Македонија
Османи во Њу Делхи се сретна со потпретседателот на Индија, на средбата беа поздравени пријателските односи меѓу двете земји

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ја почна официјалната посета на Индија со средба со потпретседателот на државата, Џагдееп Дханкар.
На средбата беа поздравени пријателските односи меѓу двете земји, како и реафирмирани заемните заложби за зајакнување на соработката, пред сѐ, во делот на економските врски и бизнис-вмрежувањето. Притоа Османи нагласи дека и покрај нашите надворешнополитички приоритети, од особена важност се интензивирањето на соработката и искористувањето на потенцијалите со земјите од Централна и Јужна Азија, особено со Индија, со која нѐ поврзува Мајка Тереза.
„Разликата во големината на двете земји, бројноста на населението, како и географската оддалеченост, не треба да бидат пречка за меѓусебно пријателство, добри билатерални односи и мултилатерална соработка. Ликот и делото на Мајка Тереза секогаш ќе биде дел од нашите истории и ќе остане во колективната меморија на нашите земји“, рече Османи.
Воедно, соговорниците изразија подготвеноста за зајакнување и на парламентарната соработка, унапредувањето на договорната рамка, како и интензивирањето на културната размена и доближувањето меѓу двата народа.
Османи го поздрави и ѝ честита последното високо достигнување на Индија во светски рамки, со првото успешно слетување на Јужниот Пол на Месечината како сериозен исчекор и голем успех не само за индискиот народ туку и за целокупното човештвото.
За време на официјалната посета на Индија, Османи ќе оствари средби и со министерот за надворешни работи, Субраманјам Џаишанкар, како и со други високи претставници на земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МНР: Седум македонски државјани меѓу кои и дете се во близина на манастирот

Министерството за надворешни работи објави дека во раните утрински часови, преку дежурниот телефон на Министерството за надворешни работи, добиена е информација за седум македонски државјани од кои едното од нив дете, кои се сместени во хотел, во непосредна близина на манастирот каде е извршен вооружен напад врз косовските полициски сили.
Од МНР велат дека македонската амбасада во Приштина е во комуникација со претставници на Министерството за внатрешни работи на Косово како и во директна комуникација со нашите граѓани.
Во текот на денот, во неколку наврати Министерот за надворешни работи, Бујар Османи остварил директна комуникација со министерката Грвала-Шварц, и во моментов косовската полиција го обезбедува хотелот каде се сместени нашите државјани, од каде се очекува после оствареното интервју тие да бидат испратени дома.
Претставниците на Амбасадата остануваат во постојана и директна комуникација со нашите државјани и косовската полиција, сѐ до целосно завршување на нивниот трансфер, велат од МНР.
Македонија
Апелирам Македонците од Албанија масовно да учествуваат во пописот, порача Мицкоски

Додека се случуваат сите овие проблеми, пропагандите на соседите никогаш не престанаа. Додека оваа власт не убедува во придобивките од добрососедскиот договор кои самите го склучија, Бугарија тера отворена пропаганда против Македонија и како тоа да не е доволно, овие денови тие вршат жесток притисок и терор при пописот во Албанија, македонското малцинство да се впишува како етнички Бугари. И сега познати ни се намерите на бугарската политика, но необјаснив е молкот на македонската власт. Да бидам искрен не очекувам дека Али Ахмети ќе се прекрши за Македонците во Албанија, но барем Ковачевски да преземе мерки и да реагира на ваквиот отворен притисок за асимилација која гледаат како им се случува пред очи, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски говорејќи од Велес.
Мицкоски ги повика Македонците да бидат дел од пописот во Албанија.
„Од овде, од срцето на Македонија јавно повикувам и апелирам Македонците од Албанија да излезат и да се попишат како Македонци, она што со векови биле и ќе продолжат да бидат. Апелирам дека сега е моментот да не потклекнуваат, и одговорот на сите туѓи пропаганди да биде масовност. Следуваат промени во Македонија и како Македонци и Македонија како нивна држава од која тие влечат потекло, ќе им помогне во иднина, и ќе ни биде полесно повеќе да се вклучиме во поддршката за развој и негување на македонските особености и култура. Апелирам сега кога притисоците и заканите се методот со кој Бугарија врши пропаганда, одговорот на Македонците од Албанија да биде масовност на пописот“, кажа Мицкоски.
Според него она што се случува во политиката тука во Македонија, се уставните измени.
„Позади измените на Кривичниот законик, амнестијата која сами си ја гласаа, и оние јавни превирања и препукувања со сеништата од минатото, се основата на валканиот план на Владата, валканиот план на власта се само уставни измени. Бидејќи ја знаат непопустливоста на пратениците, ја знаат и одлучноста на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и народот против прифаќање на бугарски диктати, тие пробуваат да создадат непринципиелни коалиции кои би можеле да доведат до уставни измени. Иако шансите реално тие да се случат не се ни ниту теоретски“, заклучи Мицкоски.
Македонија
Мицкоски му посака добро здравје на Груевски: „И’ заби нож во грб на сопствената партија“

Морам да кажам дека како човек оваа јавна преписка со поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ не ме прави среќен, ниту ова е битка која ја одбрав јас, но недвојбено никој не треба да ја тестира мојата определба да се опстои на нашите ставови дека прифаќање на диктати не доаѓаат во предвид по ниту една цена. Ниту пак дека тоа може да помине низ мала врата или било каква комбинација. Морам да кажам дека сум длабоко разочаран од неговото однесување. Долго време јавно одбегнував да се произнесам за тоа, и за многу, многу други работи кои ми се случуваа мене и на моите најблиски соработници во битката ВМРО-ДПМНЕ да ја ставиме на здрави нозе и она што е денес силна структура на прагот на најголемата победа. Се до извесен период, иако немав и немам никакви контакти, мислев дека делиме иста цел. Патот до оваа цел ВМРО-ДПМНЕ силно и обединето беше трновит, со многу удари, и мене како човек ми е предизвик да се борам против оваа власт и да бидам рамо до рамо со мојот народ во битката да ги смениме, но морам да кажам дека воопшто не ми беше лесно, ниту сеедно да ги примам ударите внатре, од луѓето со кои сум мислел дека делиме иста кауза, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски говорејќи за поранешниот претседател на партијата.
Не можам никако да разберам, додаде Мицкоски, „како воопшто е возможно да се уортачи било кој со истите кои ја предизвикаа и се причина за сите неволји, па дури и неговите лични, прогони и предавства кои се случија на Македонија, да дели УСБ-а и писма по кабинетите на ДУИ, да има непринципиелни разговори“.
„За многу работи од внатрешните работи со поранешниот претседател нема да говорам и ќе оставам историјата да суди, за многу работи ќе се послужам со онаа народната „ти кон мене со клетви, јас со благослови“, но немојте никогаш и никој да ја тестира нашата одлучност да ги браниме нашите ставови, ниту пак намерата да не отстапиме во работите кои веруваме или пак било како да го разочарам народот“, рече Мицкоски.
Според него чудно е проклетството на историјата.
„Чудно е тоа проклетство на историјата, човекот кој збореше за нож во грб, и разни ножиња да стане токму тоа за сопствената партија. Мене не ми беше цел да влезам во конфликт и јавна преписка со него, но овој валкан план мораше да го знае јавноста. И ова е вистински последниот пат кога се осврнувам на оваа тема и нема повеќе да говорам за ова зошто имаме работа, а тоа е пад на оваа криминална Влада. Јас му посакувам добро здравје, добра среќа и да не го прави на другите тоа што нему не сака да му го прават. Имаме работа, нашиот противник е оваа криминална Влада на чело со СДСМ и ДУИ“, заклучи Мицкоски.