Македонија
„Овој дом за мене е фамилија“, вели станарка од домот за стари лица во Берово кој е во фаза на реконструкција
Со 13 милиони од општината и над 7 милиони денари од Швајцарската агенција за развој и соработка се реконструира и доградува домот за стари лица во Берово како дел од развојните цели на Центарот за развој на источниот плански регион.
„Веќе шеста година сум тука, има место за рекреација. Домот е на убаво место, околината е многу убава, има место за пешачење, слободни сме, кои сме моќни да можеме да одиме, дозволено ни е, не сме за ништо спречени“, вели Натка Иванова.
Таа кога дошла за првпат во домот била многу исплашена, побарала помош од отецот Дамаскин, игумен на Лесновскиот манастир, кој и порачал да го чува својот нов дом и да гради пријателства.

За Бубевска Даница е добро што во собите се сместени по две, имаат телевизор, засебно купатило, решо, може да се другарува, да се пие кафе, да се разговара.
„Родена сум во село Илиово, работев во Фротирка, Делчево и сум пензионерка, и од таму дојдов во Берово, во старски дом. Уште два месеци, до Нова година ќе направам 3 години од кога сум тука. Домот ни е многу важен, не гледаат, овој дом за мене е фамилија“, вели Јанковска Стефанка.
Министерот за локална самоуправа Горан Милевски порача дека основна цел на проектот е подобрување и унапредување на квалитетот на живот на старите лица, здравјето и психофизичката состојба, како начин на подобрување на системот на социјална заштита на старите лица во источниот регион, и воспоставување на вонинституционална заштита и формирање на дневен центар.

„Со ова докажуваме дека ние се грижиме како за најмладите, градејќи детски игралишта, така и за најстарите со градење на старечки домови, кои што ќе ги користат оние навистина кои што цел живот работеле за нас, сега општеството треба да им врати, да води сметка и за нив. Задоволен сум од соработката и од идеите кои што ги дава општината Берово, се надевам дека во следниот период ќе продолжиме со соработката, но и со Швајцарската агенција за развој и соработка, за многу други проекти во втората фаза која што се надевам ќе започне следната година“, порача министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
Според националната проектна координаторка во Швајцарска амбасада во Скопје, Мирјана Македонска, вклученоста на маргинализираните групи и ранливите групи во секој сегмент од општественото живеење.

„Швајцарската агенција за развој и соработка во рамките на Амбасадата, веќе 6 години интензивно соработува со Министерството за локална самоуправа на тема рамномерен регионален развој. Во рамките на проектот, во источниот плански регион, годинава, грантот кој што беше доделен е наменет за реновирање и проширување на домот за стари лица во Берово. Она што е од особена важност е дека проектот беше избран на партиципативен начин, уште една вредност на Швајцарија која што ја внесуваме и интегрираме во сите наши проекти, имено проектот беше одбран од страна на граѓаните на источниот плански регион“, рече Македонска.
За градоначалникот на општината Звонко Пекевски, Домот за стари лица „Д-р Иван Влашки” е единствена установа од ваков тип во источниот регион.
„Задоволството е особено големо, кога крајните корисници имаат квалитетна и добра услуга, која се состои пред се од обезбедување на грижа, хигиена, храна и секако дневна медицинска помош која им се нуди секојдневно на корисниците на домот“, додаде градоначалникот.

За директорка на домот за стари лица Живка Бојчoвска Каламадевска старите лица се столбот на нашето општество и ние треба да им обезбедиме соодветна грижа и нега како и достоинствен живот.
„Отворањето на третата ламела овде во домот, е од големо значење не само за Берово, туку и за целиот источен регион, со што ќе се зголеми капацитетот за уште десет легла, а ќе се намали големата листа на чекање. За убавината, негата, грижата и топлината која што се чувствува во овој дом, можат да кажат корисници кои што веќе години наназад ги користат нашите услуги“, порача таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

