Македонија
Од 130 заболени, првин осум пациенти ќе добијат лек за цистична фиброза, па потоа ќе се набави за уште 22 лица

Министерот за здравство, Беким Сали, рече дека скапиот лек „трикафта“ првично ќе биде набавен за осум пациенти, кои се во потешка здравствена состојба. Според него, се стремат да го остварат ветувањето да биде набавен за 30 пациенти до крајот на годината. Набавката ќе почне кога ќе се изменат законите, кои се спорни, за лекот да биде купен директно од производителот. Сали рече дека не може да каже кога лекот ќе биде во Македонија и додаде: „Се надевам дека пациентите ќе добијат терапија што побргу“.
„Ќе бидеме во постојана комуникација сè до комуницирање со производителот и обезбедување терапија првично за осум пациенти, кои се во потешка здравствена состојба, а стремежите се набавката на лекот да биде за 30 пациенти во текот на годината. Се надевам дека со измените на Законот за јавните набавки и другите закони поврзани со набавка на лекови ќе обезбедиме и терапија за пациентите“, изјави Сали.
Министерот Сали рече дека не може да потпише писмена гаранција дека ќе го набават лекот, како што беше побарано од болните од цистична фиброза, а за да не организираат нов протест за утре.
Прашан зошто лек само за 30 пациенти, Сали рече: „22 пациенти се во средно тешка состојба. Првиот пакет е за 30 пациенти. Иницираме преговори со производителот за цената, се надевам дека ќе го зголемиме бројот в година“.
Засега не се знае по која цена ќе се набави лекот.
„Ги немаме деталите за финалната цена на лекот. Пристапуваме кон директни преговори со производителот на лекот. Поради тој пристап, имаме потреба од измени на закони, кои сметаме дека следната недела ќе ги иницираме. Немаме финална цена. Имаме информации за чинењето еден третман на еден пациент“, појасни Сали.
Според министерот за финансии, Фатмир Бесими, гаранција дека лекот ќе се набави е нивниот збор даден јавно.
„Тоа што сме пред вас и соопштуваме, тоа е најголемата гаранција дека ова прашање ќе го решиме. Ние сме одговорни јавни личности, кои носиме јавни функции. Нашиот збор треба да се цени бидејќи таков заклучок имаме заеднички, на Влада. Прашање на време е за формалниот дел. Другото е на лекарите да го решаваат“, рече Бесими.
Во Македонија има 130-ина пациенти со цистична фиброза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.