Македонија
Од БГНЕС тврдат дека имале увид во францускиот документ: „Петков ги погази бугарските услови“

Советот на Европската Унија договори финален документ кој содржи рамка за преговори за пристапување на С Македонија во ЕУ, како и декларација за отворање на првата меѓувладина конференција со Скопје, пренесе бугарската агенција БГНЕС.
Од документот до кој дошла агенцијата, како што велат од таму, јасно се гледа дека ништо од досегашната официјална бугарска позиција не фигурира во предлог-одлуката на Европскиот совет за почеток на преговори со С Македонија.
„Ниту еден од бугарските услови наведени во Рамковната позиција од 2019 година не се појавува во предлог-одлуката на Европскиот совет за почеток на преговори со С Македонија за членство во ЕУ. Единствено условот, кој не е дел од Рамковната позиција и кој е објавен во 2021 година, за вклучување на Бугарите во Уставот на С Македонија, се гледа во заедничкиот став на Советот“, пишува агенцијата.
Според БГНЕС, сите други услови, особено оние кои се однесуваат на објективизација на заедничката историја и како што велат, говорот на омраза во учебниците и медиумите, рехабилитацијата на жртвите на комунистичкиот режим врз граѓаните со бугарски идентитет, воопшто не фигурираат во предлог-одлуката.
„Не се предвидува ниту еден од бугарските услови во самата преговарачка рамка, а оттука и нема гаранции за спроведување на преземените обврски од страна на Скопје“, посочуваат од бугарската агенција.
Предлог-одлуката се однесува на два дополнителни билатерални документа, чија содржина засега не е позната, објави БГНЕС.
„Едниот е веројатно поопшт документ наречен протокол, кој преклопува некои од точките што Кирил Петков му ги опиша на пратеникот на ‘Има таков народ’ (ИТН), Балабанов. Без оглед на неговата специфична содржина, гаранциите за имплементација на овој протокол не се предвидени во самата преговарачка рамка, како што сведочи предлог-одлуката на Советот“, наведува бугарската агенција.
Се додава дека другиот билатерален документ, што најверојатно ќе биде објавен, се однесува на формулацијата на македонскиот јазик, што значи и негово де факто признавање.
„Во документот се наведува дека Бугарија и С Македонија ќе дадат еднострани декларации за македонскиот јазик, а самите декларации ќе бидат приложени кон записникот од првата меѓувладина конференција“, се посочува во текстот.
Како што вчера објави БГНЕС, Франција најави дека ќе достави формален предлог до сите земји-членки за укинување на ветото за Северна Македонија, а потоа бугарскиот премиер Кирил Петков ќе го испрати францускиот предлог до Народното собрание.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Битолчани уапсени поради криумчарење на 24 мигранти пронајдени во камион на автопат

Вчера на магистралниот пат Гевгелија-Демир Капија, после клучка Марвинци во правец на селото Удово, полициски службеници од Полициска станица „Богородица“ ги привеле Б.А.(50) и А.Д.(47), двајцата од Битола, поради постоење основи на сомнение дека извршиле кривично дело криумчарење мигранти.
Имено, при извршена проверка во товарно возило „цитроен џампер“, со прилепски регистарски ознаки, управувано од Б.А., во кое совозач бил А.Д., биле пронајдени 24 лица мигранти (12 од Пакистан, пет од Сирија, пет од Индија и две од Авганистан), информираат од МВР.
Во координација со ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција лицата мигранти се сместени во Прифатно-транзитен центар „Виноjуг“ Гевгелија за понатамошна постапка, а по целосно документирање на случајот против двете лица ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
(Видео) „Носи кацига, вози безбедно!“- значително намален бројот на жртви на сообраќајниците

Минатата 2021 година е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првите четири месеци во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на значително намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи.
Министерството за внатрешни работи, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност од Скопје продолжуваат со активностите со цел подигање на нивото на сообраќајна култура и на тој начин намалување на бројот на жртви во сообраќајот. Денеска во Охрид почна новата превентивна кампања насочена пред се кон возачите на мотори, велосипеди и електрични тротинети „Носи кацига, вози безбедно!“.
„РСБСП во соработка со МВР и Факултетот за безбедност од Скопје ја реализираат кампањата за велосипедисти, мопедисти и возачи на електрични тротинети затоа што во овој временски период зголемен е бројот на учесници во сообраќајот како велосипедисти, мопедисти и возачи на електрични тротинети. Целта на оваа кампања е овие превозни средства да бидат соодветно означени, возачите да ги почитуваат правилата и прописите и задолжително да носат заштитен шлем- кацига, а возачите на електричен тротинет задолжително треба да носат рефелектирачки елек од почетокот на самрак до разденување. Секојдневно сме сведоци на примери кога овие возачи кацигата ја носат на раката наместо на главата. Затоа апелирам на поголема внимателност и одговорност, како и задолжително носење на заштитниот шлем-кацига на главата бидејќи тоа е еден од факторите за заштита на возачите и лицата кои се превезуваат со велосипед, мопед и електричен тротинет, рече претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска
Помошник министерот за односи со јавност во МВР Тони Ангеловски истакна дека ваквите превентивни акции директно влијаат на подигањето на нивото на сообраќајна култура, а на тој начин се намалува бројот на жртви во сообраќајот.
„ Безбедноста во сообраќајот е одговорност на сите нас и сите заеднички мора да го подигаме нивото на сообраќајната култура. Токму како резултат на активностите што ги спроведуваме изминатите години евидентен е трендот на опаѓање на бројот на жртви во сообраќајот кој секоја година се намалува, но, се разбира, и една жртва за нас е многу, па затоа продолжуваме интензивно да работиме за уште повеќе да ја намалиме оваа бројка. Минатата 2021 година има 116 жртви и тоа е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првите четири месеци во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи. Во првите четири месеци од 2022 година има 26 жртви, што е за 14 помалку споредено со истиот период лани, кога имало 40. Оваа кампања што денеска ја почнуваме е за да влијаеме на свеста на возачите и на тој начин самите да си ја зголемат безбедноста. Ова особено важи за возачите на мотори, но и за возачите на електрични тротинети, кои се се помногубројни. Носењето кацига може да ви го спаси животот. Иако минатата година е најбезбедна во последните 15 години, сепак имаме 11 возачи на мотори кои го изгубиле животот. Доколку ги почитуваме правилата и носиме заштитен шлем оваа бројка значително ќе ја намалиме“,рече Ангеловски.
Ангеловски потенцира дека покрај превентивните акции, продолжуваат и засилените акциски контроли за санкционирање на оние учесници во сообраќајот што не ги почитуваат правилата.
Македонија
За еден ден казнети 50 возачи во Скопје поради пребрзо возење

Министерството за внатрешни работи вчера продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот.
На територија на град Скопје изречени се вкупно 152 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 50 санкции, 16 мерки за возење без возачка дозвола, пет за минување на затворен сигнал – црвено светло.
Изречени се и 19 мерки за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикли, четири мерки за користење на мобилен телефон, 12 за технички неисправни и нерегистрирани возила.
Засилените акциски контроли продолжуваат. МВР апелира до граѓаните на почитување на сообраќајните правила и прописи за зголемување на безбедноста во сообраќајот.