Македонија
Општина Центар: Паушални се барањата на носителот на советничката листа на „Шанса за Центар“

Паушални и политикантски се барањата на носителот на советничката листа на „Шанса за Центар“, Јана Белчева-Андреевска, поврзани со КК „Работнички“, реагираат од Општина Центар.
„Советничкката за 4 години не научи ништо ни за Центар ни за потребите на центарци. Доколку сѐ уште актуелната советничка Јана Белчева-Андреевска смета дека треба да му бидат одземени термините на КК ‘Работнички’, а се поврзани со поволностите што ги дава Општината, односно обезбедување средства и подобрување на условите, сакаме да ѝ напоменеме дека КК ‘Работнички’ е нашиот најтрофеен македонски кошаркарски клуб, кој годинава прославува 75 години од постоењето. Инаку, Белчева-Андреевска ова прашање можеше да го иницира и изминатите четири години кога беше советник, а и претседател на Советот на Општина Центар. Ова беше доволен период да ги научи процедурите по кои работи секоја општина. Доколку Белчева-Андреевска е против спортот и спортистите, ќе има можност во кампањата ова да им го каже на сите граѓани од Центар“, стои во писмената реакција од Општина Центар.
„Во однос на таблетите, односно лапитопите, доколку советничката смета дека наместо на советниците, лаптопите треба да им се доделат на учениците, на наредната седница слободно може да поднесе амандман и на советниците да им бидат одземени. Белчева и пред четири години можеше да се откаже и да го донира својот лаптоп. Сакаме да нагласиме дека последниот хонорар на советниците од СДСМ и коалицијата и платата на градоначалникот Саша Богдановиќ ќе ги донираат за купување лаптопи или таблети за деца од социјално загрозени семејства, со цел да им обезбедиме непречена настава. За лапитопите, секој член на Советот ќе си се произнесе дали ќе го донира или не лаптопот или мобилниот телефон, кои му следуваат со стапувањето на фукнција. Бидејќи во тек е изборниот период и сите донации се забранети, донациите ќе ги оствариме по завршувањето на локалните избори со цел да не го прекршиме Изборниот законик. Штом се ослободи простор за ребаланс на буџетот, советничката група на СДСМ ќе поднесе предлог до Советот за сите средства наменети за патувања на советниците и на градоначалникот да се пренаменат за лаптопи и таблети на деца од социјално загрозени семејства“, се додава во соопштението.
Од Општината со повик до Белчева да ги рефундира средствата од Општина Центар во висина од над 100.000 денари, кои, како што посочуваат од таму, таа ги користела за патување во Осло, Норвешка, во 2019 година, односно 12.731 денар за дневници, 29.690 денари за патни трошоци и 58.586 денари за хотелско сместување.
„Ниту еден друг советник, освен Белчева-Андреевска, нема искористено никакви средства за патувања. А доколку е толку загрижена, може да ги рефундира, односно да ги донира за набавка на компјутери, затоа што со тие средства може да се набават најмалку 4-5 лаптопи и да ги донираме бидејќи едно нејзино ноќевање чинело 250 евра од вечер“, напоменуваат од Општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.