Македонија
Онлајн закажување термин за сликање за лични документи и за македонската дијаспора, соопшти МВР

Министерството за внатрешни работи овозможи онлајн закажување термин за сликање за лични документи во државата и за македонската дијаспора, односно сите оние кои не поседуваат македонски телефонски број преку можност да извршат резервација преку електронската пошта, https://termin.mvr.gov.mk/Call_Request.
Од моментот на воведување на електронското закажување преку Веб страницата на МВР во текот на 2024 имало во просек по 7000 закажани термини месечно, а во текот на 2025 има над 4000 термини месечно или во просек речиси по 200 закажани термини на ден преку овој сервис.
МВР информира дека закажувањето термин преку редовните телефонски линии функционира беспрекорно и термин за редовна постапка се добива за еден ден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Клучот за доверба и стабилност е дигитална, транспарентна и отчетна администрација

Со целосната имплементација на Информациониот систем за управување со човечки ресурси, правиме разлика. Од хаос кон систем. Од пристрасност кон дигитална евиденција. Од импровизација кон стратегија.
Оваа реформа ја носиме во време кога граѓаните одамна го изгубија трпението. И со право. Затоа што долго време имаше една логика- администрацијата како партиски плен, институциите како приватен имот. Ние градиме систем. А Информациониот систем за управување со човечки ресурси е значаен чекор, изјави премиерот, Христијан Мицкоски на денешниот настан.
Мицкоски посочи дека со Информациониот систем за управување со човечки ресурси за прв пат во државата ќе има целосен и транспарентна слика за тоа кој каде е вработен, но и колкава плата добива.
„Преку овој систем, за првпат државата има целосна и транспарентна слика за тоа кој е вработен, каде, по кој основ, со кои квалификации, каква плата добива и дали е заслужена. Повеќе нема кумови, пријатели, советници по заслуга. Сега има податоци, перформанси и одговорност. Претходната власт не остави систем. Ни остави мрежа. Мрежа на влијанија, уцени, договорени функции и поставувања преку врски. Се криеја вработувања од јавноста. Се местеше документација. Луѓе без ден искуство раководеа со сектори. Тој модел го рушиме од корен. И на негово место градиме нов – праведен, транспарентен и контролиран систем.
Информациониот систем за управување со човечки ресурси е алатка, но реформата е политика која ние ја застапуваме. И ние таа политика ја водиме со јасен став- администрацијата не смее да биде партиска каса, туку државен сервис.“, изјави тој.
Мицкоски истакна дека додека визија на Владата е јасна, а тоа е како што рече тој да создадеме професионална, стабилна и отпорна администрација. Да обезбедиме кариера, а не послушност
„Нашата визија е јасна- да создадеме професионална, стабилна и отпорна администрација. Да обезбедиме кариера, а не послушност. Да градиме луѓе, а не лојалности.
Ние сме влада што инсистира за гарантирана услуга- институцијата мора да одговори на граѓанинот во рок. Влада што отвори процес на идентификација на нерегуларности во администрацијата. Што постави контролен механизам за напредување според учинок. И што, најважно од сè, ја враќа довербата во институциите.
Затоа денес, преку ИСУЧР, покажуваме што значи владеење преку систем, а не преку влијание.
Додека некои создаваа работни места за своите, ние инвестираме во дигитални системи, во обука, во квалитетни кадри. Ние отвораме врати за секој млад професионалец што сака да работи за државата. И тоа е суштинска промена. Тоа е разликата меѓу нас и нив. Ние градиме, тие прикриваа. Ние дигитализираме, тие укинуваа конкурсни постапки. Ние реформираме, тие ја злоупотребуваа администрацијата.“, објасни Мицкоски.
„Ќе завршам со порака што одамна требаше да биде реалност – јавната администрација не припаѓа на ниту една партија. Таа припаѓа на народот. Ваквите реформи го градат системот што го потврдува тоа. И ова е само почеток. Ќе продолжиме со реформи. Ќе воведеме автоматизирани процеси. Ќе изградиме целосен дигитален систем на управување со институциите. Модерната држава не може да постои со застарена администрација.
Граѓаните очекуваат брза услуга, одговорност и ефикасност- а не бирократска лавиринти и чекање со месеци. Администрацијата е лицето на државата. Ако тоа лице е неефикасно, затворено, арогантно или хаотично- тогаш и довербата во државата опаѓа. Во 21-от век, клучот за доверба и стабилност е дигитална, транспарентна и отчетна администрација. Без неа, секоја реформа е осудена на половичен успех.“, дециден е Мицкоски и додаде:
„Ако сакаме европска Македонија, мора да имаме европска администрација. Не по имиња, туку по стандарди. Не по форма, туку по суштина.“
Македонија
Меѓународно признание за младите математичари од Ѓорче Петров

Учениците од Општина Ѓорче Петров постигнаа извонреден успех на меѓународниот натпревар „Математика без граници“, кој по 12-ти пат се одржа во Несебар, Бугарија. На натпреварот на кој имаше 1200 учесници од 13 држави, учениците од Ѓорче се вратија со три сребрени и една бронзена медала – резултат што претставува особена гордост за Општина Ѓорче Петров и целата македонска јавност.
Македонскиот тим, предводен од наставничката Анкица Спасова – професорка по математика од Ѓорче Петров, го сочинуваа учениците Јана Спасова од ООУ „Мирче Ацев“ – Скопје и Анамарија Дафчева, Михаил Лалевски и Андреа Кулевска од ООУ „Тихомир Милошевски“ – Скопје.
Во рамки на денешната посета на кабинетот на градоначалникот, учениците и наставничката разговараа за тоа како Општината би можела и во иднина да придонесе кон дополнително подобрување на условите за учество на меѓународни натпревари од ваков тип.
По повод успехот, градоначалникот Александар Стојкоски истакна: „Чувствувам особена гордост и благодарност што во Ѓорче Петров имаме вакви ученици и наставници. Ова е уште една потврда дека вложувањето во образованието дава резултати. Ќе продолжиме посветено да ги поддржуваме младите таленти и нивните ментори, бидејќи тие се темелот на едно здраво и просперитетно општество.“
Македонија
Од четврток температурите ќе паднат за 8 до 10 степени

Утре ќе се задржи многу топло време, а во попладневните часови ќе има услови за изолирана појава на нестабилност. Ќе дува умерен до засилен ветер од југозападен правец, информира УХРМ.
Поради продор на посвежа воздушна маса од север и засилен северен ветер (над 60 km/h) во среда, а особено во четврток ќе има значително опаѓање на дневната температура (од 8 до 10 степени).
Во среда претежно во северните делови ќе има услови за повремен дожд, а во петок локална нестабилност со пороен дожд и грмежи.