Македонија
Онлајн состанок на пратеничките групи за соработка меѓу парламентите на Северна Македонија и Украина

Членови на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Врховната рада остварија онлајн состанок со своите колеги од Украина, при што беа повторени заложбите за понатамошно јакнење на поддршката и на соработката меѓу двете земји, во пресрет на тригодишнината од почетокот на руската агресија.
Пратеничката Ивана Василевска, претседателка на ПГ за соработка со парламентот на Украина, истакна дека македонското Собрание е силно поврзано со украинскиот парламент, со желба за понатамошно динамизирање на соработката со несмален интензитет.
Василевска посочи дека во изминатите години сме сведоци на воени дејствија на европско тло и изрази уверување за средба во живо со украинските колеги во, како што рече, слободна Украина.
Копретседавачот на Групата за меѓупарламентарни односи со Република Северна Македонија во Врховната Рада на Украина, Валериј Зуб и во оваа прилика изрази благодарност за солидарност од македонска страна, посочувајќи дека тоа е од големо значење за украинскиот народ во соочувањето со инвазијата од Русија.
На онлајн состанокот се обрати и пратеничката Славјанка Петровска, посочувајќи дека верува во слобода и во демократија, како и во правото на секој народ да го одбере својот пат.
Потпретседателот на Собранието Јован Митрески, пак, истакна дека во македонското Собрание, и покрај промените на улогите по изборите минатата година, како и покрај разликите меѓу политичките сили за многу прашања, има мошне широк консензус во однос на поддршката на Украина наспрото руската агресија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вградени првите пенилни протези на Клиниката за урологија: „Историски чекор во македонското здравство“

Клиниката за урологија во Скопје испиша ново поглавје во македонската медицинска историја. За првпат, во државното здравство, беа извршени три успешни операции на вградување пенилни протези, со што Македонија се вклучи во редот на најнапредните здравствени системи што нудат врвни решенија за хируршкото решавање на органската еректилна дисфункција, соопштија од Клиниката.
Досега, од Клиниката за Урологија ваквите пациенти се препраќаа во приватните и странските медицински центри, каде на ФЗОРСМ му се наплаќаше неколкукратно повисока цена.
Овој иновативен третман е наменет за пациенти кај кои конвенционалните медикаментозни терапии не даваат резултати, особено за лица со долгогодишен дијабетес, кардиоваскуларни заболувања, претходни обемни хируршки интервенции, жртви на сообраќајни несреќи и други здравствени состојби, поради кои, пенилната имплантација е крајно решение. Една од овие индикации е и Пејрониева болест, каде постои силно изразен деформитет на пенисот.
Еректилна дисфунција е состојба кога пациентот не може да постигне или да одржи ерекција. Ова е сериозен проблем со кој се соочуваат околу 30 проценти возрасни мажи. Со стареењето, процентот се зголемува, а причините, не секогаш се психолошки.
„Вградивме пенилни протези на двајца пациенти на возраст од 45 и 59 години, кои претходно се оперирани од карцином на простата, додека третиот страда од Пејрониевата болест — нарушување на сврзното ткиво на самиот полов орган, при што доаѓа до закривување на пенисот. Пациентите добро се опоравуваат, а проценките се дека по оперативниот зафат е потребен болнички престој од три денови. Со оваа процедура не само што овозможуваме значително подобрување на сексуалната функција кај пациентите, туку влијаеме позитивно и врз нивната психолошка стабилност и севкупен квалитет на живот. Протезната хирургија е врвот во реконструктивната урологија и се фокусира на обновување, не само на анатомијата, туку и на функцијата на урогениталниот систем кај пациенти со сериозни оштетувања.“, вели д-р Огнен Ивановски од Универзитетската клиника за урологија, кој ги изведе операциите заедно со реномираниот уролог д-р Марчел Рaд од Медицинскиот факултет во Романија, член на Европскиот одбор за урологија.
Ваквите оперативни зафати целосно се покриени од Фондот за здравствено осигурување на Р.С. Македонија и претставува нова услуга во јавното здравство. Клиниката предвидува годишна потреба од 15 протези. Досега, од Клиниката за Урологија ваквите пациенти се препраќаа во приватните и странските медицински центри, каде на ФЗОРСМ му се наплаќаше неколкукратно повисока цена.
„Како што оваа медицинска интервенција е достапна и покриена од здравственото осигурување во светските водечки медицински центри, така и кај нас, овие оперативни зафати, целосно се финансирани од Фондот за здравствено осигурување на Р.С. Македонија, што е голем исчекор и новина во рамките на јавното здравство.”, истакна директорот на клиниката, д-р Башким Шабани.
Постојат строги медицински критериуми на кој потенцијален пациент му е неопходна пенилна протеза. Стручниот колегиум на Клиниката индивидуално ги разгледува случаите и одлучува дали пациентот ги исполнува условите за ваков тип хируршка интервенција. Постојат два вида протези за еректилна дисфункција, кои ќе бидат хируршки вградувани на потенцијалните пациенти: поставување на инфлантибилна трокомпонентна пенилна протеза и поставување на семиригидна пенилна протеза.
Честопати еректилната дисфункција претставува прв симптом за идна кардиоваскуларна болест, дијабетес или хипертензија. Најчесто, лекувањето започнува со употреба на лекови. Доколку тие не помогнат или пациентот не смее да ги користи, следниот чекор е хируршко решение. Во такви случаи, според стручните препораки на Европската асоцијација за урологија, може да се вгради пенилна протеза – уред што овозможува мажот повторно да има нормална ерекција. Овој третман е ефикасен и може целосно да го реши проблемот кај мажи, кога другите терапии не даваат резултати.
„Со овој современ метод се поставуваат специјални цилиндри во кавернозните тела на пенисот, место кое нормално се полни со крв за време на ерекција. Цилиндрите се поврзани со мала пумпа, сместена под кожата помеѓу тестисите, така што пациентот лесно може да ја допре и активира. Системот функционира со помош на резервоар полн со стерилен физиолошки раствор, кој е сместен длабоко во карлицата, во близина на мочниот меур, и не се гледа однадвор. Кога пациентот ја активира пумпата, течноста се префрла од резервоарот во цилиндрите, што предизвикува ерекција. По завршување на односот, со едноставно притискање на копче, течноста се враќа назад во резервоарот, а пенисот се враќа во опуштена состојба.“, објаснува д-р Ивановски.
Имплантираната протеза може да почне да се користи шест недели по операцијата, а нејзиниот век на траење зависи од самата протеза, но и од начинот на однесување на пациентот. Како и кај секој хируршки зафат, постои ризик од компликации, како инфекции, кои се јавуваат во два до три проценти од случаите, потоа дефект на самата протеза, а како најсериозна, но ретка компликација, се наведува поместување на протезата од нејзиното лежиште. Ризикот од инфекција дополнително се намалува благодарение на антибиотскиото премачкување на силиконските цилиндри од пенилните протези, вградени кај пациентот.
Македонија
Четврто издание на Инфјужн – Фестивалот на инклузија од 11 јуни во Скопје

Четвртото издание на inFusion – Фестивалот на инклузија оваа година ќе се одржи од 11 до 15 јуни на повеќе локации низ Скопје.
Фестивалот на инклузија, освен што го слави новото име „inFusion“, оваа година нуди и повеќе од 30 настани распоредени во 5 тематски денови: Перформанси и Театар, Уметност, Музика, Спорт и Гејминг.
Паркот Македонија, во Општина Кисела Вода, повторно ќе биде домот, или базата на Инфјужн фестивалот, но настани не очекуваат и на други локации, како Музејот на современата уметност, Театар Комедија, Тивки дружби во Амигос – кафуле.
Младите и најмладите се во фокус на овогодинешното издание на фестивалот, музичките концерти се во целост посветени на млади бендови(14 јуни, сабота, Парк Македонија), Инфјужн базарот ќе биде отворен за промоција на иницијативи на млади уметници и креативци, планирани се и настаните inFusion – Мурал, inFusion – Прототипирање на игри, „Фузија“ – изложба на уметнички дела од млади уметници.
Отворањето ќе се случи на 11 јуни 2025 година со ексклузивниот перформанс на австралиско-германското дуо „SKIN“. Водени тури низ поставките на Музејот на современата уметност со толкување на знаковен јазик, креативни работилници како „Шарена чајанка“ и изработка на маскотки од чорапчиња, театарски претстави „Супер вселенко и роденденска торта“ и „Ѕуница“.
Партнери на овогодишното издание на фестивалот се драмско студио „Театар за тебе“, уметничкиот колектив Допирна Точка, гејминг заедницата Galactic Omnivore, Клубот на оратори при УКИМ, Академија Рекреатива, Art of Living, Колектив „Ветерница“, Музејот на современата уметност, НВО „Доза Среќа“.
Новина во фестивалските настани е толкување на концертите на знаковен јазик, што се случува за прв пат во современа Македонија, како и перформансот и работилницата на дуото „SKIN“. Неодоливоста на овогодинешниот фестивал се и утринските активности, како будењето со латино танци(14 јуни), но и јога и медитација(15 јуни), а читањето во длабоките сенки на магичниот парк со книга, кафе и дџ сет се неизоставен дел од сите фестивалски денови. Вкупно 30 настани во 5 денови ќе вдахнат нова димензија во културно-уметничката преобразба на метрополата, a Базарот и Форумот на релевантни и општествено значајни теми ќе разбудат рефлексија која ќе инспирира за подобро утре.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Меѓународниот Астана форум 2025

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денескa во Астана, Република Казахстан, ќе учествува на Меѓународниот Астана форум 2025.
Предвидено е таа да се обрати на пленарната сесија што ќе ја отвори претседателот на Република Казахстан, Касим-Жомарт Токајев.
Меѓународниот Астана форум 2025 се одржува од 29 до 30 мај 2025 година, на тема „Поврзување на умовите, обликување на иднината“.
Форумот се позиционира како значајна иницијатива за унапредување на мултилатерализмот и заедничкото дејствување во решавањето на глобалните прашања. Меѓу клучните теми се геополитичките предизвици, климатските промени и економските промени на глобално ниво.