Македонија
Општина Карпош објави повик за субвенции за поправка на лифтови и кровови во згради

Општина Карпош објави јавен повик за субвенционирање за поправка и санација на постоечки лифтови и оштетени кровни површини на станбени згради.
Субвенционирањето е поддржано од буџетот на Општина Карпош, а право на учество имаат заедниците на сопственици или управителите на станбени згради. Вкупниот буџет за овој проект е два милиони денари, а јавниот повик е отворен и трае до исцрпување на средствата.
Финансиската поддршка за санација на лифтови е во висина од 30 отсто, но не повеќе од 200.000 денари од вкупниот износ на вредноста на санацијата на лифтот.
Субвенционирањето за обнова на кровни површини е во висина од 30 отсто, но не повеќе од 150.000 денари од вкупниот износ на вредноста на обновата на кровниот покривач.
Условите за учество на заедниците на сопственици/управителите на станбени згради, како и документацијата која треба да се приложи може целосно да се види на огласната табла на www.karpos.gov.mk или на следниот линк: https://bit.ly/3qgzFz7
Апликацијата е објавена на следниов линк https://bit.ly/3ocLvs2.
Локалната самоуправа го промени начинот на субвенционирање на поправката на лифтови и кровни површини, согласно препораките од Државниот завод за ревизија кои беа истакнати во Извештајот за материјално – финансиското работење на Општина Карпош.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вработен во болницата во Прилеп си присвоил 2.110.640 денари, пари наплатени од пациенти

Основниот суд во Прилеп донесе правосилна пресуда против службено лице од ЈЗУ Општа болница со проширена надлежност „Борка Талески“ – Прилеп, за сторено кривично дело Проневера во службата, согласно член 354 став 2 во врска со став 1 и во врска со член 45 од Кривичниот законик, соопштија од Управа за финансиска полиција.
Станува збор за случај во кој, како што појаснуваат, во периодот од август 2024 до април 2025 година, вработен во болницата противправно присвоил средства наплатени од пациенти во вкупен износ од 2.110.640 денари.
„Обвинетиот иако ги врати средствата, судот ја утврди вината и му изрече условна затворска казна во траење од две години, која нема да се изврши ако во наредните четири години не стори ново кривично дело.
Овој случај е дел од пошироката истрага на Управата за финансиска полиција, која со месеци го анализираше финансиското работење на прилепската болница и истовремено ја потврдува нашата заложба за борба против корупцијата и злоупотребата на јавни средства“.
Додаваат дека враќањето на парите не ослободува од одговорност, правдата мора да биде еднаква за сите.
„Оштетувањето на јавниот буџет, особено во здравствениот сектор е недозволиво и секој обид за прикривање или игнорирање на вакви постапки претставува закана за довербата на граѓаните во институциите“.
Македонија
Заврши времето на Спасовски кога полицајки сами се удираа од пајак-возила, со законските измени МВР се отвора за професионалците, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Заврши времето на шиканирањето на професионалците во Министерството за внатрешни работи. Заврши времето на Оливер Спасовски, кога полицајки сами се удираа од пајак возила. Заврши времето кога Спасовски, наместо да ги заштити полициските службеници, се ставаше во служба и заштита на криминалци и насилници, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Миле Талески од СДСМ на која тој зборувајќи за измените за како што го нарече скандалозниот Закон за полиција, додаде дека пратениците се заложници на Тошковски.
„И откако СДС на чело со Оливер во МВР, министерството го претворија во служба со која царувале криминалците, сега жолчно се борат против закони кои го враќаат професионализмот на полициските служби. СДС за седум години МВР го стави во служба на мафијата и нивен заштитник, така што на 215 белосветски криминалци и наркобосови и додели македонски пасоши, наместо да биде во служба на заштита на безбедноста на граѓаните и државата.
СДС кој што не може да излезе од сенката на Зоран Заев и кој сеуште раководи од партијата, може да измислува, критикува и да се обидува да манипулира со јавноста колку сака, тоа не му поминува“.
Според партијата на власт, законските измени што се носат се исклучиво за подобрување на состојбите во безбедноста и полициските служби и МВР се отвора за професионалците.
Како што појаснуваат, се дефинираат професионални и специфични критериуми за директори, кои ќе се именуваат исклучиво со искуство во полициските работи.
„Се отвораат нови полициски станици и се усогласува внатрешната организација и нормативното уредување со новиот концепт на управување во полицијата.
Институционалниот пустош кој СДС го остави, полека се санира и средува“.
Македонија
Муцунски – Герапетритис: Грција ја поддржува Македонија на нејзиниот европски пат

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска, во рамки на работната посета на Грција, оствари средба со шефот на грчката дипломатија, министерот Јоргос Герапетритис.
Министрите Муцунски и Герапетритис изразија задоволство од денешната средба, во период кога двете страни посветено работат на унапредување на односите помеѓу двете земји. Притоа имаа отворен разговор и размена на мислења за повеќе прашања од заеднички интерес соопштија од Министерството.
На средбата, од страна на министерот Муцунски била изразена искрена благодарност за солидарноста што Грција ја покажа за време на трагедијата во Кочани и неодамнешните итни состојби во близина на Дојран. „Тоа не беа само гестови на помош – туку вистински дела на пријателство“, истакна министерот Муцунски.
На средбата стана збор и за безбедноста – како на регионално, така и на глобално ниво. Беше потврдено заедничкото делување во рамките на НАТО и потребата од блиска координација во овие неизвесни времиња. Воедно, министрите се осврнаа на процесот на евроинтеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија. Во оваа насока, министерот Герапетритис ја нагласи силната поддршка за нашиот евроинтеграциски пат.
„Сакам уште еднаш да ја истакнам поддршката на Грција за напредокот на Северна Македонија на нејзиниот европски пат, врз основа на воспоставените условности и принципот на сопствени заслуги, со посебен фокус на основните критериуми“, додаде грчкиот министер Герапетритис.
Почитувањето на меѓународното јавно право останува императив за двете страни, а билатералните односи, како и досега, ќе се засноваат на меѓусебно разбирање како соседи и сојузници во НАТО, констатираа двајцата министри како заклучок од средбата.
Во фокусот на средбата беше унапредувањето на соработката помеѓу двете земји, а акцентот беше ставен на потенцијалот за економска соработка помеѓу двете држави, како и на соработката во делот на инфраструктурата и енергетиката.
„Нашиот фокус беше и на резултати кои носат придобивки за граѓаните. Инвестиции. Трговија. Инфраструктура. Енергија. Разговаравме за проекти како Kоридорот 10 и гасниот интерконектор – не само како технички проекти, туку како двигатели на раст, безбедност и регионална поврзаност“, нагласи министерот Муцунски по средбата.