Македонија
Општините од утре може да аплицираат за грантови за развој на социјални услуги на локално ниво
Заменик министерот и Државниот секретар на Министерството за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски и Фатмир Сабриу, денеска присуствуваа на презентацијата на третиот јавен повик за грантови за развој на социјални услуги на локално ниво, како дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги при Министерството за социјална политика, демографија и млади, со поддршка на Светска банка. Социјалните услуги кои ќе бидат финансирани преку повикот се услугите во домот и услугите во заедницата.
Овој повик претставува можност за значително зголемување на бројот на општини во кои се развиваат социјални услуги од 41 општина до сега, на најмалку уште 20 нови општини.
„Редовно сум на терен и ги гледам резултатите од нашите активности преку директни разговори со граѓаните, поради што силно Ве охрабрувам да се пријавите во поголем број, особено кога од утре ќе биде активен повикот за изразување интерес, “ порача Велковски обраќајќи се на присутните претставници на општините.
Тој се осврна на заложбите на министерството за градење на инклузивно и праведно општество. Како и отворањето на нови можности за продолжување за создавање на значајни промени за граѓаните, со акцент на најранливите.
Велковски ги истакна клучните работи кои се во фокусот на работењето на министерството. Како такви ги посочи: интеграција на системот за социјална заштита – преку воведување на ново софтверско решение со кое за прв пат ќе се има увид во правата и услугите кои ги користат сите членови на едно домаќинство, плаќања преку картички за социјална помош – наменски и исклучиво за задоволување на основните потреби, како и поголема поддршка за вработените во центрите за социјална заштита.
Државниот секретар, Сабриу зборуваше за двојната придобивка што ја носи реализацијата на Проектот за подобрување на социјалните услуги.
„Прво, се обезбедува пристап до услуги кои го подобруваат квалитетот на животот за најранливите, а истовремено се создаваат нови работни места во локалните заедници. Овој процес има директен и долгорочен ефект на економскиот развој, создавајќи вработување и обезбедување квалитетна поддршка за оние кои најмногу имаат потреба,“ истакна Сабриу.
Денешната презентација овозможи детален преглед на условите за аплицирање, како и информации за поддршката која ќе им биде на располагање на општините и давателите на социјални услуги. Министерството ќе обезбеди поддршка за подготовка на сите потребни документи и предлог-проекти.
Проектите финансирани преку овој повик ќе бидат реализирани во периодот од 2025 до 2026 година, со цел значително подобрување на социјалните услуги и пристапот до нив за ранливите групи.
Ова е продолжување на успешните активности кои Министерството во рамките на социјалната реформа, која има за цел намалување на сиромаштијата и зајакнување на човечкиот капитал во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска се обрати на свечена академија по повод 105 години од основањето на Филозофскиот факултет во Скопје
105 години Филозофски факултет значат повеќе од еден век умствен и духовен раст, традиција, научна извонредност и општествено созревање. Тоа е наследство што мора да го чуваме и да го негуваме. Верувам дека оваа институција и понатаму ќе биде водилка на општествената и на хуманистичката мисла, бранител на критичноста и чувар на академската слобода, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на свечената академија со која високообразовната установа го одбележа големиот јубилеј.
„Факултетот не придонесува во развојот на државата само преку образованието и науката, туку и преку својата силна стратешка улога во креирањето на националните политики. Тука се раѓале концепти и научни согледувања што го обликувале образовниот систем, културните политики, социјалните институции и многу од современите професионални практики во државата. И во овој период, Филозофскиот факултет е активно вклучен во изработката на клучни национални стратегии“, рече Јаневска изразувајќи благодарност до сите поранешни и активни професори, истражувачи и вработени на факултетот за нивната посветеност, научен придонес и визија за општеството.

Министерката потенцираше дека иако по однос на неколку теми за време на нејзиниот мандат, ставовите на МОН и факултетот се разликувале, токму таквите јавни дискусии доведуваат до креирање на најдобрите решенија за обезбедување на поквалитетно национално образование. Очекува, како што рече, Филозофскиот факултет да остане меѓу најсилните партнери на државата кои отвораат пат кон нови образовни подвизи.
Јаневска изрази уверување дека буџетот за образование ќе продолжи да се зголемува, а со тоа ќе се зголемува и поддршката за развој на високото образование и науката.
„Држава која вложува во високото образование вложува во сопствената иднина – ја јакне својата конкурентност, го унапредува демократскиот капацитет и го поттикнува општествениот развој. Продолжуваме да креираме политики што обезбедуваат автономија, дигитализирани процеси, подобра научна инфраструктура и поддршка за младите истражувачи“, рече министерката.

Освен Јаневска, на свечената академија се обратија и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова и деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Оливер Бакрески кои се согласија дека академскиот простор мора да остане место каде знаењето се претвора во визија, а визијата во општествена вредност.
Македонија
Делови од Илинден, Аеродром, Чучер Сандево и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од ул. 27 во село Белимбегово, општина Илинден;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од бул. Видое Смилевски Бато бр. 8А, општина Аеродром;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците кои се напојуваат од изводот кој започнува од Рибилимус и продолжува во правец на Горно и Долно Оризари, општина Чучер Сандево;
– во периодот од 11.00 до 15.00 часот, корисниците од село Бардовци лоцирани кај Машинац зградите, општина Карпош.
Македонија
Магла во утринските часови, сончево со умерена облачност преку ден
Во утринските часови наместа ќе има појава на магла, а во текот на денот сончево со умерена облачност и претежно тивко. Во северозападните делови повремено ќе има зголемена облачност со услови за слаб дожд.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде умерено до значително облачно и претежно тивко.
Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредниот период
Продолжува периодот стабилно и претежно тивко време. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини ќе има појава на магла

