Македонија
Општина Куманово: МВР не презема мерки за заштита од коронавирусот

Општина Куманово е незадоволна од работата на МВР во градот во однос на заштитата и почитување на мерките против коронавирусот. Од Општината исто така бараат зголемување на капацитетите на болницата за лекување пациенти со Ковид-19.
„Општинскиот штаб заклучи дека дејствувањата на МВР на територија на општина Куманово во однос на заклучоците и уредбите на Владата на Република Северна Македонија во однос на почитување на мерките се на незадоволително ниво, односно не се преземаат доволно превентивни и репресивни мерки од страна на полицијата во извршување на задачите за спречување кризата предизвикана од Ковид-19, во смисла на опоменување поголеми групи во одредени делови на градот, непочитување на социјалната дистанца, неносење заштитна маска и други препораки од Комисијата за заразни болести“, соопштија од Општината.
Од таму, во однос на варијабилниот пораст на нови случаи, бараат итно дејствување од страна на МВР за да се спречи евентуално зголемување на бројот на новозаболени.
Исто така, Општина Куманово бара од Владата да пристапи на зголемување на капацитетите на болницата за третирање на пациенти со Ковид-19 и изградба на ковид-болница.
Општината бара и засилен надзор на северната граница во однос на движење на бегалците и нивно сместување во ТПЦ Табановце.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.