимовиќ.
Шефот на македонската дипломатија изјави и дека посветеноста кон европската интеграција треба да престане да се мери по капацитетот на отстапките на која било влада по однос на националните прашања.
„И што доколку утре се прифати тоа што се бара од нас? Што доколку утре се случат уставните измени и за шест месеци повторно сме во иста ситуација. И повторно ќе треба и дијалог и разговори и повторно ќе биде закочен процесот на преговори. Ги следам и пораките што доаѓаат дека реформската агенда, доколку се исполни, ја врши и дел од работата на самите преговори. Притоа, нагласувам, не мислиме како Влада дека реформската агенда може да го замени процесот на преговори, тоа е далеку од нашата позиција. Но, реформската агенда, прво, може да биде трансформативна за целата држава, а второ, ќе ја покаже и на дело нашата посветеност кон европската интеграција“, рече Муцунски.
Тој изрази и надеж дека европскиот парлмент ќе ја продолжи традицијата на извештаи кои се позитивни кон напредокот врз основа на мерит-критериумите за членство во Унијата.
Македонија
Мицкоски: Се укинуваат визите за Обединетите Арапски Емирати

Последната посета на Обединетите Арапски Емирати го донесе првиот конкретен резултат. На наше барање тие ги укинуваат визите што беа потребни за патување во оваа земја, објави премиерот Христијан Мицкоски на социјалните мрежи.
Набргу, како што појаснува, со конкретната примена на одлуката за безвизното патување ќе се влијае на посилна економија, слободно патување, зајакнување на меѓусебното партнерство.
„Се бориме на секој можен начин да им се помогне на нашите граѓани и со секој ден да се носат промени за заедничката иднина“, пишува Мицкоски.