Македонија
Османи: Ако во некое поле имам постигнато најмногу, тоа е во упатувањето амбасадори и конзули

Квантен скок во начинот на упатување лица во амбасадите и конзулатите во светот е направен во споредба со периодот од 2006 година навака, трендот оди во добар правец, смета министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој денес извести дека формирал работна група која ќе ги анализира сите упатувања на амбасадори и конзули од 2006 година навака.
„Тоа беше поттикнато од барањето на опозицијата да се разговара за овие прашања, а се покрена по информациите, шпекулациите, нецелосните информации по однос на хипотетичка одлука на Владата за именување конзул. Ако во некое поле во моето министерување во ова министерство имам постигнато најмногу, тоа е токму во упатување амбасадори и конзули бидејќи направивме навистина голем исчекор во однос на професионализација на службата. Затоа побарав и формирав работна група во министерството која ќе ги анализира индивидуално сите упатувања на амбасадори и конзули од 2006 за да направиме една компаративна анализа кога било и како бидејќи така најдобро ќе знаеме дали имало напредок, исчекор, кои се моите позиции и така натаму“, рече министерот Османи.
Работната група веќе почнала со работа. Министерот Османи презентираше дел од она што веќе го сработиле, а анализата го опфаќа и периодот во кој министер за надворешни работи бил Антонио Милошоски.
„Генерален конзул во Солун, а потоа и амбасадор директно земен од фирма за лекови. Генерален конзул во тој период преземен од детска градинка. Генерален конзул во Торонто со факултет за физичка култура преземен од Агенција за млади и спорт. Амбасадор во Загреб со факултет за шумарство, претходно управител на старечки дом. Амбасадор во Абу Даби претходно вработен во фабрика за чоколади, амбасадор во европска земја со претходно искуство придружба на сопруг амбасадор. Амбасадор во Анкара преземен од Македонски пошти и така натаму“, рече министерот Османи презентирајќи ги веќе анализираните амбасадори и конзули.
Откако тој е министер за надворешни работи вели дека упатил 21 амбасадор во вкупно 60 дипломатско-конзуларни претставништва кои нашата земја ги има во светот. Од нив, повеќе од една третина, односно 15 се дипломати од кариера кои имаат и по четири претходни дипломатски мандати.
„Другите е дозволено да бидат политички решенија. Тоа се обично афирмирани личности коишто по пракса политичките партии ги предлагаат во рамки на коалицијата. 25 отсто е согласно закон, јас имам над 70 отсто испратено од куќата. Се разбира дел се предложени и пред да дојдам јас, но јас сум ги одобрил откако сум дошол и сум ги упатил во амбасадите. Од надворешните , бидејќи има шпекулации дека надворешните се секогаш проблематични, го имаме амбасадорот Дане Талески во НАТО, којшто сметам дека е еден од подобрите амбасадори, доктор на политички науки, образуван надвор, национален координатор на НАТО претходно. Теута Агаи Демјаха, доктор на науки по јавно здравство, амбасадор во последната мисија во Женева каде што е и Светската здравствена организација. Амбасадор во Загреб Миљаим Фета, доктор на политички науки, универзитетски професор, потпретседател на Совет за радиодифузија. Версил Мемеди амбасадор во Рим, доктор по аргументативни студии и реторика на Универзитет во Амстердам, претходно потпретседател на Собранието. Петрит Муслиу генерален конзул во Чикаго, иницијалниот предлог пратен во 2019 година, пред да дојдам јас во Министерството, јас сум го упатил на мандат, дипломиран правник и магистер по меѓународно право. Тоа се упатувањата откако сум јас министер“, рече министерот Османи.
Најави дека многу скоро ќе назначи амбасадор во Вашингтон, место кое долго време е испразнето оти било исклучително важно место за кое се бара најдоброто решение. Османи уште еднаш повтори дека за назначувањето на ТВ-презентерката за генерален конзул во Њујорк нема да коментира. Не може да каже ниту дали имало точка на дневен ред или расправа без одлука за неа поради законските ограничувања поради доверливоста на затворената седница. Одлука во Службен весник, каде што се објавуваат и одлуките од затворените седници, нагласи дека нема, а немаат ниту планови да го сменат актуелниот генерален конзул во Њујорк Јордан Панов, кој има мандат до јули 2023 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се превртел камион кај Марвинци, повредени триесетина мигранти, возачот побегнал

Доцна попладнево се случила сообраќајка на патот Удово-Гевгелија, а притоа повредени се мигранти.
Според информациите од брзата помош од Кавадарци, повредени биле триесетина мигранти, од околу 50-тина кои се наоѓале во камионот.
Потврда за веста има и од МВР.
„На 10.08.2022 во 18:10 пријавено е дека товарно возило излетало од патот на клучка од с. Марвинци кон М1, рег. пат Гевгелија – Д. Капија. Утврдено е дека се работи за товарно возило „Сканија“ со приколка со скопски таблици. Возачот се дал во бегство, а на лице место се пронајдени мигранти. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“ информираат од МВР и за утре најавија детални информации.
Македонија
КЗБ за сите суспектни случаи на мајмунски сипаници во земјава препорачува изолација и епидемиолошко следење

Комисијата за заразни болести на денешниот состанок ја анализираше актуелната состојбата поврзана со појавата на суспектен случај на мајмунски сипаници во земјата.
Беше констатирано дека сите надлежни институции се активно вклучени во процесот на епидемиолошка анализа, лабораториска потврда и изолација на суспектниот случај, се вели во соопштението од КЗБ.
„Комисијата за заразни болести препорача воведување мерки изолација/карантин и тоа: изолација во домашни или болнички услови на сомнителните случаи за мајмунски сипаници до нивно тестирање; изолација на потврдени случаи во домашни или болнички услови до завршување на болеста или зацелување на крастите; секојдневно епидемиолошко следење на контакти на потврдени случаи со мајмунски сипаници за време на траење на инкубацискиот период од 21 ден“ велат оттаму.
КЗБ ја реафирмира препораката до Министерството за здравство да се преземат сите неопходни превентивни мерки.
Македонија
Кабинет на Пендаровски: Плочата за АСНОМ во манастирот „Св. Прохор Пчињски“ за Илинден беше од времен карактер

„Плочата за АСНОМ којашто беше поставена во манастирот ‘Св. Прохор Пчињски’ за Илинден беше од времен карактер со цел да се реализира посетата на претседателот Стево Пендаровски и државната делегација, за првпат по повеќе години“ велат од кабинетот на шефот на државата по објавените информации во медиумите дека плочата веќе ја нема на местото на чествувањето.
„Тогаш беше договорено во најбрз можен рок да се формираат работни групи составени од претставници од двете министерства за надворешни работи, министерствата за култура, како и од други државни институции коишто ќе ги утврдат начинот и формата за прослава на 2 Август, Илинден во ‘Св. Прохор Пчински’ за наредната година. Целта на таквата формализирана соработка е да се воспостави институционална форма за одбележување на празникот Илинден во манастирот ‘Св. Прохор Пчински’“ – се наведува од кабинетот на Пендаровски.
Спомен-плочата за одржувањето на првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година, беше поставена на празникот Илинден во параклисот на манастирот „Св. Прохор Пчињски“ каде што по долгогодишна пауза чествуваше македонска државнo-црковна делегација предводена од претседателот Стево Пендаровски.
На спомен плочата двојазично, на македонски и на српски јазик, пишува:
„На 2 август 1944 година на ова место е одржано Првото заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија, каде народните избраници донесоа историски одлуки со кои се воспостави државност и самобитност на македонскиот народ изразувајќи ја својата определба да живеат заедно со народите на Југославија“.