Македонија
Османи-Вархеји: Одржување на првата Меѓувладина конференција што е можно поскоро

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамките на работната посета на Брисел оствари средба со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји. На средбата беше дискутирано за европската перспектива на Северна Македонија, за добрососедските односи, регионалните иницијативи, како и за очекувањата во периодот што претстои, во пресрет на декемвриските Совети, како можност за позитивен исчекор во следната фаза од нашиот евроинтегративен процес.
Соговорниците се осврнаа на наодите од овогодишниот Извештај на Европската комисија, преку кој беше испратен силен и јасен сигнал дека кредибилноста на политиката на проширувањето останува да биде клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност, безбедност и економски развој во цела Европа. На средбата беа реафирмирани позитивните оценки на ЕК за земјата по однос на сите параметри, при што доаѓа и недвосмислениот повик кон земјите членки, без натамошно одложување да се завршат дискусиите за одржување на првата Меѓувладина конференција, која треба да се одржи што е можно поскоро.
За време на средбата стана збор и за последните внатрешнополитички случувања во земјата, но и за напорите во надминувањето на разликите меѓу Бугарија и Северна Македонија, како приоритет да се одблокира нашиот пат кон ЕУ.
„Владата останува силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, со дополнителен импулс и проактивност во развојот на добрососедските односи, како клучна додадена вредност во развојот на регионалната стабилност. Политиката на проширување е најдобрата алатка за поттикнување сложени реформи и демократско консолидирање, а нејзината трансформативна моќ се темели на условеноста и објективното вреднување на резултатите во процесот низ кој се одразуваат вредностите на Европската Унија“, истакна Османи.
За време на средбата комесарот Вархеји информираше за напорите на Европската комисија за обнова на европскиот моментум во регионот, но и за имплементацијата на Економско инвестицискиот план, што претставува силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, унапредена регионална соработка и засилени конекции со ЕУ.
Османи во текот на денот ќе се сретне и со Андреас Шидер, претседавач со Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, со Илхан Ќучук, известителот за Северна Македонија во Европскиот парламент, како и со советниците за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и на претседателката на ЕК, Вон дер Лајен.
Во рамките на денешната интензивна агенда, Османи има планирано да има интервју за угледниот бриселски вебсајт „ЕУ Обзервер“ и за „Агенција Европа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.