Македонија
Османи во ЕП: На регионот му треба валоризација на успешната приказна на Македонија

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска во Брисел зборуваше пред членовите на Комисијата за надворешни работи во Европскиот парламент, на чија агенда беше европското досие на Северна Македонија. На денешниот состанок Османи пред членовите на Комисијата елаборира за актуелностите во Република Северна Македонија, за регионалните предизвици, дијалогот со Република Бугарија и напорите да се постигне заемно прифатливо решение, но секако и за случувањата во Украина и поширокиот контекст на односи што тие случувања ги предизвикаа.
„Како што покажа историјата на европската интеграција, за Европската Унија дополнително да ја зајакне својата стратешка глобална улога, треба уште еднаш да го преземе своето стратешко лидерство во политиката на проширување со Западен Балкан. Руската агресија покажува, на најтрагичен начин, колку е важно проширувањето на ЕУ и вградувањето на земјите од Западен Балкан за безбедноста, единството и демократската трансформација на континентот. Ние не бараме незаслужени награди, но би сакале нашата успешна приказна да биде валоризирана, особено во време кога на регионот, но и пошироко, му требаат такви примери“, истакна Османи во обраќањето пред членовите на Комисијата за надворешни работи во ЕП.
За време на дискусијата, европратениците изразија поддршка за евроинтегративните процеси на Северна Македонија, беше потенцирано дека земјата се покажа како одговорен член на меѓународната заедница во придружувањето на осудата на воената агресија врз Украина, како и дека Западен Балкан останува во врвот на стратешките приоритети на ЕУ и дека Европскиот парламент преку своите механизми ќе се обидува да ја истакнува ваквата потреба.
Османи во ЕП имаше одвоени средби и со европратениците: Илхан Ќучук, ивестител на Европарламентот за земјава; Михаел Галер, координаторот на ЕПП во Комисијата за надворешни работи (АФЕТ); Тонино Пицула, координаторот на социјалистите во АФЕТ, како и со Дејвид Мекалистер, претседавач на АФЕТ и член на ЕПП. Исто така, посетата на Европскиот парламент беше одлична можност Османи да има средба и со „Пријателите на Северна Македонија“ во Европскиот парламент, група која е составена од наши поддржувачи во ЕП и кои доаѓаат од разни парламентарни групи во ЕП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.