Македонија
Обдукцискиот наод за Вања се уште не е изготвен и доставен до обвинителството

Обдукцискиот наод за 14 годишната Вања Ѓорчевска се уште не е изготвен и доставен до обвинителството, велат оттаму.
Од обвинителството додаваат дека се во постојана комуникација и размена на податоци со Институтот за судска медицина.
Повеќе детали за анализите и проверките кои се прават не се соопштуваат во интерес на истрагата.
–Дејствијата на сите инволвирани се предмет на истрага во моментов за што секојдневно се прибираат вербални и материјални докази кои меѓусебно се споредуваат. Јавното обвинителство апелира во текот на истрагата да не се шират непроверени информации кои можат да наштетат на постапката, но и дополнително да ја вознемират јавноста, велат од ОЈО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно и нестабилно, наместа со пороен дожд, силен ветер и грмежи

Под влијание на топла и нестабилна воздушна маса од југ, следува период на променливо облачно и нестабилно време со повремени врнежи од дожд. Наместа врнежите повремено ќе бидат поројни ( над 15 л/м2) во форма на невреме проследени со грмежи и силен јужен ветер (над 60км/ч). Поинтензивни процеси ќе има утре во вечерните часови, во текот на ноќта и во четврток претпладне, информира УХМР.
Преодно стабилизирање на времето ќе има во петок. Во сабота локално, а во недела и понеделник на повеќе места ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Ветерот ќе го смени правецот во северен, што ќе предизвика опаѓање на дневните температури (7 до 10 степени).
Во Скопје, променливо облачно и топло со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината врнежите ќе бидат поројни проследени со грмежи и силен ветер, особено во ноќта кон четврток. Нови врнежи од дожд ќе има во недела и понеделник.
Македонија
Жерновски: Добредојдовме во новото ненормално, во кое сме западнобалканска копија на Орбан

Поранешниот амбасадор и поранешен заменик-министер за надворешни работи Андреј Жерновски преку објава на социјалните мрежи реагира на владината надворешна политика.
„Се јави вистинскиот министер за надворешни работи, со што добивме потврда дека он и ден-денес е креатор на македонската дипломатија кога неговата партија е на власт.
Секако и за да го укори оној кој мисли дека е министер и кој не’ уверува дека, како беше она… а да: САД е стратешки партнер, а ЕУ стратешка цел. Генијално!
Уште погенијално е да се фалите на глас дека надворешната политика ви е на иста линија и усогласена со онаа на Орбан, познатиот енфан терибл на ЕУ“, вели Жерновски.
Во напишаното тој додава дека додека еврокомесарката за проширување Марта Кос информира дека Црна Гора и Албанија би можеле да ги завршат преговорите за членство во ЕУ во 2026, ние упорно тонеме ли тонеме.
„Да, тоа е онаа иста Албанија за која не’ молеа да не се издвојуваме од неа и да ја почекаме. Потоа не’ стигна, набрзо и престигна, благодарејќи на “успешната диломатска офанзива” на ВМРО-ДПМНЕ.
Затоа, добредојдовме во новото (не)нормално, во кое, меѓу другото, сме западнобалканска копија на Орбан.
Среќа што станавме, како што ни кажа премиерот, најголема економска сила на ова подрачје, па некако се намалува горчливиот вкус од неговото владеење.
Добро е. Економијата цвета, платите растат, цените паѓаат.
Има надеж“, стои во објавата на Жерновски.
Македонија
Спречени обиди за шверцување облека и парфеми со потписи на познати трговски марки, суплементи за миленици

Царинската управа извести дека во текот на минатата недела, царинските службеници спречиле повеќе обиди за криумчарење разна стока.
„636 парчиња облека со ознаки на заштитени трговски марки се откриени од мобилен царински тим, при контрола на камион со македонски регистарски таблички натоварен со стока со потекло од Турција. Случајот е откриен при длабинска контрола на товарно моторно возило извршена во царинскиот терминал Скопје 4.
4,32 килограми и 1.17 литри (75 пакувања) разни суплементи за домашни миленици (Multivit, Ascoraid, Petimmun Plus, Dentalcare, O2 Care Plus, Milk Thistle, Retino – A Plus, Derma Zn, Bladdercontrol и други), се откриени од мобилен царински тим при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички на влез во државата на граничен премин Блаце.
20 инјекции за домашни животни ENZAPROSТ T од 50ml, се откриени од страна на Службата за мобилни скенери, при контрола на камион на влез во државата на граничен премин Табановце. Инјекциите се пронајдени на креветот во кабината на камионот.
16 парфеми Versace, Paco Rabanne, Cacharel, Calvin Klein и други, се откриени од царински службеници на Меѓународниот аеродром Скопје, при контрола на патни торби на турски државјанин кој допатувал со лет од Турција“, соопшти Царинската управа.
Во пет случаи запленети се делови за автомобили во вкупна вредност од над 200 илјади денари откриени од царински мобилни тимови и царински службеници, од кои во два случаи во соработка со МВР.
– Три комплети глава за мотор со вентили и работилка и две коленести вратила за патнички возила се откриени од страна на царински мобилен тим при контрола на автобус управуван од македонски државјанин на граничен премин Табановце.
– Во два случаи мобилни тимови запленија 20 комплети употребувани алуминиумски и челични бандажи со гуми. Случаите се откриени во соработка со Министерството за внатрешни работи, по извршена контрола на камиони на патниот правец Табановце – Куманово.
– Царински службеници во царинска испостава Ново Село при контрола на товарно возило и приколка пријавени за увозно царинење открија бандажи и гуми за патнички возила, кои не биле опфатени со царинските документи.
– Во друг случај царинските службеници на влез на граничен премин Ново Село спречија криумчарење на 164 парчиња разна стока меѓу којашто и автоделови, облека, алати, козметика, средства за лична хигиена и друго. Непријавените производи се пронајдени во просторот за палети на камион со бугарски регистарски таблички управуван од македонски државјанин.
Мобилен царински тим заплени 39 комплети машки тренерки откако истите се пронајдени во патните торби на македонски државјанин, при контрола на автобус на влез во државата на граничниот премин Богородица, извести Царинската управа.