Македонија
Ова не беше момент за политички пораки, туку за тивка почит кон загинатите и солидарност: Студентскиот отпор за денешните говори на Јаневска и Ангелова

На денешниот собир пред платото на УКИМ, на кој присуствуваа илјадници студенти со цел да оддадат почит за жртвите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, сведочевме на груба злоупотреба на болката и тагата на граѓаните од страна на институциите, реагираат од Студентскиот отпор.
„Наместо 7-минутен молк и достоинствено оддавање на почит, како што бараа студентите, ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова, и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, одлучија да држат говори. Ова се случи и покрај јасниот притисок од студентите да не се користи ваков трагичен момент за говори и политичка самопромоција.
Додека тие ги читаа своите подготвени изјави, неколку студенти се почувствуваа лошо и побараа итна медицинска помош. Но, наместо внимание кон оваа ситуација, ректорката и министерката продолжија со своите говори, целосно игнорирајќи ја состојбата на студентите. За нив, поважна беше ПР кампањата отколку почитта кон жртвите и здравјето на младите кои присуствуваа на собирот.
Студентите јасно и гласно порачаа дека ваквото однесување е недостоинствено и неприфатливо“.
Ова, реагираат од Студенсткиот отпор, не беше момент за политички пораки, туку за тивка почит кон загинатите и солидарност со нивните семејства. Наместо тоа, сведочевме, како што велат, на срамна институционална експлоатација на трагедијата.
„Студентски отпор го осудува ова однесување и бара одговорност од институциите. Бараме идни комеморативни настани да се организираат со вистинска почит и достоинство, без политичка инструментализација. Жртвите заслужуваат повеќе, а студентите нема да дозволат нивната болка да се користи за нечии ПР поени.
Официјалните тела за студентска репрезентација не смеат да го амортизираат гневот на студентите. Доколку се обидат да го сторат тоа, „Студентски отпор“ ќе ги поведе студентите во борба за вистинско застапување на нивните интереси“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно и студено со засилен северен ветер, ќе има услови за врнежи од дожд и снег

Променливо облачно и студено време со умерен до засилен северен ветер (над 60км/ч.). Претпладне претежно во западните и југозападните делови ќе има врнежи од дожд и снег во пониските и од снег на повисоките места и на планините, каде ќе се формира нова снежна покривка Попладне облачноста ќе се намали. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 2 до 10 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен до засилен северен ветер. Претпладне во делови од котлината ќе има услови за провејување на слаб снег. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно време со ниски утрински температури кои до петок насекаде ќе бидат под нула. Дневните температури ќе бидат во пораст.
Македонија
Се укинува забраната за тешки товарни возила на патните правци Гостивар – Кичево и Маврово – Дебар

Од 05:30 часот забраните за тешки товарни возила на патните правци Гостивар – Кичево и Маврово – Дебар се укинуваат, извести АМСМ.
Забраната беше воведена вчера вечер од 23 часот поради обилни врнежи од снег.
Македонија
Заврши распитот на Папазов, ќе чека одлука на Обвинителството за неговиот натамошен статус

Заврши распитот на кочанскиот градоначалник, Љупчо Папазов, кој претходно денес поднесе оставка поради трагедијата во која загинаа 59 млади луѓе во нелегалната дискотека на концертот на групата ДНК.
„Извршен е распит на градоначалникот кој даде определени појаснувања и сознанија. Таквиот исказ се споредува со доказниот материјал и надлежностите на општината, по што ќе биде донесена одлука за неговиот натамошен статус во постапката“, информираа од Обвинителството.
Во моментов се врши распит и на други лица.