Македонија
Општина Кисела Вода со јавен повик до жителите: активно да се вклучат во креирање буџетот за 2026 година
Општина Кисела Вода упатува јавен повик до сите свои жители, граѓански организации, здруженија, деловни субјекти од овој дел на градот, активно да се вклучат во процесот на креирање на Буџетот за 2026 година. Со оваа иницијатива, општината како што велат од таму, уште еднаш ја потврдува заложбата за транспарентно и отчетно управување, во кое реалните потреби на граѓаните се основа за планирање на идниот развој.
-Во духот на транспарентно и одговорно работење, како начело по кое постојано се водиме, процесот на креирање на Буџетот на Општина Кисела Вода за 2026 година го отвораме заедно со вас. Ова не е буџет што се создава зад затворени врати. Тој се гради врз вашите реални потреби, идеи, предлози и приоритети. Ве охрабруваме да размислите што навистина недостига во вашата населба или населено место и да го споделите вашето мислење со нас. Нашата цел е секој глас да биде слушнат, секоја потреба препознаена, а секоја вредна идеја, вградена во развојниот план на општината.
Вашите мислења и предлози можете да ги доставите од денес, понеделник 1 декември, до петок 5 декември, по електронска пошта на: [email protected].
Дополнително, сите граѓани имаат можност своите предлози лично да ги достават во која било од 15-те месни и урбани заедници на територијата на Општина Кисела Вода.
Со секоја ваша идеја добиваме појасна слика за тоа што навистина му е потребно на секој дел од Кисела Вода. Ова е можност заедно да покажеме дека нашата општина се развива преку активното учество на граѓаните и дека најдобрите решенија се раѓаат токму од нивниот глас. Заедно создаваме план за подобар живот и повеќе можности за сите- стои во повикот што го објави Општина Кисела Вода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Скандалот со 9 милиони евра e само капка во криминалниот океан на Мицкоски и ДПМНЕ, велат од СДСМ
Скандалот со доделените тендери од 9 милиони евра на фирма основана пред една година, со двајца вработени е само капка во криминалниот океан што го создадоа Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, велат од СДСМ.
„Криминалната власт има изградено систем во кој парите на граѓаните системски се крадат, преку наместени тендери на фирми блиски до власта.
Тоа е моделот на Груевски кој јавноста го слушна во бомибите а Мицкоски само го спроведува истиот систем на неговиот ментор и учител.
A на виделина излезе и друга поврзаност, вториот вработен во фирмата е човек поврзан со УБК на Мијалков и со уништувањето на опремата за масовно прислушување.
И токму такво лице денеска, под власта на Мицкоски, повторно се појавува во сред скандал“.
Исти методи, исти шеми, исти луѓе, додаваат од СДСМ, милионски тендери со единствена цел, богатење на партијата и поединци од врхушката на власта.
Крадењето, додаваат од опозициската партија мора да запре.
„За новите бомби инситуциите мора да делуваат и да преземат мерки согласно законо“.
Македонија
Филипче – Костреш: продлабочување на соработката меѓу двете партии и во регионот
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска оствари средба со Бојан Костреш, претседател на Лигата на социјалдемократите од Војводина, Република Србија.
На состанокот се разговараше за продлабочување на односите и зајакнување на соработката меѓу двете партии, но и за проширување на регионалната соработка со социјал-демократските и прогресивните политички субјекти.
„Двете партии ја истакнаа заедничката посветеност на три клучни приоритети: интеграцијата на земјите во Европската унија, решителната борба против корупцијата и криминалот и заедничката борба против национализмот, како предуслов за стабилност и развој на целиот регион“.
Македонија
Тошковски: Почна пробниот период на системот „Безбеден град“, прекршоците автоматски се бележат, сопствениците добиваат известување
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска го посети објектот во кој е сместен централниот систем „Безбеден град“ (Safe City) по повод почетокот на пробниот период во кој сторителите на сообраќајни прекршоци ќе добиваат известување за сторениот прекршок.
Со последните измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата прекршоците документирани со технички средства – камери, сензори и уреди за снимање – се сметаат за валиден доказ. Во првата фаза системот ќе регистрира: брзо возење, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Во следната фаза е предвидено проширување на спектарот на прекршоци.
Кога системот ќе биде целосно пуштен во употреба, сопствениците на возилата за кои е утврден прекршок ќе добиваат СМС-порака и е-пошта со линк за преземање записник со платен налог. Прекршоците ќе може да се платат електронски, а при навремено плаќање нема да се наплаќаат дополнителни трошоци. За одредени прекршоци за кои е пропишана и мерка забрана за управување со возило, МВР ќе поднесува барање за поведување постапка до надлежен суд.
Во првите 12 часа од пробното функционирање на системот беа регистрирани неверојатни 65.000 прекршоци, од кои за поминување на црвено светло 2.800 и за нерегистриран автомобил 1.000. Оваа алармантна бројка уште еднаш ги потврдува неопходноста и оправданоста на системот, од кој очекуваме значително подобрување на сообраќајната култура, зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот и намалување на штетите и жртвите на патиштата.
„Со почнувањето на овој систем испраќаме јасна порака – безбедноста на граѓаните е врвен приоритет. Нема толеранција за несовесно возење, без разлика дали е во градска зона или на отворен пат. ‘Безбеден град’ е проект што штити животи и ја враќа дисциплината во сообраќајот“, истакна министерот Тошковски.
„МВР ќе продолжи со тестирањето и со унапредувањето на системот со цел негово целосно функционирање во наредната фаза“.

