Македонија
Општина Охрид: Извештајот на УНЕСКО ја покажува фактичката состојба на Охридскиот Регион
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2018/11/46452270_177657256519625_354990643426099200_n.jpg)
Забелешките што се наведени во извештајот на УНЕСКО, кој треба да биде разгледан на 43. сесија на Комитетот за културно наследство, што ќе се одржи наредниот месец во Баку, ја покажуваат фактичката состојба на Охридскиот Регион, која беше детектирана уште во мониторинг-мисијата на УНЕСКО, која беше направена во април 2017 година, велат од Општина Охрид.
Од таму велат дека во изминатите две години ги зеле предвид сите препораки во однос на ова прашање и во рамките на своите законски надлежности сериозно се посветиле на исполнување на барањата на УНЕСКО.
Важно е да се напомене, велат од Општината, дека во рамките на извештајот, освен негативните забалешки, посочени се и сите позитивни активности на кои нашата локална самоуправа работеше заедно со владините институции.
„Во делот на позитивните забалешки наведени се одлуката за откажување од проектот за изградба на ски-центарот на Галичица и автопатот А3 од Охрид до Св. Наум и почнување на проектот за пренасочување на реката Сатеска во старото корито. Исто така, во однос на препораките донесена е и владина одлука за формирање на новото јавно претпријатие „Колекторски систем“, кое ќе ги преземе обврските за одржување, обновување и продолжување на колекторскиот систем, што е важно во делот на препораките за подобрување на системот за отпадни води. Во тек е постапката за донесување на планот за управуавње со природното и културното наследство на Охридскиот Регион, а в понеделник, 27 мај, ќе се одржи информативна сесија за нацрт-извештајот за стратегиската оцена на влијанието на животната средина од спроведувањето на овој план. Исто така, во владина процедура е и носење нов закон за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион“, велат од Општината.
Во согласност со ставот на Владата, Општина Охрид цени дека препораките од извештајот на УНЕСКО треба да бидат стимул за сите институции и за граѓаните за да се работи посветено и со поголем интензитет за зачување на нашето уникатно светско природно и културно наследство.
УНЕСКО во најновиот извештај препорача да го стави природното и културното наследство на Охридскиот Регион на листата на загрозено светско наследство како резултат на недоволниот напредок од решавањето на проблемите и земајќи ги предвид постојаните закани и големите инфраструктурни и развојни проекти, кои претставуваат потенцијална опасност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
(Видео) Полициските хеликоптери исфрлија над 120 тони вода врз пожарите кај селото Тажево и „Јасен“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-26-203439.jpg)
Денеска Одделот за воздухопловни единици при МВР учествуваше со два хеликоптери во гасење на пожарот во реонот на Јасен.
Во 62 налети исфрлени се преку 120 тони вода со што успеа да се локализираат новите реактивирани краци на пожарот и да се спречи прошорување на пожарот кон селото Брезница , селото Тажево и националниот парк Јасен.
Македонија
Пронајдено детето од Скопје кое беше пријавено дека се оддалечило од домот
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/02/policija-5.jpg)
Вечерва околу 19.20 часот полициски службеници од СВР Скопје го пронајдоа осумгодишното дете за кое денеска околу 18.40 часот неговата мајка С.Н. во ПС Карпош пријави дека околу 17 часот се оддалечило од домот.
Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје ги презеле сите неопходни мерки и активности и детето било пронајдено во добра здравствена состојба и ќе биде предадено на родителот, соопшти МВР.
Македонија
На Табановце за влез во државата се чека околу еден час
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/07/tabanovce.jpg)
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце за влез во државата се чека е околу 1 час. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани –Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Термините се следни:
– петок од 17:00 – 22:00 часот,
– сабота од 09:00 до 18:00 часот и
– недела од 09:00 до 22:00 часот.
На магистралниот пат А2 делница: Скопје – Охрид – Скопје се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите, во следните интервали:
– петок од 15:00 – 22:00 часот,
– сабота од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот и
– недела од 07:00 до 22:00 часот.