Македонија
Општина Центар ги отстрани нелегалните објекти под мостот кај железничка станица
Општина Центар изминатата недела ги отстрани нелегалните објекти во населбата Маџир Маало, поточно под мостот во близина на железничката станица.

„По барање на жителите што живеат во овој дел на општината, отстранети се објектите што се наоѓаа на просторот веднаш под железничкиот мост, кој ги поврзува општините Центар и Аеродром. Овој запуштен простор, населен од бездомни семејства и полн со диви депонии, беше извор на загадување и зарази и им претставуваше голем проблем на жителите од околните места и на минувачите“, велат од Општината.
Од таму велат дека откако инвеститорите по издаденото решение за самостојно отстранување не ги отстраниле објектите, Секторот за инспекциски работи со помош на механизација пристапи кон присилно отстранување.

„По отстранувањето на објектите, Општината го исчисти просторот и дополнително тој ќе биде уреден. Општина Центар и во наредниот период ќе продолжи со активностите со нелегално изградените објекти и воедно апелира до граѓаните да не градат каде што тоа не е предвидено, да ги почитуваат законите и да се придржуваат до постојните правилници за градба, со цел заштита на животната средина и со тоа Центар да биде еколошко, пристојно и современо место за престој и живеење“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
