Македонија
ОПМ: Треба алатка за споредување на цените на производите за граѓаните да знаат каде може да ги купат поевтино, објавените списоци не се доволни

По објавувањето на списоците со цени на сите производи во маркетите, неопходно е да се направи нова алатка, која на потрошувачите ќе им овозможи да ги споредуваат цените на исти производи во разни маркети за да откријат каде им е најевтино да пазаруваат. Ваков став има претседателката на Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ), Маријана Лончар-Велкова. Кај нив засега нема поплаки од граѓани за непрегледно објавените цени на производите во маркетите, но сметаа дека начинот на кој цените на производите сега се објавени е збунувачки.
„Ако некој има намера да купи пет или шест производи, треба во сите тие списоци на производи што ги објавуваат да ги бара баш тие, да оди од маркет во маркет онлајн за да може да ги најде. Кога би имале една компаративна алатка, тоа би одело многу бргу. Сега со вештачката интелигенција би можело и побргу да се развие, да биде онлајн и да биде унифицирано. Сега не е унифицирано. Немаме по групи на производи, па по видови и така натаму, никаде не е исто и луѓето немаат ни време ни можност да споредуваат. Инаку, идејата е добра, ама треба таа идеја уште да се разработи. Кај нас има проблем што идеите ќе се дадат, сè ќе биде добро, меѓутоа не се развиваат, ова не е готово, ова е само почеток. Треба да се направи една алатка за компаративна споредба на производите каде може да се купат поевтино, а трговците да имаат меѓусебна конкуренција“, рече Лончар-Велкова одговарајќи на новинарски прашања за време на експертскиот форум во рамките на проектот „Јакнење на правата на потрошувачите во финансиските услуги“.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, засега не може да каже дали објавените цени се прегледни или не и најави дека тоа ќе го сублимираат еден месец по имплементацијата на законската обврска за објава на цените на производите.
„Можеби ќе одиме на една генерална и општа веб-страница, која ќе биде понудена понатаму, или збирна информација, која ќе дава подобри резултати за да може граѓаните транспарентно да ги контролираат цените онаму каде што ќе купуваат“, рече заменик-министерот Ристески.
Трговците добија законска обврска на веб-страниците да ги обавуваат цените на сите производи што ги нудат од 18 април оваа година, а мерката ја предложи лично премиерот Христијан Мицкоски за да се заузда неконтролираниот раст на цените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: Работниците се непоколеблива сила на нашиот напредок

Првиот вицепремиер, Изет Меџити, упати честитка по повод 1 Мај-Меѓународниот ден на трудот, изразувајќи благодарност до сите работници кои со посветеност и чесност секојдневно придонесуваат за развојот на општеството.
„Работниците се непоколеблива сила на нашиот напредок – наставниците кои ги едуцираат генерациите, здравствените работници кои го штитат животот, полицајците кои ја обезбедуваат безбедноста, земјоделците кои ја хранат земјата, градежниците кои ја формираат инфраструктурата, и сите останати кои секојдневно ја движат државата напред“, истакна Меџити.
Тој потсети на заложбите на Владата за отворање нови работни места и решавање на статусот на илјадници работници, како и на конкретните мерки што се преземени, вклучувајќи го зголемувањето на платите во клучните сектори како образованието, здравството и безбедноста, субвенциите за земјоделците, зголемувањето на минималната и просечната плата, како и пензиите.
„Знаеме дека секој работник заслужува повеќе: заслужува почит, поддршка и мотивација. Нашата развојна политика се темели врз достоинството на трудот и работникот. Токму оваа основа ќе ја зајакнеме и понатаму, со решителност и јасна визија за поправедна иднина за сите“, заврши тој.
Македонија
Владата: Сметки од услугите од бифињата, СДСМ ги прикажува како трошоци за ручеци на министри

Владата во целост ги демантира, како што ги нарекува, лажните и манипулативни наводи на партијата СДСМ за сметките.
Според Владата, опозициската партија, ресторанските услуги на бифињата ги прикажува за трошоци за ручеци на министрите.
„Тоа не се трошоци на министерот Љутков, ниту министерот Муцунски или друг владин министер, туку трошоци за бифињата кои функционираат во рамките на министерствата, кои ги користат и плаќаат и вработените кои плаќаат за услугите. Впрочем во времето на СДСМ оператор на ваквите услуги беше фамозната струмичка компанија Концепт“, велат од Владата.
Додаваат дека времињата кога министрите од таа партија трошеа брдо пари за скапи луксузирања и кога министри патуваа со владиниот авион до Ниш или до Солун на шопинг заврши.
Владата апелира: „Со голема претпазливост да се земат лажните вести продуцирани од партијата позната по дезинформирањето. Очигледно СДСМ одбра да продолжи со својата неконструктивност, некадарност и неспособност“.
Македонија
Манасиевски: Дали Филипче е воодушевен од Заев и дали и тој мисли како него дека македонскиот јазик е ист со бугарскиот

Заев тврдеше дека Македонците и Бугарите се ист народ и дека Македонскиот и Бугарскиот јазик се исти. Дали и Венко Филипче го мисли истото, со оглед на тоа дека кажа дека народот треба да учи од Зоран Заев и дека нема друг како него, праша Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Заев ги опустоши Македонските национални интереси, и како кловн кој ги засмејуваше регионалните политичари. Дали Венко Филипче се гордее и со тоа?“, рече Манасиевски.
Додаде дека е добро што народот знае со сигурност дека Венко Филипче е втор Зоран Заев, и што може да очекува.