Македонија
Од понеделник ПОЦ ќе врши и комунални услуги

На седница на Советот на Општина Центар советниците изгласаа префрлување на хигиеничарите во општинското јавно претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ со што претпријатието ќе извршува и комунални услуги.
Префрлувањето на вработените и механизацијата ќе се случи во понеделник, а целта на оваа дополнителна дејност на ПОЦ е ефикасно организирање и одржување на јавната чистота на јавните површини, одржување на зеленилото на јавните патишта, јавни пешачки површини и тротоари во зимски услови на подрачјето на Општина центар. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски напомена дека хигиеничарите иако ќе бидат префрлени во ПОЦ финансирањето на платите ќе продолжи да се извршува од Буџетот на општината.
„Во делот на работењето, во делот на ова преземање на хигиеничарите разговаравме уште минатата година и тоа беше усогласено. Од 3ти април се префрлаат сите хигиеничари заедно со механизацијата за кои и понатаму ќе се грижи општината. Имаме во програма и во буџет предвидено средства за истата. Имаме на број околу 110 хигиеничари. Ќе вложуваме и оваа година верувам и следната и ќе помагаме и ќе субвенционираме работење на ПОЦ поради тоа што и самите хигиеничари се таму и ние како општина мораме да одвојуваме средства и за нивните плати и за опремата којашто е на користење“, изјави Герасимовски на Седницата на Совет.
Обврски на хигиеничарите кои ќе работат во рамки на ПОЦ ќе бидат држување на чистотата на јавните површини (чистење на смет, празнење на уличните корпи за отпадоци, чистење на суви лисја, гранки и сл.), одржување на зеленилото на јавните површини и паркови на територија на Општина Центар (косење трева, поткастрување гранки и сл.), одржување на локалните улици, патишта, јавни пешачки површини и тротоари во зимски услови на подрачјето на Општина Центар чистење на пешачките премини, пешачките патеки, плочници и тротоари, целосно чистење на мостовите, чистење на снег од уличните клупи и корпи за отпадоци) и сл.
Со префрлање на хигиеничарите од општина во јавното општинско претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ градоначалникот Герасимовски исполни уште едно предизборно ветување. ПОЦ отвора нов сектор и освен за паркинзите ќе води грижа и за хигиената во општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
АМСМ: Оштетена e оградата на мостот на Вардар, на патот кај селата Орешани – Таор

На патниот правец Р2131 од с.Орешани – с.Таор, на мостот на река Вардар, дел од заштитната ограда на самиот мост е оштетена поради излетано тешко моторно возило. Екипите на Ј.П. Македонијапат на самото место е поставија соодветна сообраќајна сигнализација (насочници), соопшти АМСМ.
Од таму, на учесниците во сообраќајот им препорачуваат крајно внимателно управување со возилата, прилагодување на брзината спрема условите на патот и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.
Македонија
(Видео) Превртен автомобил кај Тетово, удрил во заштитната ограда на автопатот

Несреќа се случи пред влезот на Групчин, во близина на Тетово. Автомобил удрил во заштитната ограда на автопатот Тетово-Скопје, по што се превртел. Засега не е познато дали има повредени лица.
Вратата од страна на возачот беше отворена, а екипата на „Макфакс“ јавува дека на местото немало друго возило, ниту повредени лица. На терен веќе имаше полиција
Од МВР посочуваат дека веќе го проверуваат настанот. На терен немаше ниту Брза помош, додека околу возилото имаше повеќе лица меѓу кои и минувачи.
Македонија
По 22 години конечно некој во државата за која се боревме, се сети дека постоиме, велат од Здружението „Бранител 2001“

Здружението на воени ветерани “Бранител 2001” изразува благодарност до Градоначалникот на општина Ѓорче Петров и членовите на Советот за денешниот, како што велат, значаен чекор.
„Усвојувањето на Одлука за ослободување на членовите на семејствата на бранителите од конфликтот во 2001 година од месечна партиципација за градинка, како и од паричниот надомест кој се дава за оброк во основните училишта е чекор кои мора да го поздравиме. По 22 години конечно некој во Република Македонија, во државата за која се боревме и ја браневме да се сети дека постоиме и дека ние Бранителите сме луѓе со чест и достоинство“, велат од здружението на воени ветерани.
Апелираат да не се застанува тука и повикуваат останатите општини да го следат примерот на општина Ѓорче Петров и барем на момент да се сетат дека тие постојат и дека дале значаен придонес во градењето на ова парче земја.