Македонија
Облачно време со повремени врнежи од дожд

Вренето денеска ќе биде облачно, ветровито и значително постудено со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег.
Пообилни врнежи (над 20 л/м2) ќе има во јужните и источните делови. Кон крајот на денот врнежите од дожд ќе преминуваат во повремен снег и на некои повисоки места. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец, поизразен вдолж Повардарието.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 5 до 10 степени.
Во Скопје, облачно и значително постудено со врнежи од дожд и со умерен, повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне 9 степени.
Во следните денови ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет. И во понеделник ќе се задржи значително постудено време со дневни температури кои ќе бидат под просекот за овој период од годината. Од вторник наместа ќе има утрински температури под нулата, а дневните ќе бидат во постепен пораст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Билатералните односи и евроинтеграцијата во фокус на средбата на Пендаровски и Мицотакис во Давос

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Давос оствари средба со премиерот на Република Грција, Киријакос Мицотакис
Од кабинетот на Пендровски информираа дека за време на состанокот, двајцата изразиле подготвеност за натамошно унапредување на билатералните односи.
Соговорниците, како што наведува, разменија мислења и за перспективите на Северна Македонија во однос на евроинтеграциските процеси и актуелните предизвици со кои се соочува регионот од безбедносен и економски аспект.
Покрај тоа, Пендаровски оствари куса средба и со Бернар Емие, директор на француската генерална дирекција за надворешна безбедност (ДГСЕ) и со претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард.
„На средбата со Бернар Емие беа разменети мислења за руската воена агресија во Украина, актуелните состојби во регионот на Југоисточна Европа, како и за перспективите за членство на земјите од регионот во Европската Унија. Со оглед на актуелните безбедносни предизвици и потенцијални ризици, претседателот Пендаровски ја нотираше важноста од интензивирање на соработката меѓу безбедносните агенции на земјите-членки на НАТО“, информираа од Кабинетот.
Во разговорот со Кристин Лагард, разменети биле мислења за глобалните економски текови и мерките кои се преземаат со цел ублажување на финансиските последици од војната во Украина.
Во таа насока станало збор за ефектите на монетарната политика на ЕЦБ врз македонската економија и економиите во нашиот регион.
Македонија
Се преговара за набавка на посебни ПЦР-тестови за мајмунски сипаници

Здравствениот систем се подготвува за евентуална појава на мајмунски сипаници и кај нас, извести денес Комисијата за заразни болести.
Доктор Злате Мехемдовиќ, портпарол на Комисијата, соопшти дека Институтот за јавно здравје преговара за набавка на посебни ПЦР тестови за дијагностицирање.
„За мајмунски сипаници Комисијата покажа загриженост, има ширење надвор од оние ендемични басени како што е централана и западна Африка. Целта на Комисијата е да го подготвиме системот колку е можно подобро за да одговориме на евентуална епидемија и во нашата земја. Затоа денес на Комисијата беа дискутирани клиничките патеки за следење, скрининг, дијагностика и третман на пациентите кои ќе бидат евентуално заболени од мајмунски сипаници и што би требало понатаму да се преземе за тие патеки да бидат точно дефинирани и да можеме да имаме поподготвен здравствен систем“, рече Мехмедовиќ.
Патеките се уште не се прецизно дефинирани, Мехмедовиќ најави дека ќе ги соопштат во моментот кога ќе бидат целосно утврдени. Мајминските сипаници се потврдуваат со посебен ПЦР, за чија набавка Институтот за јавно здравје почнал преговори.
„Вирусот иако во светот постои половина век, ретко се наоѓаше на овие простори и оскудни се податоци за дијагностички процедури, сите земји имаат проблем да обезбедат дијагноза и третман. Институтот за јавно здравје е во преговори за набавка на китови за дијагностицирање преку ПЦР тестирање, но посебни ПЦР тестови. Со СЗО се разговара и за набавка на терапиите кои може да бидат земни предвид, тоа се вакцините и „тековиримат“, оној лек кој што е специфичен за мајмунските сипаници“, вели Мехмедовиќ.
Од денес на сајтот на Институтот за јавно здравје е достапен информативен памфлет за начинот на кој се пренесува болеста и за тоа какви симптоми се појавуваат.
„Се работи за болест за која е претежно карактеристична промена на кожата, во форма на егзем, Прво може да бидат во форма на макули, мали испакнатини, потоа меурчиња кои може да станат гнојаници, на крај стануваат крусти. Пропратно се јавуваат симптоми како покачена температура над 38,5, болки во мускулите, болки во грбот и генерална малаксаност на телото. Симптомите не се разликуваат од останатите вирусни инфекции или вируси кои се поврзани со сипаници“, објасни Мехмедовиќ.
На денешниот состанок Комисијата дала и препорака место ПЦР тест за операции да се користат брзите тестови, кои им се достапни на сите здравствени установи, а истовремено ги задолжила комисиите интерхоспитални инфекции да изготват протоколи согласно препораките на Комисијата за употреба на брзите тестови.
„Информациите кои ги добив од Министерството за здравство се дека околу 1000 антигенски тестови практично и се достапни на секоја здравствена институција која може да ги користи во кое било време. Залихи има. Граѓаните не треба да ги купуваат тестови, може да ги добијат во самата здравствена установа во која се упатуваат на дијагностика и на дополнителни процедури“, рече Мехмедовиќ.
Од пациентите кои треба да бидат сместени во болница за дијагностика или операција сега се бара да приложат негативен ПЦР тест направен еден ден пред сместувањето во болница.
Македонија
Ковачевски: Да се радуваме и да се гордееме со прифаќањето на МПЦ-ОА како автокефална

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, оствари средба со поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Архиепископот охридски и македонски Г.Г. Стефан, по повод одлуката за стекнување автокефален статус со кој МПЦ-ОА се прифаќа како еднаква со другите сестрински цркви во православната заедница.
На средбата, премиерот Ковачевски на Архиепископот охридски и македонски Г.Г. Стефан му го предаде писмото со честитки по тој повод во негово име и во име на Владата.
„Бидете горди и радувајте се затоа што на Вашата генерација ѝ припадна честа и подвигот МПЦ-ОА, како наследничка на древната Охридска Архиепископија, да биде впишана како автокефална, еднаква со сите други, во диптихот на Вселенската Патријаршија во која се запишани сите канонски православни цркви во светот. Ваше Блаженство, го избравте единствениот пат за решавање на заслужениот статус на МПЦ-ОА. Со оваа канонски исправна одлука, со радост и без најмала воздржаност ќе ја дочекаме заедничката служба со претставниците на останатите православни цркви во седиштето на Цариградската патријаршија со која ќе се прифати МПЦ-ОА како рамноправна сестринска црква“, наведе Ковачевски во писмото.
Премиерот му честита и на народот на трпеливоста и на истрајноста, како и на вербата дека заслужуваат да го дочекаат денот кога ќе бидат прифатени во љубов и кога ќе се радуваат на возобновена Охридската Архиепископија во лицето на МПЦ како еднаква и официјално прифатена во заедницата православни цркви.