Македонија
Од рак на грлото на матката годишно во Македонија заболуваат околу 150 жени
По повод одбележувањето на месец јануари како месец посветен на борба против ракот на грлото на матката, Министерството за здравство информира дека согласно податоците од Институтот за јавно здравје во нашата држава на годишно ниво од овој тип рак заболуваат околу 150 жени, или 15 на 100.000 жени.
Според податоците од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, на оваа клиника во 2019 година се третирани 111 случаи на карцином на грло на матка, додека во 2020 година бројот е зголемен и изнесува вкупно 140 случаи.
Во програмата за рана детекција на малигни заболувања, предвидено е спроведување бесплатен скрининг за рано откривање на ракот на грлото на матката, со кој во период од три години се опфатени жени на возраст од 24-61 година, односно следните возразни групи: 24-35 години, 36-45 години, и 46-61 година.
Во рамки на организираниот скрининг годишно се испраќаат во просек околу 53.000 покани, а процентот нa жени кои примиле покана изнесува околу 88,3%. Од нив, околу 60% жени се тестираат со ПАП-тест или во просек годишно се прават по 24.000 ПАП-тестирања, пришто се откриваат брисеви со околу 10% епителни клеточни абнормалности во вкупно цитолошки анализираните брисеви или во просек по 2.400 брисеви годишно се со позитивни наоди.
Во 2020 година, во првите 3 квартали околу 12.000 покани се испратени од страна на гинеколозите кои се вклучени како извршители во Програмата, направени се околу 9.000 ПАП-тестови при што откриени се околу 900 брисеви со одредени клеточни абнормалности, што исто така претставува 10% од вкупно цитолошки анализираните брисеви.
„Податоците покажуваат дека се помал е бројот на жени со тешка форма на карцином, како што се плочестиот карцином суспектен за инвазија и инвазивниот плочест карцином. Токму тоа е и целта на превентивната програма на Министерството, рано и навремено откривање на ова заболување, што придонесува за намалување на стапката на смртност од ова заболување“, велат од Министерството за здравство.
Од аспект на зајакнување на превенцијата од ова заболување, во 2019 година е осовремен Календарот за имунизација со тоа што обезбедна е четиривалентна ХПВ-вакцина, со која се замени дотогаш користената двовалентна вакцина. Оваа вакцина штити од 4 опасни типови на хуман папилома вирусот. Покрај превенција од предмалигни генитални лезии, предмалигни анални лезии, канцери на грлото на матката и анални канцери, дополнително превенира и генитални брадавци.
„Во 2019 година е зголемен опфатот со вакцинација со оваа вакцина во споредба со претходните години“, велат од Министерството за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Заев и Филипче летаа со хеликоптер од Скопје до Прилеп, ДУИ користеа авион до Ниш
Заев и Филипче летаа со хеликоптер од Скопје до Прилеп, ДУИ користеа авион до Ниш – времето на злоупотреба на државни ресурси заврши, Владата на ВМРО-ДПМНЕ е посветена на работа која носи резултати, велат од владејачката партија.
„СДС повторно покажува дека нема никаква визија и идеја за развој на Македонија. СДС без идеи секојдневно растура пердуви во јавноста и шири дезинформации. Јавноста добро памети дека Заев и Филипче одеа на настани во Македонија со државен хеликоптер. ДУИ пак, владиниот авион го користеле и за летови до Ниш. Јавноста добро се сеќава дека од 30 дена, владиниот авион ексминистрите на ДУИ и СДС го користеле 25 дена. Заев и Филипче летаа од Скопје до Прилеп со хеликоптер на државна сметка. Зоран Заев со Венко Филипче и Јагода Шахпаска, со хеликоптер на МВР, летаа до Прилеп на означување почеток на изградба на нова енергетски ефикасна градинка во сред пандемија. Заев и Филипче наместо за борба против ковид 19, парите ги трошеа за летање со хеликоптер од Скопје до Прилеп“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата обвинија дека Заев и Филипче ги злоупотребувале државните ресурси, имајќи предвид дека едно летање на хеликоптер чини колку стотици вакцини и други потребни медицински материјали.
„СДС наместо демагогии и лаги, да понудат идеи и конкретни решенија за предизвиците со кои се соочуваат граѓаните и државата. Врeмето на недомаќинско работење како во времето на СДС заврши. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е посветена на работа која носи резултати за подобар животен стандард на граѓаните.“, пишува во реакцијата.
Македонија
Муцунски на министерски состанок за Коридорот 8 во Тирана
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре, на покана на министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, заедно со колегите од Италија, Бугарија и Романија, ќе учествува на Министерскиот состанок „Коридор VIII во стратешкиот момент на Европа: Поврзаност, отпорност преку воена мобилност и споделен просперитет преку интеграција“.
На состанокот ќе стане збор за актуелните инфраструктурни проекти што во моментов се операционализираат долж Коридор VIII, како и за предизвиците со кои се соочуваат земјите, а за чие надминување е неопходно засилено политичко внимание.
Македонија
Напуштањето миленик да стане кривично дело, пет од шест заловени кучиња имаат сопственик, велат од „Анима Мунди“
„При едно неодамнешно заловување, во текот на само еден ден, по женка во циклус, од шест заловени кучиња од страна на ЈП Лајка, дури пет биле со сопственик. Сопствениците дошле да ги подигнат од стационарот. Овој податок е алармантен и укажува на клучен аспект од каде извира проблемот, истакнуваат од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“.
Овој пример, како што велат, не значи дека тоа е единствениот извор на проблемот, туку претставува јасен доказ „во мало“, видлив во пракса.
Според нив, неодговорното сопствеништво, заедно со појави како дислокација на кучиња и континуиран прилив на животни од различни страни, суштински ја нарушуваат програмата и создаваат состојба во која станува речиси невозможно ефикасно да се контролира и сузбие.
„Наместо постепено намалување на бројот на бездомни кучиња, овие фактори постојано го обновуваат и продлабочуваат проблемот, поништувајќи ги напорите на институциите и службите на терен.
Додека ЈП Лајка троши ресурси за заловување, стерилизација и згрижување, паралелно се создава нова генерација кучиња што повторно ќе завршат на улица – слободно пуштени, репродуктивно способни и оставени без надзор. Без санкции, без контрола и без лична одговорност, системот ги третира само последиците, но не и причините за проблемот.
Истовремено, во последните 4,5 месеци сe почесто сведочиме на дислокација на кучиња- префрлање од една општина во друга, организирано префрлање на топката наместо вистинско решавање. Таквите дејствија, кои ги сметаме за координирани, дополнително ја продлабочуваат кризата и покажуваат дека, покрај неодговорното сопствеништво, постои и сериозен проблем со организирано исфрлање животни на туѓа територија, со фокус на град Скопје“.
Фактот,мкако што додаваат, дека пет од шест заловени кучиња имаат сопственик е директен доказ дека проблемот не може да се реши без строга законска регулација.
Од „Анима Мунди“ посочуваат дека се потребни сериозни, неизбежни и доследно применувани казни за неконтролиран расплод, за пуштање кучиња без надзор и за напуштање животни.
Предлагаат и бараат, напуштањето миленик да стане кривично дело.
„Во повеќе европски држави напуштањето животно се третира како кривично дело со можност за високи парични казни и затворска санкција (Хрватска, Франција, Португалија). Со тоа државата јасно порачува дека оставањето миленик на улица не е „лична одлука“, туку општествено штетно и казниво дејствие. Напуштеното животно е неодговорност што има директни последици врз јавната безбедност, буџетите на општините и благосостојбата на животните.
Иницијативата за криминализација на исфрлањето миленик на улица, вклучително и оставање мали кучиња, електронски ја имаме доставено до Министерство за правда Министерство за внатрешни работи, Владата на РМ и Агенција за храна и ветеринарство“.
Очекуваат институционален одговор и конкретни законски измени, како и што поскора измена на Законот за заштита и благосостојба на животните кој е во процедура.
Животните, посочуваат од здружението, не се виновни што се на улица.
„Не е решение да се убиваат животните. Решението е да се спречи создавањето нови напуштени животни – а тоа може да се постигне само ако одговорноста стане реална, лична и најстрого санкционирана.
Ако сакаме системско решение, системот мора да се промени. Законот мора да го спречи проблемот пред да се појави и оневозможи неодговорност без последици. Затоа што систем што толерира напуштање создава страдање. А само систем што казнува неодговорност, може да создаде ред“.

