Македонија
Општина Тетово за крстот на Попова Шапка: Дволичност на ДУИ, им штетат на граѓаните, но пилата веќе им заглавила во нокотот
Вистината е многу горчлива за оние што не се навикнати да ја прифаќаат, но уште погорка за оние што сакаат да ја манипулираат и да им ја наметнат на другите, реагираат од Општина Тетово за случувањата поврзани со изградбата на крстот на Попова Шапка.
Потсетуваат на ветувањето пред неклоку дена дека состојбата со поставување на крстот на Попова Шапк, ќе ја разјаснат со факти.
Факти, за кои, како што велат, ќе ги откријат измамите на ДУИ и нејзините соработници СДСМ – ВМРО.
Според материјалите од Општината, историјата на изградбата на крстот почнала во 90-тите години кога земјиштето, кое е сопственост на црквата, било пасиште дадено на користење на Претпријатието за стопанисување со пасиштата, но својот врв го достигнува кога ДУИ доаѓа на власт.
„Историјата почнува од 2004 година. Во оваа година формирана е парцела од 10.887 м2, која му е дадена на манастирскиот комплекс.
Потоа, во 2009 година, имотот е префрлен директно на Православната црква со седиште во Скопје.
Овие постапки се одвивале далеку од мислењето и очите на граѓаните на Тетово. Замислете, во 2018 година решението било запишано во Катастарот, а било однапред донесено на 18.6.2012 година од страна на единицата за имотно-правни работи, која е во состав на Министерството за финансии во Тетово, што резултирало со приватизација на земјиштето од 10.889 м2 и два објекта: црквата и камбанаријата. Со ова Црквата станува сопственик на земјиштето и на двата објекта.
И покрај тоа што земјиштето е приватизирано, тука ништо не е завршено, на 19 мај 2021 година, односно пред да се одржат избори и ДУИ и Теута Арифи да доживеат дебакл во Тетово, направено е и пренасочување на целото земјиште во Катастарот, од земјиште за пасишта се трансформира во градежно земјиште.
Значи, по повеќе од две децении работа со Православната црква, земјиштето се дава, се пренаменува за градба, објектите се легализираат и последно беше поставувањето на крстот“, појаснуваат во информацијата од Општина Тетово.
Ова, според нив, значи дека историјата покажува оти има договор меѓу ДУИ, СДСМ, ВМРО, на Црквата да ѝ се даде земјиште на експлоатација, потоа да се продава по смешни цени, да се гради на црно и потоа ДУИ само да го приватизира.
Според нив, тоа е дволичност на ДУИ и нејзините пријатели.
„Ќе се обидат да им штетат на интересите на граѓаните на Тетово, да поттикнуваат омраза и политичка предност, но пилата веќе им заглавила во нокотот, нема да можат“, велат од Општина Тетово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

