Македонија
Ова лето ЕУ со јасен план да го приближи регионот кон членство, порача Маричиќ
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска на Преспа форум дијалог имаше воведно излагање на сесијата со наслов: „Проширувањето на ЕУ во променливата геополитичка динамика“, на која рече дека мора да го обновиме ветувањето од Самитот во Солун и ова лето со јасен план ЕУ да го приближи регионот кон членство.
„Потребна е јасна визија кон Западен Балкан и потребна ни е поблиску Европската Унија. Нема време процесот на проширување да се одолговлекува, со проактивен и поефективен пристап и од ЕУ и од наша страна треба да дадеме шанса ветената перспектива да ја исполниме заеднички“, посочи вицепремиерот.
Тој додаде дека геополитичките околности отсекогаш влијаеле на динамиката на проширувањето на ЕУ и затоа руската агресија врз Украина го врати фокусот на Западот кон Западен Балкан, што Маричиќ го гледа како вистинска шанса што треба да се искористи мудро од земјите во регионот.
Соговорник на панел сесијата беше и ирскиот министер за Европа, Питер Бурк, кој кажа дека ЕУ е повеќе од заеднички пазар и дека претставува заеднички вредности и обединетост во различностите, посочуваји дека е силен поддржувач на проширувањето бидејќи членството во ЕУ донесе многу предности во ирското општество и дека тоа вреди.
Учеснички на панелот беа и министерката за евроинтеграции на Србија, Тања Мишчевиќ и главната преговарачка со ЕУ на Република Албанија, Мајлинда Дука, кои посочија дека е потребна забрзана интеграција во приоритетните области за да има опиплив напредок, за што како што рече Мишчевиќ потребно е да се премине од пријателски кон сојузнички однос помеѓу Западен Балкан и ЕУ.
„Домашните реформи во клучни области како правосудството придонесува за инвестирање во кредибилноста на процесот – мотивот за спроведување на тешки и болни реформите треба да е подобрување на животниот стандард на граѓаните, а не признанија“, смета Дука.
Симонида Кацарска, директорката на Институтот за европска политика рече дека „во последните десет години нема проширување во ЕУ, па се чини како домашниот капацитет и ангажманот од ЕУ е изгубен.
Анжеј Франгеш пак беше јасен дека е потребна позитивна условеност и јасна рамка за проширување, сè со цел овозможување на покредибилно и побрзо проширување на ЕУ.
„Национална кохезија и стратешки компас насочен кон ЕУ е прав начин за пристапување во Унијата. Словенија ќе продолжи да го поддржува регионот и да ги потенција достигнувањата на земјите од Западен Балкан кај европските партнери“, додаде словеничкиот дипломат, Франгеш.
На сесијата учествуваа и Мартин Дворак, Хелене Холм-Петерсен и Деа Елмаслари, под модераторство на Програмската директорка на Центарот за европска политика (CEP), Милена Лазаревиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меџити-Вал: заедничка цел зајакнување на правната држава, борбата против корупцијата
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска беше домаќин на работна средба со амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Република Северна Македонија, Килиан Вал.
Меџити и Вал разговараа за можностите за соработка во континуирано партнерство со цел унапредување на приоритетните реформи во согласност со заложбите на ОБСЕ.
Двајцата соговорници се согласија дека имаат за цел зајакнување на правната држава, борбата против корупцијата, родовата еднаквост и зајакнувањето на младите, додека промовирањето на транспарентноста, човековите права и одржливиот развој за доброто на сите граѓани остануваат заедничка цел.
Меџити повтори дека е максимално посветен на напредокот на интеграциската агенда на земјата кон зачленување во Европската унија, како единствено решение и со масовна поддршка од граѓаните.
Македонија
(Видео) Во Прилеп утре Ден на жалост, по трагичната несреќа во која загинаа три медицински лица
Во Прилеп, утрешниот ден се прогласува за Ден на жалост поради трагично загинатите медицински лица, кои утрово ги загубија животите во тешка сообраќајна несреќа на магистралниот пат Прилеп-Битола.
Одлуката беше донесена од страна на Советот на Општина Прилеп на вонредна седница.
Прилепскиот градоначалник Борче Јовчевски во своето обраќање рече: „Како градоначалник, како лекар, но пред се како човек утрово со тага ја примив веста за прераната смрт на нашите сограѓани, на еден прекрасен тим на специјалисти и медицински кадар. Еден тим кој животот го посвети во давање на помош и спасување на животи. Дури и на тој пат одеа да спасат животи. Прилеп и Македонија губат врвни луѓе, посветени на својата професија“, нагласи тој.
Несреќата се случила утрово при судир на автомобил во кое биле медицинските лица и товарен камион.
Македонија
Ковачки: Работите во судството се катастрофално лоши, потребни се оставки во судски совет, генерален ремонт и реизбор
„Работите во судството ни се лоши, катастрофално лоши и тоа е оценка на сите од надвор и од внатре“, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки на денешната собраниска Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.
Тој посочи дека поради нула ажурност на судовите резултатите се катастрофални.
„Резултатите се катастрофални со ажурност нула на судовите. Од одредени судови се праќаат по други, од едни апелациони подрачја во други се праќаат на испомош затоа што нема судии“, вели Ковачки.
Правдата генерално во Република Македонија, според него ја нема, судство, обвинителство, како што вели, „таа спрега е скапана и тука ние не може да направиме исчекор без генерален ремонт. Мора да имаме генерален ремонт и реизбор“, потенцираше Ковачки.
Тој е дециден дека сите во судскиот совет треба да си дадат оставки.
„Судски совет како што сега е поставен треба да си дадат оставки затоа што доведоа до тие 2% доверба“, укажа Ковачки.