Македонија
Шилегов: Би ги укинал централните инспекции, да не постои државен инспекторат
На дебатата „Како до ефикасни и независни инспекциски служби во Скопје“ што ја организираше НВО Инфоцентарот, градоначалникот Петре Шилегов се осврна на неколку проблеми со кои се соочуваат општинските инспекторати, како и на потребата од итно менување на постојната регулатива.
„Јас би ги укинал централните инспекции, целосно да не постојат, да не постои државен инспекторат. Може да постои државен орган којшто ќе врши контрола на инспекторирањето на општинските инспекции, дури ни пазарната инспекција не смее да биде централна. Различни ни се приоритетите како органи. Недавањето на градоначалниците моќ или оставањето можност за институционален пинг-понг е причина поради која се наоѓаме во ваква состојба на терен. На пример, јас сакам да спроведам акција на Битпазар. Треба да се молам со Пазарна. Да не бидам лошо разбран, не велам дека е лоша соработката. Но, мојата правна позиција е дека треба да се молам со пазарната инспекција. Понатаму, во Железара има улица која ги дели општините Гази Баба и Бутел. Инспектор за животна средина од Бутел фаќа на лице место сторител како исфрла шут, човекот се легитимира, но шутот го исфрла десно, во Гази Баба. И инспекторот не му може ништо. Скопје е многу поспецифично од другите единици на локална самоуправа имајќи го предвид дуализмот во локалната самоуправа, затоа одлучивме дека е паметно ова што го имаме како концепт, додека не се реши системски што со комуналната полиција. Еве да го отвориме предизвикот – да ги укинеме државните инспекции, имаме најкатастрофален Државен инспекторат за животна средина, со многу субјективни слабости, јас така ги дефинирам некои појави за кои сме сите свесни дека постојат. Па, Градскиот инспекторат излегува да мери ниво на загаденост на реки, па градски инспекторат фаќа криминал со медицински отпад. Медиумите се тука, прашајте ги обвинителите до каде се со тој предмет. Знаете дека стои? По прес-конференцијата тогаш, пред пандемијата, се крена малку фама, почнаа некои дописи, дојдоа некои истражители, фати пандемијата и се е под радар. Затоа системот за кој ние воочуваме дека е нефункционален треба да се исправи, со законски измени“, рече Шилегов.
Затоа, се надоврза тој, и се предлага регионален пристап во инспекторирањето, имајќи предвид дека не сите општини имаат капацитет да издржат инспекторат на свој грб, ниту пак имаат толкав човечки потенцијал.
„За мене, со целосна почит, имањето лиценца за „инспектор за …“ е една од поголемите глупости. Или си инспектор за сите области, или не си. Така ќе супституираме многу од луѓето кои ни фалат, на пример, имаме инспектор за животна средина, ама немаме градежен. Што ни фали истиот човек да може да ја обавува инспекциската работа? Јас сакам чекор по чекор да ги реализирам работите – ќе го направиме унифицирањето на инспекциските служби во општините од територијата на Град Скопје, ќе инсистирам до крај за носење на закон за комунална полиција која што не е само скопска, туку напротив, предвидува можност за регионализација, па ќе дојдеме до тоа дека треба да се укинат лиценците за инспекции, па ќе го предизвикаме државниот инспекторат. Ако државниот инспекторат за градежништво утврдил дека е „англиска кралица“, поднел иницијатива да му се смени статусот да биде активен во предметите или си седат сега? И викаат „ние немаме моќ“. Тоа е типично македонско однесување, „ова не е моја надлежност“. Па, Градот се вмешува во работи што не се негова надлежност – да утврди состојба на вода во река Вардар, да утврди дека на определена локација се прават глупости со медицински отпад, па дигаме на граница на законот возила зашто немаме наша комунална сообраќајна полиција и не можеме со сообраќајна полиција да се договориме каде е приоритетот“, објасни Шилегов.
Тој додаде дека категоријата на морална и човечка одговорност, надвор од политичката одговорност, за носителите на јавна функција е сериозен недостаток на нашето општество.
„Или ќе ја оправиме работата или ќе треба да си заминеме. „Ама ние немаме законска ингеренција“, а имате ли поднесено иницијатива да добиете законска ингеренција? Секој во микросветот во којшто ги водиме институциите знае каде се аномалиите и знае зошто не може да интервенира во некој случај. Па чекајте, многу е едноставно, правите допис – иницијатива, пишувате до Влада, Секретаријат, законодавство, се составува работна група, се подготвува текст, за месец дена излегуваат измените и дополнувањата. Особено, ако го знаете, може и готов текст да пратите во Влада, како што ние пративме за закон за комунална полиција. Мислам дека е многу покомотна позицијата да кажуваме дека немаме ингеренции. А дефинитивно не се сложувам дека тоа треба да се централизира. Како вие овде во Скопје, како државен градежен инспекторат, ќе знаете дека Гевгелија има дивоградба? Па, таму Поцков ќе си има свои инспектори и ќе си ја заврши работата регионално – Гевгелија, Валандово… ги кажувам единиците на локална самоуправа што немаат капацитет, но во ред е, ќе ги здружиме. Ние во Скопје ако се здружиме ќе имаме над 100 луѓе на терен. Ако ја тргнеме ступидноста на имањето лиценци тогаш ќе имаме 100 и кусур луѓе на терен за се. Е, тогаш ќе се прашаме дали ќе имаме случаи како Матка и Мавровка, ги кажувам како најекстремни. Имаме зад параван, каде што не се гледа, милион такви случаи. Треба поодговорно да ја сфатиме функцијата која што ја имаме и да овозможиме да се формира систем кој што е функционален. Добриот дел од работата е што во СДСМ тоа го имаме увидено. И во програмата на Владата, ако видите, добар дел од овие работи за кои зборувам, а за кои сме се бореле внатре во партијата да влезат во приоритети, влегоа во приоритети и се во Програмата на Владата како измени на законски текстови или носење закони“, рече Шилегов.
Преговорите со Европската Унија, додаде тој, не ни ги носат вредностите на Европската Унија, туку нашето менување во категоријата одговорност во работата што ја работиме ќе не однесе во квалитетно функционирање на институциите, како што впрочем сите посакуваме.
„Ама, никако да се централизира, не! Да се дисперзира, да се знае кој е крив. Ние сега имаме позиција дека градоначалниците можеби се добар чадор, политички гледано. Пример, паркирање на кеј. Логично е како граѓанин да викате „што прави градоначалникот“? Логично е. Затоа треба да внимаваме кога посакуваме централизација. Не, ние треба да дисперзираме, да унифицираме во смисла на лиценци и тогаш ќе може слободно да кажеме „е, сега, не е толку лесно и едноставно да ни се случуваат некои работи, како што ни се случуваат“, нагласи Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сајкоски: Вчера докажавме дека Македонија не толерира некој да ја тероризира– граѓаните во нас препознаа луѓе кои ќе донесат правда во државата
„Вчера докажавме дека само заеднички, единствени како никогаш досега можеме да успееме. Можеме да успееме заеднички и да прегазиме секој противник, секој оној којшто прави штета на нашата држава и затоа ќе го снајде она што го снајде овој наш противник вчера. Ќе го снајде истото и на 8 мај. Голема победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Mакедонија“, голема победа на македонските граѓани и македонскиот народ. Почитувани кичевчани вие го покажавте револуционерниот дух. Тој никогаш не згаснал во вас. Покажавме дека можеме и дека ќе направиме се, дека имаме храброст, дека имаме елан да се спротивставиме и дека ние сме победнички расположени. Победнички за да ја донесеме Македонија онаму каде што и е местото Им дадовме јасно до знаење дека Кичевчани не толерираат повеќе изживување врз нив. Дека Македонија не толерира повеќе некој да ја тероризира! Ние не толерираме да лажат и крадат. Ние таквите ги казнуваме“, истакна на вечерашниот митинг во Кичево носителот на листата на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 5, Ѓорѓија Сајкоски.
Тој исто така повика на уште помасовна излезност на 8 мај за да се донесе историска победа за Македонија.
„Сакам исто така да ве повикам на 8 мај да излеземе во што поголем број и да донесеме историска победа на Македонија. Да донесеме историска победа за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, потенцираше Сајкоски.
Тој истакна и дека оваа е историска победа бидејќи граѓаните во ВМРО-ДПМНЕ препознаа луѓе коишто можат да ја донесат правдата во Македонија.
„Ние почитувани испишуваме историја. Испишуваме историја затоа што првпат од позиција на опозиција води некој политички субјект во Македонија со 180 илјади гласови. Испишуваме историја затоа што во нас препознаа македонските граѓани луѓе коишто се чесни, коишто се трудољубиви и луѓе коишто можат да ја донесат правдата во Македонија“.
Тој упати порака и до оние кои не излегоа на гласање дека ако сакаат да живеат во подобра Македонија треба да се придружат во големата победа на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако сме согласни дека треба да имаме подобро здравство, подобро образование, дека инфраструктурата во ИЕ 5 е катастрофална и дека треба да направиме комплетно нова, придружете се. Придружете се во голема победа за Македонија. Придружете се и само така, само единствени може да победиме и може да донесеме влада којашто никој не може да ја уценува и може да донесеме премиер што испорачува. Да испорача да имаме одлична инфраструктура, да бидеме први во регионот наместо последни и да направиме економски бум“, истакна Сајкоски и додаде:
„Поканете го секој, разговарајте со секој затоа што ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ се политички субјекти којшто мислат добро за сите во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата го заслужува вашиот глас, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ беше и остана браник на македонската државност“.
Македонија
(Видео) Ковачевски: Нема откажувања, ги повикувам граѓаните на 8 мај да излезат масовно и да дадат поддршка за Пендаровски и СДСМ
Со исправена глава, поставени на вистински европски пат кој е единствена опција за суштинска промена во нашата држава. Во тоа име ве повикувам масовно, ги повикувам сите граѓани на Македонија масовно да излезат на избори, на 8 мај и својот глас да го дадат за нашиот претседател Стево Пендаровски и за пратеничките листи на СДСМ и коалицијата за европска иднина, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва на митинг на коалицијата за европска иднина во Чучер Сандево.
-Сакам да ве поттикнам да разговарате со секој ваш пријател, роднина, сосед, до 8 мај, да кажете дека ДА, разбравме каде сме грешеле, дека имаме јасна програма и план како сето тоа да го поправиме и исто така да кажете дека ние сме таа партија која ги обезбеди сите овие прогресивни работи за државата и кои ја ослободија државата од канџите на само една политичка партија која имаше се во свои раце во цела една декада. Ве повикувам никогаш да не се откажете во она што веруваме и да се бориме да успееме за се она што сме го напишале во програмата да стане реалност и државата да стане многу подобра од она што е денес, рече Ковачевски.
Јас заедно со моите другари како денес, со Санела, Сузана, Оливер, Фатмир ќе бидеме секој ден меѓу граѓаните. Во секој град, секое село, секоја куќа, со секој граѓанин, додаде Ковачевски.
-Ве повикувам и вас, да ни се придружите и заедно да ја пренесеме пораката за напредна држава, пораката за држава која напредува, за држава во која сите се почитуваат и пораката за држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината и од борбата за напредна и прогресивна Македонија, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Македонија
Мицкоски: Разликата по вчерашниот изборен ден е цунамито кое се крева, народот се излеа и тој бран на промени ќе ја порази оваа власт
Над 180 илјади разлика е доволен показател за само едно, народот е на нозе и народот се крена против оваа власт, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Кичево.
„Оние кои што се удираа во гради дека ќе сме се сокриеле после изборниот ден, јас денес не ги гледам. Сокриени коваат сценарија за бојкот, на врата се пред Мала речица да ги молат за гласови, како што ги молеа за тендери. Но, народот е посилен и од тие стотина луѓе од ДУИ кои управуваат со државата и од тој артаноиден режим“, изјави Мицкоски.
Според Мицкоски разликата по вчерашниот изборен ден е толку изразена, што е поголема од вкупниот број на гласови на Пендаровски освоен на изборите.
„Ова е цунамито кое се крева и кое ќе се удри од главата на оваа власт. Народот се излеа и тоа незадоволство и тој бран на промени ќе ги порази. Сакам да предупредам дека работата не е воопшто завршена. Потребно е жолтиот картон да стане црвен. На 8 мај потребно е масовно да се излезе и да се гласа за промени“, вели Мицкоски.
Мицкоски укажа дека е многу важно разликата да биде уште поголема.
„Затоа што добивам информации за црни сценарија кои се коваат во противничките штабови и да им кажам колку и тие да планираат такви сценарија, народот уште пожестоко ќе ги казни. Излезот власта го гледа во две работи. И двете се губитнички сценарија. Првото е бојкот на изборите каде што најисправниот одговор треба да биде излезноста и масовноста на овие избори. Второто сценарио е играњето со белезите на Македонија и великодушните понуди што овој пат ги добива ДУИ за сметка на Македонија од СДСМ за еден партнерски настап и взаемна поддршка на изборите“, кажа Мицкоски.
Мицкоски кажа дека двете сценарија им се за тоа како ДУИ и СДСМ да извлечат некаква полза, за сметка на пропаста и назадувањето на државата.
„Тоа нема да го дозволам. И затоа одговорот е масовна излезност на 8 мај“, порача Мицкоски кој заклучи: „да покажеме заедно дека силата на Македонија е во нас, во сите нас заедно, и да бидеме пример на сите идни генерации“.