Македонија
Општина Гостивар ќе обезбеди уште 40 проекти од Владата, Лимани го пречека Меџити на средба
Денеска градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, го пречека на средба првиот заменик-претседател на Владата на Северна Македонија, Изет Меџити.
На средбата се дискутираше за проектите кои се распределени за Општина Гостивар од страна на Владата, како и за проектите што ги обезбедува Министерството за животна средина и просторно планирање, како што е доделувањето средства за Општина Гостивар за изградба на фекална и атмосферска канализација за Урбаниот блок 21 во износ од 87 милиони денари, како и обезбедувањето средства од Европската инвестициска банка за реализација на проектот за резервоар во селото Чегране во вредност од 30 милиони денари и новата линија на водоводот од Форинo до Чегране во износ од 28 милиони денари, како и изградбата на канализацијата во ова село.
Исто така, со поддршка од Европската банка за обнова и развој, се обезбедуваат средства за Гостивар да го спроведе селектирањето на отпадот од домаќинствата, што вклучува канти, контејнери и камиони за транспорт на отпадот.
Од Програмата за користење средства за капитални дотации за единиците на локалната самоуправа за инфраструктурни проекти за 2024 година од Владата, Гостивар добива средства во износ од над 161 милион денари за подобрување на патната инфраструктура.
Дополнително, во рамките на вториот владин повик за оваа година, се очекува Општина Гостивар да добие уште 40 инфраструктурни проекти, покрај 13-те проекти кои веќе се одобрени и ќе започнат со реализација во наредниот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

