Економија
Објавена јавна набавка за реконструкција на патот до селото Трново
Во електронскиот систем за јавни набавки е објавен тендерот за избор на изведувач за реконструкција на локалниот пат до селото Трново. Проценетата вредност на овој проект е 24.700.000 денари.
Патот ќе се реконструира на потегот од раскрсницата за Ниже Поле, до откупната станица за млеко во селото Трново, односно до делницата до каде што е изработен колекторскиот систем за собирање на отпадните води од домаќинствата и туристичките објекти во селото. Должината на оваа делница е 2009 метри.
Во потегот кај селата Трново-Магарево веќе е изградена пречистителната станица во вредност од над 9.000.000 денари, а исто така изработен е колекторски систем во должина 2029 метри, чија вредност е 21.879.853 денари. Колекторскиот систем во следните фази ќе ги опфати останатите делови од селата Трново и Магарево.
„Со реконструкцијата на овој дел од патот се заокружува една етапа од вложувањето во овој дел од Потпелистерието, односно од заложбата на оваа локална самоуправа да се добие комплетно поинаква слика во однос на зголемувањето на квалитетот на животната средина. На тој начин во Потпелистерието се отвора потенцијал за уште поголем развој на туризмот“, велат од општина Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Цената на мазутот се зголемува, бензините и дизелот остануваат непроменети
Регулаторната комисија за енергетика, донесе oдлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,55 % во однос на одлуката од 10.6.2024 година.
Од 14.6.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 80,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 82,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 43,639 (денари/килограм)
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,164 ден/кг и изнесува 43,639 ден/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,735%, кај дизелот зголемување 3,460%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 3,460% и кај мазутот зголемувањето е за 3,375%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,335%
Економија
Соработка на Народната банка со централната банка на Австрија за најдобрите практики во областа на управувањето со податоците
Квалитетното управување со податоците е предуслов за ефикасно извршување на задачите во современите централни банки. Оттаму, за понатамошно унапредување на работењето на Народната банка во оваа област, од посебно значење е билатералната соработка со Народната банка на Австрија, во рамките на Втората фаза од Регионалната програма за зајакнување на капацитетите на централните банки на Западен Балкан, финансирана од ЕУ.
Во периодот од 3 до 5 јуни 2024 година, дел од вработените од Дирекцијата за статистика и Секторот за информатичка технологија остварија студиска посета во австриската централна банка и имаа можност да стекнат практично искуство за процесот на управување со податоците, концептот на складиште на податоци, системот за управување со податоците, како и алатките за обработка, развој и дистрибуција на податоците, анализите и извештаите во рамките на системот. Предмет на дискусија беше и процесот на управување со квалитетот на податоците преку соодветен пристап на приспособување кон промените во методологиите, моделите на податоците, воспоставувањето соодветна архитектура, чувањето, разменувањето и активното користење на податоците од страна на корисниците, при што акцентот беше ставен на специфичните потреби коишто произлегуваат од функциите на централните банки.
Експертите од Австриската централна банка активно ги споделија своите знаења, практичните чекори од процесот на спроведувањето и најдобрите практики во областа на управувањето со податоците, што придонесе кон зајакнување на нашиот институционален капацитет и ќе биде корисна насока во преземањето натамошни чекори за спроведување на управувањето со податоците на ниво на Народната банка.
Втората фаза од Регионалната програма финансирана од ЕУ за зајакнување на институционалниот капацитет на централните банки на Западен Балкан започна во септември 2022 година. Оваа тригодишна програма ја спроведува Бундесбанката како нејзин координатор, во партнерство со деветнаесет национални централни банки на Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ) и Европската централна банка (ЕЦБ). Европската Унија (ЕУ) додели 3 милиони евра за програмата од својот Инструмент за претпристапна помош (ИПА III).
Економија
Историска пресвртница на Прилепската пиварница: настан по повод 100-годишнината
За да го одбележи својот 100-годишен успех, Прилепска Пиварница вчера организираше настан во хотелот „Мериот“. Компаниите во Македонија што се фалат со стогодишнини се реткост, а брендовите со повеќевековно присуство на пазарот се уште поисклучителни. Меѓу овие неколку се вбројува и Прилепска Пиварница, светилник на традицијата и на квалитетот во пиварската индустрија.
Сто години Прилепска Пиварница е доказ за работата, посветеноста и издржливоста низ променливи времиња, заработувајќи трајна лојалност од своите клиенти и индустријата. Вечерта беше проследена со среќа и носталгија, затоа што со прикажувањето на краткиот документарен филм, присутните веднаш тргнаа на патување низ времето прославувајќи еден век на пресвртници, иновации и спомени. Забава во живо приредија познатите ѕвезди Калиопи и Тони Цетински, а за смеењето беше задолжен Сашко Коцев со стенд-ап настап.
„Најубавото од сè е што приказната сè уште трае и некои други генерации ќе продолжат да ја раскажуваат и по нас. Возбудата вечерва со самото тоа е уште поголема кога денес, вака собрани, сме современици на еден настан за кој работеле и живееле толку многу генерации, а ние ја имаме честа да сме современици на овој јубилеј! И на следниот од наредни 100 години ќе бидат сосема некои други лица, кои сега не се ни родени!“, рече господинот Сашко Самарџиоски.
„Денес им оддаваме почит и на визионерските основачи, кои ги поставија темелите на нашата пиварница пред еден век (нивни потомци се присутни овде, во салава). Нивната непоколеблива визија и страст го обликуваа нашето патување и наследство. Тие продолжуваат да нè инспирираат додека го носиме нивното наследство напред во иднината“, изјави госпоѓата Панде Самарџиоска.
Приказната за Прилепска Пиварница започнува уште во далечната 1924 година и тоа ја прави една од најстарите пиварници на Балканот. Она што претставува заштитен знак на пиварницата е висококвалитетно пиво, почнувајќи од Златен Даб и Крали Марко, како едни од водечките домашни брендови на пиво, па сè до Tuborg и Carlsberg, Holstein, 1664 Blanc и Somersby, кои се едни од најквалитетните светски пива, а нивен дистрибутер е Прилепска Пиварница, која го произведува и култниот освежителен газиран безалкохолен пијалак Газоза. Како овластен полнител на безалкохолни пијалaци, Прилепска Пиварница ги полни пијалаците на Pepsi Cola International: Pepsi, Pepsi Lime, Pepsi Max, 7UP, Mirinda Lemon и Mirinda Orange. Увозник е на Lipton Ice Tea, како и овластен увозник за производите од познатиот бренд „Књаз Милош“ од Србија, меѓу кои: газираната вода Књаз Милош, негазираната вода Aqua Viva, енергетскиот пијалак Guarana и негазираните овошни сокови Tube, a пиварницата е и увозник на алкохолните пијалаци St. Nicolaus.
ПР