Македонија
Одземени пасошите на Фросина Ременски и таткото на Бојан Јовановски

На пратеничката Фросина Ременски и на таткото на Бојан Јовановски – Боки 13, Миле Јовановски, ќе им бидат одземени пасошите, тие ќе имаат забрана да го напуштаат живеалиштето (градот Скопје) и ќе мора повремено да се јавуваат кај определено службено лице во судот. На асистентката на Миле Јовановски ќе ѝ биде одземен пасошот.
Ова е одлуката на Основниот кривичен суд, откако денеска тројцата осомничени во проширената истрага за „Рекет“ беа пред судија на претходна постапка.
„Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерки за претпазливост за три лица, по претходно доставени покани, лицата во текот на денешниот ден, пред судија на претходна постапка се произнесоа во однос на предлогот. Ценејќи ги фактите и доказите во предлогот, како и исказите на осомничените лица, судија на претходна постапка донесе решенија со кои го прифати предлогот и на осомничените Ф.Т.Р. и М.Ј. им определи мерки согласно член 146 ст.1 т.1,2 и 3 од ЗКП, односно забрана за напуштање на живеалиште, односно престојувалиште, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице во судот и привремено одземање на патната и друга исправа за преминување на државната граница, додека за Х.Б. мерка за претпазливост согласно член 146 ст.1 т.3 – привремено одземање на патната и друга исправа за преминување на државната граница. Против овие решенија странките имаат право на жалба пред кривичниот совет“, се вели во соопштението на судот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Стигнаа 10.530 дози од „Фајзер“, од среда ќе бидат распределени на пунктовите за вакцинација

Попладнево стигна првата пратка од вакцините на „Фајзер“, која властите ја обезбедиjа cо директни преговори со овој производител, информираат од Министерството за здравство.
Станува збор за 10.530 дози од вакцината, кои веќе од среда ќе бидат распределени на вакциналните пунктови во државата, каде што се одвива вакцинацијата во согласност со Националната стратегија за ковид-имунизација.
Вакцините ќе бидат чувани во специјалните фрижидери кои постигнуваат температури под -70 степени, што државата ги набави во јануари токму за вакцината на „Фајзер“, која мора да биде складирана под посебни услови.
На почетокот од годинава Владата објави дека министерот за здравство, Венко Филипче, во директни преговори со американскиот производител договорил 800.000 дози од вакцината против Ковид-19, кои ќе се доставуваат во повеќе пратки во текот на 2021.
Македонија
Груевски: Тие си знаат чиј имот замрзнале, но мој сигурно не е

Денес дознав дека деновиве ОЈО објавило дека замрзнале наводен мој имот, односно земјиште и два помали стана што ги бев изнајмил, а некои од нивните апологети во медиумите тоа го објавиле како сигурна информација, пишува на „Фејсбук“ поранештниот премиер во бегство, Никола Груевски.
„Невозможно е да замрзнале мој имот што го немам и никогаш не бил моја сопственост, кој никогаш не сум го купил, ниту сум го платил, ниту поседувал ниту бил на нечие друго име или слично. Тие си знаат чиј имот замрзнале, но мој сигурно не, и под кои услови и околности кон лицата чиј имот го замрзнале, кој им е договорот и со што ги уцениле, па како резултат на тоа ги знаат и причините поради кои тие лица ‘не се жалеле’“, стои во објавата на Груевски.
Денес дознав дека деновиве ОЈО објавиле дека замрзнале наводен мој имот, односно земјиште и два помали стана кои ги бев…
Posted by Nikola Gruevski on Понеделник, 19 април 2021
Поранешниот премиер, кој доби азил во Унгарија, обвинува дека ОЈО под директива на власта, со цел негова дискредитација, има извршено уцени и жестоки притисоци.
„Некаде и со изрекување притвори, некаде со закана за долг притвор и потоа долгогодишен затвор, уништување бизниси и жесток прогон кон одредени бизнисмени, нивни вработени и други, дел за мене познати, а дел непознати лица, со цел да направат конструкција на база на изнудени лажни сведочења дека наводно тајно сум купил таков вид имот“, наведува експремиерот.
Тој тврди дека списокот на лица врз кои се вршеле и понатаму се вршат тортури е долг.
„Како што стојат работите, повторно како во комунизмот ќе водат постапки со неколку уценети и од нив преплашени сведоци, кои се под големи закани и на кои подолг период им се барани слабости, грешки или што било со што може да бидат уценети во смисла да не се поведе прогон за нив, а за возврат тие да ги потврдат конструираните тези на Обвинителството“, пишува Груевски.
На крајот од својата подолга објава тој посочува дека ќе дојде време кога, како што вели, на сето ова беснеење ќе има ревизија, но и ревизија на работењето и криминалот на актуелната власт.
„Од ден на ден нивниот страв расте. И ќе расте. Има причина за тоа. Доаѓа време кога сведоците, ама не лажни или уценети, туку реални и без страв, поткрепени со матерјални докази, ќе застанат наспроти нив“, заклучува поранешниот премиер во бегство.
Викендов беше објавено дека Кривичниот суд замрзнал новооткриен имот на Никола Груевски од два стана и плац на Водно од 3.000 квадратни метри како дел од истрага на Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески посочи дека имотот не фигурирал на името на Груевски, кој во моментот е политички азилант во Унгарија, но сознанијата говорат дека суштински е негов.
Македонија
Мицкоски на средба со директорот на ИРИ: Власта целосно потфрли со пандемијата и заглави во криминал

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, генералниот секретар на партијата, Ѓорѓија Сајкоски, и членот на ИК, Стефан Андоновски, денеска остварија средба со Овен Паун, директор на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Македонија.
Како што информираат од партијата, на средбата Мицкоски потенцирал дека власта потфрлила да ги заштити граѓаните и навреме да обезбеди вакцини против Ковид-19.
„Поради тоа, заостануваме зад Европа и регионот, а Македонија често се наоѓа во врвот на земји со најмногу починати на листите на милион или 100.000 жители“, посочил Мицкоски.
Во однос на политичката ситуација, лидерот на партијата рекол дека власта со многуте коруптивни афери ја нарушила довербата кај меѓународната заедница.
„За коруптивноста на власта и инволвираноста во криминали доказ се последните случувања со заплена на дрога и коруптивни афери во кои осомничени се владини функционери и лица блиски до власта“, рекол Мицкоски.
На средбата се дискутирало и за соработката помеѓу ИРИ и ВМРО-ДПМНЕ, при што било нагласено дека во иднина се планира проширување на соработката во подготовка на програмата и работата пред следните избори.
- Свет3 месеци
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Европа2 месеци
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Економија2 месеци
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“
- Свет1 месец
(Видео) Полиција собори маж на земја пред неговото мало дете зашто немал маска
- Економија3 недели
„Оштетени штедачи“: Фирма на Игор Џамбазов зела неповратен кредит од Еуростандард банка
- Црна хроника3 месеци
Брат и сестра нападнати на Широк сокак
- Регион4 дена
„Фајзер“, „спутник В“ или „Синофарм“ – истражување во Србија покажа која вакцина штити најбргу
- Регион2 месеци
Вучиќ за ковид-пасошите: Кои сте вие да го ограничите движењето на некој што не сака да се вакцинира?