Македонија
Од денеска полициски час од 20 часот, утре се затвораат угостителските објекти

Полицискиот час од денеска ќе трае од 20 часот навечер до 5 часот наутро, одлучи вчера Владата.
Од денеска се затвораат сите вежбалници, фитнес-клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање, а се забранува организирање, одржување и присуство/учество на секаков вид семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и други настани од ваков тип.
Овие одлуки ќе траат до 20 април.
За време на забраната и посебниот режим на движење, сите граѓани кои живеат во згради и што имаат домашни миленичиња (кучиња) може да ги изнесуваат надвор од своите домови во вечерните часови во времетраење од еден час, почнувајќи од 22:00 до 23:00 часот, најмногу до 100 метри од објектот каде што живеат.
На граѓаните кои извршиле имунизација/вакцинација во центрите за вакцинација, во временски период непосредно пред започнување на забраната и посебниот режим на движење им се дозволува враќање до своето живеалиште/престојувалиште врз основа на потврдата за извршена вакцинација.
Од утре, пак, се затвораат угостителските објекти и обложувалниците.
Оние угостителски објекти, кои вршат подготовка и продажба на храна можат да остваруваат продажба на алтернативен начин (онлајн или телефонски нарачки и слично) и да вршат достава или да овозможат самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект преку пулт.
Исклучок од ова се угостителските објекти на Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, како и угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување).
Од утре се воведува целосна забрана за посетители, гости во сите обложувалници, односно приемот на посетителите и работата на обложувалниците да биде овозможено исклучиво преку вршење шалтерска услуга (шалтер, штанд, пулт), односно угостителскиот објект/дел во обложувалниците, како и во казината, да биде затворен за посетители.
На седницата беше прифатено и укажувањето на Главниот кризен штаб за потребата од стриктно почитување на забраната за собирање во групи и групирања на повеќе од четири лица на јавен простор, паркови или која било површина на отворено. Ова важи на целата територија на државата секој ден во текот на седмицата.
Продолжуваат да важат дозволите издадени на барање на правни лица/институции, односно за движење на физички лица само за службени потреби.
За земјоделците, остануваат истите правила за движење за време на полицискиот час. Ова се однесува на нивното движење за извршување на работните обврски во атарот (местото на живеење) исклучиво за извршување на работните обврски. Останува да важат дозволите за движење на регистрираните земјоделци, евидентирани во подрачните единици на Министерството за внатрешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.