Македонија
Општина Аеродром:ВМРО-ДПМНЕ сака да ја префрли одговорноста за урбанистичкиот хаос врз новото раководство

Продолжува лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ и нивната советничка група. На вчерашната седница на Советот на Општина Аеродром побараа ревизија и мораториум за ДУП-ови што самите тие ги имаат изгласано. Притоа, никој од нив не даде ниту еден аргумент за своите предлози и како тие би ја решиле ситуацијата. Единствена цел на ВМРО-ДПМНЕ е да ја префрли одговорноста за урбанистичкиот хаос во Аеродром, кој токму тие го предизвикаа, врз новото општинско раководство, се вели во реакцијата на Општина Аеродром.
Според нив, во однос на предложениот мораторитум на ДУП И10 и Црква УЕБ, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ беше неколкупати повикана да го образложи својот предлог. ,,На прашањето што ќе се постигне со мораториумот и како тој ќе го реши проблемот со парцелата кај ‘Мајчин дом’, ниту еден од советниците немаше одговор. Мораториумот не му го одзема правото на сопственикот да гради, не го оспорува носењето на ДУП-от и не влијае врз маркицата за градба. На овој начин само се блокираат сите други неспорни градби и тековни работи во општината. За сметка на ова, Опшината може да трпи и финансиски штети, што значително ќе се одрази врз работењето и е спротивно на интересите на граѓаните.
Советниците на ВМРО-ДПМНЕ вчера се обидоа да побараат и ревизија на ДУП-овите, иако знаат дека таа веќе се спроведува. По преформулирањето на точката, гласаа против сопствениот предлог. Ова е уште еден доказ за безидејноста во работењето на ВМРО-ДПМНЕ. Врз основа на оваа ревизија, сите потребни документи за претставките против ДУП И10 се веќе доставени до Уставен суд, кој утре ќе расправа за овој случај. Токму судот ја има надлежноста да решава за ова прашање и Општина Аеродром понатаму ќе постапува согласно со неговата одлука”, велат од општината.
Новото раководство на Општина Аеродром на чело со градоначалникот Златко Марин активно работат на заштита на урбаното јадро, грижа и дополнување на зеленилото во општината. Новите урбанистички планови се носат според повисоки стандарди за похумано живеење. Време е ВМРО- ДПМНЕ да престане со пополустички и небулозни предлози и да почне да работи конструктивно и во корист на граѓаните, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.