Македонија
Обвинителството почна да ги испитува очевидците на автобуската несреќа кај Ласкарци
Поради координација и поголема динамика во постапувањето на сите надлежни институции при утврдувањето на причините на автобуската несреќа што се случи на автопатот Скопје – Тетово кај селото Ласкарци, во скопското обвинителство се одржал работен состанок на претставници од обвинителството, Министерството за внатрешни работи, Бирото за судски вештачења, Машинскиот факултет во Скопје и на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија.
„Со цел да се обезбеди динамика во утврдувањето на сите релевантни факти и причините кои доведоа до несреќата, Основното јавно обвинителство Скопје во текот на денешниот ден започна со испитување на очевидците на настанот, а во текот на неделата свој исказ пред надлежен јавен обвинител ќе даде и возачот на автобусот“, соопшти обвинителството.
МВР ги доставило до обвинителството скицата, фотодокументацијата и други писмени прилози за сообраќајната несреќа, а треба да биде доставен и записникот за извршениот увид на местото на настанот.
Обвинителството издало наредби за обезбедување други писмени докази од правното лице „Дурмо турс“ – сопственик на автобусот, како и од ресорните министерства за транспорт и врски и за внатрешни работи.
„До Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија беа доставени наредби за обдукции на сите починати лица, а од здравствените установи беше побарана комплетната медицинска документација за повредените“, се додава во соопштението.
Побарани се и листинзите од мобилниот телефон на возачот, а за самиот телефон изготвена е наредба за вештачење, со цел да се утврди дали во критичното време возачот активно користел некоја од комуникациските врски на тој телефон. До Машинскиот факултет во Скопје во петокот беше доставена наредба за вештачење на техничката исправност на автобусот во моментот на несреќата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бесплатен интернет во новиот парк-плоштад во Марино
Општина Илинден во соработка со Германската агенција за меѓународна соработка (ГИЗ) започна со реализација на активностите за поставување бесплатна јавна WiFi мрежа на новиот парк-плоштад во Марино.
„Проектот е дел од иницијативите за унапредување на дигиталната поврзаност во регионот на Западен Балкан и претставува значаен чекор кон модернизација на јавните простори и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Со имплементацијата на оваа услуга, посетителите на парк-плоштадот ќе имаат можност за бесплатно и неограничено користење на интернет, овозможувајќи полесна комуникација, пристап до информации и дигитални услуги додека уживаат во погодностите на овој урбан простор“, велат од Општината.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна дека дигитализацијата на локално ниво претставува стратешки приоритет на општината, при што нагласи дека континуираното вложување во паметни и иновативни решенија е насочено кон создавање модерна, функционална и урбана средина, која одговара на потребите на граѓаните и на современите општествени текови.
Македонија
Општина Битола објави повик за доделување финансиски средства на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти
Општина Битола го објави јавниот повик за доделување на финансиски средства од буџетот на општина Битола на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти за 2026 година.
Право на учество на јавниот повик ќе имаат спортски клубови, спортски здруженија, спортисти во сениорски и младински категории, како и другите физички и правни лица од областа на спортот чиешто регистрирано седиште, односно живеалиште се наоѓа на подрачјето на Општина Битола.
Пријавите треба да се достават до Општина Битола преку пошта на адреса; Општина Битола, Булевар 1 –ви Мај број 61, 7000 Битола или да се достават во архивата на Општина Битола од 07:30 часот заклучно со 15:30 часот до последниот ден од Јавниот оглас.
Рокот за поднесување на пријавите започнува од 25.02.2026 година и трае заклучно со 11.03.2026 година.
Пријавите од јавниот повик ги разгледува Комисијата за млади и спорт од Советот на Општина Битола и согласно критериумите ја одбрува висината на финансиската поддршка. Финансиската поддршка согласно програмата за активностите во областа на спортот и младите во Општината Битола за 2026 изнесува 2.000.000,00 денари за спортски клубови/спортски здруженија и 1.000.000,00 денари за индивидуални спортисти.
Повеќе за јавниот повик на следниот линк: https://www.bitola.gov.mk/sportski-klubovi-zdruzenija-i-sportisti/
фото/ Depositphotos
Македонија
Заев поднесе тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев
Поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев поднел тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев за како што вели, клевета и нарушување на чест и углед.
„Поднесени се тужбите против Бране Петрушевски и Жан Митрев за клевета и нарушување на чест и углед.
Не постои никаква дилема дека ќе се докаже лагата и на двајцата.
Надоместокот од добиените тужби ќе оди за децата без родители и лицата со посебни потреби“, објави Заев на социјалните мрежи.

