Македонија
Општина Боговиње ја доби својата прва градинка со капацитет да згрижи 87 деца
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска присуствуваше на отворањето на новата детска градинка „Јета“ во населеното место Камењане, општина Боговиње.
„Градинката ‘Јета’ ќе згрижи 87 деца, организирани во 5 воспитни групи од 0 до 6 години. За неа веќе е подготвен и стручен кадар, кој ќе се грижи децата да добијат квалитетно предучилишно воспитание и образование. Министерството за труд и социјална политика издвои 16.000.000,00 денари како грант за Општина Боговиње во рамките на реализација на Проектот за подобрување на социјалните услуги, кој го реализира Министерството со поддршка на Светската банка за изградба на нови, реконструкција и адаптација на постојните објекти.
Во овој случај се работи за реконструкција и адаптација на постоен објект, кој во минатото бил основно училиште со негова пренамена во квалитетен и енергетски ефикасен објект за згрижување и воспитување деца на предучилишна возраст.
„Ова е осмата градинка што како Влада ја отворивме од почетокот на мандатот и опфат на нови 752 деца во нив. До крајот на мандатот на оваа Влада планиранa е изградба и реконструкција на нови објекти со капацитет за нови 1.900 деца. Продолжуваме кон реализација на нашите проекции, а тоа е опфат на 60 % од децата во предучилишно воспитание и образование.
Градоначалникот на општина Боговиње, Аљбон Џемаили, изрази голема благодарност до Министерството за оваа инвестиција, која воедно претставува и прва детска градинка во општината и е од особено значење за жителите на Камењане. Самото име „Јета“, потенцира градоначалникот Џемаили, значи живот на македонски и симболизира почнување на животот на децата во смисла на нивно социјализирање и влегување во воспитно-образовниот процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

