Македонија
Османи во Чешка: Со поддршка од пријателите ќе ги надминеме предизвиците за европските интеграции
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамките на работната посета на Република Чешка, оствари средба со својот домаќин, министерот за надворешни работи, Томаш Петжичек.
Една од главните теми на разговорот беа европските интеграции на Република Северна Македонија, особено во насока на поддршка за почеток на преговорите со Унијата без одлагање.
„Со поддршка од нашите пријатели ќе продолжиме со реализацијата на реформскиот процес, пред сѐ во делот на владеењето на правото, реформата на правосудството, борбата против корупцијата и реформата на јавната администрација. Се разбира дека остануваме фокусирани и на процесот на градење на добрососедски односи и зголемена меѓусебна доверба со сите наши пријатели од Регионот. Добив уверување од мојот колега дека Република Чешка и понатаму ќе продолжи да биде еден од најголемите и најгласни поддржувачи на полноправното членство на Северна Македонија во ЕУ“, истакна Османи, пренесувајќи ја благодарноста на Владата за континуирана и принципиелна поддршка од страна на Чешка за европските интеграции на земјата.
На средбата на двајцата министри беа афирмирани одличните пријателски односи на двете земји, за кои беше констатирано дека се одликуваат со интензивен и динамичен политички дијалог и редовна размена на посети на високо ниво.
„Одличните билатерални односи не се доволно изразени и во рамките на економската соработка, каде трговската размена не надминува 200 милиони евра. Пред бизнис заедниците на нашите две земји стои огромен потенцијал кој мора да биде препознаен и искористен, со цел да го олесниме влезот на чешките директни инвестиции на македонскиот пазар, како и да овозможиме позначајни резултати во делот на трговската размена“, истакна Османи, преземајќи притоа обврска за интензивирање на активностите кои произлегуваат од делот на економската дипломатија, со цел поефикасно искористување на потенцијалот за економска соработка и размена меѓу двете земји.
Министрите Османи и Петжичек се осврнаа и на соработката во рамките на Северноатлантската алијанса, каде двете земји веќе и формално се сојузници, соработката во рамките на ОБСЕ и чешката поддршка за нашето претседавање со таа Организација во 2023 година. Разменети беа мислења и за други прашања од интерес за Регионот и на меѓународната сцена.
Во рамките на посетата на Чешка, Османи ќе се сретне и со Милена Хрдинкова, државен секретар за ЕУ прашања во Канцеларијата на премиерот, Андреј Бабиш.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица ја повика Сиљановска-Давкова да не го потпишува законот за продолжување на легализација на дивоградби
Партијата Левица ја повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпише новиот закон со кој се продолжува рокот за легализација на дивоградби.
Од Левица посочуваат дека претседателката претходно, како пратеник, јавно укажувала дека етички и правно е невозможно да се повикува на владеење на правото, а истовремено да се носат закони со кои се уредува правниот статус на бесправно изградени објекти.
Собранието го продолжи рокот за легализација до 3 март 2031 година, наместо претходниот рок 3 март 2026 година, со што, како што велат од Левивца, процесот од временски ограничена мерка станува подолгорочна пракса.
Партијата оценува дека секое ново пролонгирање испраќа порака дека прекршувањето на законот ќе биде наградено со легализација, додека граѓаните кои градат согласно прописите остануваат изиграни.
Во соопштението се наведува дека ваквиот пристап ја поткопува правната сигурност и довербата во институциите, како и дека наместо зајакнување на инспекциските и урбанистичките механизми, државата избира модел на амнестија.
Партијата останува на ставот дека прашањето со дивоградбите треба да се решава системски, со јасна разлика меѓу социјалните случаи и, како што наведуваат, профитерската злоупотреба, и ја повикува претседателката да не го потпише законот.
Македонија
Дебар Маало доби 24-часовна бесплатна Wi-Fi мрежа, наскоро и во Капиштец
Општина Центар, во рамки на проектот EU4Digital, обезбеди бесплатна Wi-Fi зона во Дебар Маало, поточно на улицата Боемска и на скверот пред Општината.
Согласно програмата, наскоро се предвидува поставување слободни интернет зони (Wi-Fi) и во Капиштец, со што граѓаните ќе имаат полесен пристап до дигитални услуги и информации на отворено.
Користењето на Wi-Fi зоните е достапно 24 часа, седум дена во неделата, бесплатно и без лозинка, со вградени безбедносни ограничувања за заштита на корисниците.
„Општина Центар е лидер во дигитализацијата на општинските услуги. Воспоставувањето на слободни интернет зони е пример како треба да функционира една современа општина, со безбедни и модерни јавни простори и отворен пристап до информации и дигитални услуги за сите граѓани“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Овие слободни Wi-Fi зони се наменети за жителите, посетителите и туристите, за кои централното подрачје претставува една од најпривлечните и најатрактивните дестинации во Скопје.
Македонија
Искусните лекари ќе можат да работат до 70 години и да земаат пензија каде што има дефицит, предност за вработување ќе имаат најдобрите дипломци – подготвени законските измени
Министерството за здравство подготви повеќе значајни измени и дополнувања на Законот за здравствената заштита, кои неделава се објавени на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР). Сите засегнати страни имаат можност да достават свои сугестии и предлози, кои ќе бидат разгледани согласно утврдената процедура.
Министерот за здравство Азир Алиу посочува дека процесот се води од принципите на транспарентност и отчетност.
„Се водиме од принципите на транспарентност и отчетност и сите конструктивни забелешки, мислења и сугестии ќе бидат земени во предвид во финалната верзија на новиот предлог закон за здравствена заштита. Од досегашната примена на законот произлезе потреба да се направат измени и дополнувања во делот на постапката за вработување здравствени работници и соработници во ЈЗУ, статусот на директорите на јавните здравствени установи, специјализациите и супспецијализациите, како и условите за пензионирање на здравствените работници и работа по пензионирањето, како и усогласување со други прописи“, појаснува Алиу.
Меѓу позначајните измени е воведување приоритетно вработување на најдобрите дипломирани доктори на медицина од медицинските факултети во државата. Доколку тие се пријават на оглас за вработување, нема да се спроведува постапка за селекција, туку ќе бидат приоритетно вработени во јавната здравствена установа.
Воедно, во постапката за вработување е предвидено составот на комисијата за селекција на кандидатите да го предлага стручниот колегиум на установата, посебно за секое огласено работно место. Согласно резултатите од постапката, директорот е должен да го вработи најдобро рангираниот кандидат.
Измените опфаќаат и нов пристап во планирањето на специјалистичките и супспецијалистичките кадри. Владата, покрај програмите за државни и кофинансирани специјализации, во иднина ќе носи и програма со која ќе се утврдува бројот на приватни специјализации и супспецијализации, во согласност со потребите за медицински кадар.
Дополнително, се зголемува старосната граница за ангажирање искусни доктори од специјалности и супспецијалности каде недостига кадар. На овие лица ќе им се овозможи, со договор, да бидат ангажирани во здравствени установи во мрежата од 67 до 70 години и истовремено да ја задржат пензијата. Ангажирањето ќе се врши со согласност од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, доколку нема други услови за обезбедување на одредена здравствена дејност или за непречено функционирање на услугите.

