Македонија
Одбиен планот за нови вработувања во Пазарниот инспекторат, директорот благодарен за дојавите од граѓани
Државниот пазарен инспекторат нема доволно инспектори, но оние што ги има максимално се ангажирани во проверки за почитувањето на протоколите за заштита од Ковид-19, рече денес директорот Стојко Пауновски.
Тој соопшти дека денеска добиле известување оти планот за нови вработувања за оваа година им е одбиен.
„Дека имаме доволно инспектори – немаме, но максимално се искористени сите што ги имаме. Сите инспектори, советник и помлад инспектор, и дење и ноќе се на терен. Имаме барање до Владата за нови вработувања, во планот за оваа година 20 нови инспектори, а 37 вработени, главно инспектори ни заминуваат во пензија до крајот на годинава. Денес, добивме известување дека ни е одбиен планот, требало да се заштеди и максимално да ги искористиме капацитетите на другите институции. Но, која е таа институција од која може да земеме инспектори и веднаш да го пратиме на терен? Една-две години трае обуката на младите инспектори“, рече директорот Пауновски.
Тој е благодарен за дојавите што ги добиваат оти им помагале на вистинско место да ги испратат инспекторите.
„Благодарам на сите што ни вршат дојава. Колку и да се инспекторите на терен, додека се на едно место, може да се прекршува на друго. Потребна ни е помош од сите. Оваа битка не ја водиме само ние како Инспекторат, туку ја водиме сите заедно“, нагласи директорот Пауновски.
Од 5 до 11 октомври Државниот пазарен инспекторат направил 2.881 контрола и 290 вонредни инспекциски надзори поврзани за здравствените протоколи за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти во согласност со важечките закони. Поднесени се 23 прекршочни пријави и 19 кривични пријави за непочитување на протоколите за заштита од Ковид-19.
Инспекторите за време на викендот без ДДВ регистрирале и 15 прекршоци на Законот за трговијата и на Законот за заштита на потрошувачите. Тие контролирале дали истакнатите цени на производите се исти со цените запишани во деловните книги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Освен улиците и спомениците низ Скопје видоа вода
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски синоќа на неговиот официјален фејсбук-профил објави нови фотографии од акцијата за чистење на централното подрачје на главниот град, плоштадот „Македонија“ и кејот на реката Вардар, што ја започна веднаш по преземањето на функцијата.

-Нашето убаво Скопје! Чисто и достоинствено!, напиша Ѓорѓиевски на фејсбук.
Акцијата за чистење Ѓорѓиевски ја почна вечерта по примопредавањето на функцијата од досегашната градоначалничка, и како што самиот изјави, акцијата би требало да заврши вечерва.

Согласно неговото ветување за темелно чистење на Скопје во првите 72 часа од преземањето на мандатот, деновиве со механизација и рачно се чистат коритото и косините на Вардар, се отстранува кабаст отпад и пластични шишиња и се расчистува земјен материјал насобран во централниот дел на кејот, а се празнат и контејнерите од ѓубре.
Македонија
АХВ уништи околу 37 тони небезбедна храна со поминат рок која се продавала без декларација
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изминатата недела при спроведена вонредна контрола кај оператор со храна, заплениле и нештетно уништиле приближно 37 тони храна.
Како што соопшти денеска Агенцијата, биле запленети и уништени јаткасти плодови, зрнести и мешункасти производи и разни зачини без декларации и на кои рокот на употреба им бил истечен од една до две години.
За сторениот прекршок на операторот му е изречена мерка привремена забрана за работа и парична казна, како и наредба за отстранување на утврдените недоследности со надзорот.

АХВ информира дека во изминатата недела биле спроведени вонредни контроли и кај други оператори со храна – месарници, ресторани, сендвичарници, маркети. Поради утврдени недоследности – нерегистрирани оператори со храна, неспроведени задолжителени обуки на вработените за безбедност на храната, пуштање во промет на небезбедна храна и слично, операторите со храна и нивните одговорни лица се казнети парично и им се изречени привремени забрани за вршење дејност.
-Издадени беа и наредби за отстранување на утврдените недостатоци со контролите, а затекнатата небезбедна храна беше нештетно уништенa, наведува АХВ во соопштение.
Македонија
„Супорт Кочани“ собра 11 милиони денари од донации за настраданите од „Пулс“, државата им наплати 1 милион денари данок
Околу 11 милиони денари се распоредени од заедничката сметка за донации од граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“.
Од граѓанската иницијатива велат дека од вкупната сума од 10.944.793 денари еден милион се за данок на државата, а останатите се еднакво распределени на 137 лица во износ од по 71.900 денари.
Средствата што се распоредени се донирани од компании, здруженија, групни акции и хуманитарни настани организирани во земјата и во странство.
„Транспарентно ја споделуваме информацијата за втората распределбата на средствата од заедничката сметка за донации преку ‘Супорт Кочани’, кои беа собрани по трагедијата што нè погоди“, се вели во објавата на „Супорт Кочани“ на нивниот фејсбук-профил.
Иницијативата „Супорт Кочани“ беше формирана веднаш по пожарот во „Пулс“, а во неа се вклучени 30-ина волонтери, меѓу нив и млади луѓе кои биле присутни во клубот на трагичниот 16 март. Во пожарот загинаа 63 лица, а над двесте беа повредени.
Од иницијативата изминатата година реализираа и три пратки компресивна облека наменета за преживеаните лица. Облеката, како што велат од иницијативата, е со цел да се овозможи правилна рехабилитација и побрзо заздравување.

