Македонија
Општина Аеродром доделува по 3.500 денари за секое прваче

Општина Аеродром годинава првпат доделува по 3.500 денари за секој првоодделенец. За оваа цел Општината има издвоено 2.800.000 денари од сопствениот буџет.
„Целта на проектот е да се олеснат трошоците на родителите за новиот ученик во семејството. На овој начин ги враќаме парите назад кај граѓаните, овозможуваме пријатен почеток на првата учебна година и подобри услови во образовниот процес за секое дете“, изјави градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин.
Родителите на сите првачиња запишани во некое од училиштата на територијата на општината, од денеска (20 јуни) може да поднесат барање за еднократната парична помош најдоцна до 31 август годинава. Барањата може да се поднесат во Општина Аеродром секој работен ден од 9 до 15 часот во канцеларијата број 19, а исплатата на паричните средства е предвидена пред почетокот на учебната година, информираат од Општината.
Образецот за барањето за доделување еднократна парична помош на семејствата со првоодделенец во учебната 2018/2019 година на подрачјето на општина Аеродром може да се подигне во Општината или да се симне од општинската интернет-страница во менито за формулари или директно на следниов линк.
Во прилог на барањето на увид потребно е да се достават следните документи, кои треба да се оригинал, а не копија:
1. Потврда за запишан ученик во прво одделение во учебната 2018/2019 година, заверена од основно училиште од територијата на општина Аеродром;
2. Оригинал извод од Матичната книга на венчаните (за родителите/старателите на првачето);
3. Оригинал извод од Матичната книга на родените (за првачето);
4. Важечки лични карти од двајцата родители за идентификација од која се видни податоците за живеалиштето во општина Аеродром;
5. Tрансакциска сметка од примателот на паричната помош (на еден од родителите/старателите).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Над 340.000 пензионери во државата од денес ќе добиваат за 2500 денари повисоки пензии

Над 340.000 пензионери во Република Северна Македонија од денес ќе добиваат за 2500 денари повисока пензија. Со линеарното покачување на пензиите во месец Септември и мартовската пензија во месец Април, пензионерите добиваат за 5000 денари повисоки пензии за само 9 месеци мандат од оваа Влада, извести МТСП.
„Покачувањето на пензиите беше едно од предизборните ветувања на оваа Влада, која веднаш, на првата владина седница, започна со постапката за нејзино реализирање.
Како Влада и ресорно министерство ја потврдуваме грижата за нашата највозрасна категорија на граѓани. Продолжуваме и понатаму со креирање на политики и мерки кои ќе го унапредуваат квалитетот на живот на пензионерите“, велат од МТСП.
Македонија
За една недела „пајакот“ кренал 116 возила

ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 24 до 30 март, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 116 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, информираат од ПОЦ.
„ЈП ПОЦ и Општина Центар континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка и апелираат до граѓаните да ги почитуваат правилата и прописите и да ги оставаат своите возила само на пропишаните места за да им се овозможи на пешаците и велосипедистите нормално движење по тротоарите и велосипедските патеки, а на возилата безбедно движење по улиците“, се наведува во соопштението.
Македонија
СДСМ: Молкот на Андоновски го потврдува скандалот со новиот тендер, институциите да постапап веднаш

„Скандалите во Министерството за дигитална трансформација водено од Стефан Андоновски не престануваат. По тендерот добиен од сопругот на државната секретарка Клинчарова, сега јавноста дозна за нов тендер вреден 600.000 денари. Според информации од свиркачи кои јавно ги објавивме, сомнежите се дека овој тендер бил доделен на фирма поврзана со родителите на вработен во ИТ-секторот на истото министерство“, соопшти СДСМ.
„ДПМНЕ не го негираше тендерот туку го потврди а Андоновски досега молчи. Оттука, основани се сомнежите за непотизам, судир на интереси и злоупотреба на јавните пари.
Го повикуваме Јавното обвинителство веднаш да отвори истрага за сите тендери во Министерството за дигитална трансформација. Бараме и ДКСК да го прошири предметот и да ја информира јавноста за резултатите од постапката што веќе ја води.
Министерот Андоновски мора да понесе одговорност, а институциите мора да покажат дека функционираат и кога се во прашање функционери од ВМРО-ДПМНЕ.
Дали случајот со тендерските мрежи не е изолиран инцидент, туку дел од поширока шема?
Ова не е партиска тема, ова е прашање на јавен интерес, прашање на правда и борба против системска корупција.
СДСМ нема да престане да ја разобличува вистината. Ќе продолжиме со објавување на сите информации и докази што укажуваат на можни злоупотреби во Министерството, а такви имаме многу“, се наведува во соопштението на СДСМ.