Македонија
Османи: Големиот Eвропски фронт ќе биде моќен штит за растечкиот национализам и ќе стане мост кон Брисел

Кандидатот за претседател на Северна Македонија од Европскиот фронт Бујар Османи денеска ги посети тетовските села почнувајќи од Бозовце, Вешала, Бродец, Шипковица, Лисец, Гајре и др. и разговараше со жителите на овие села за неговата програма како претседател и за крстосницата во која се наоѓа државата што соодветствува со историската важност на неговата кандидатура за претседател.
Османи, нагласувајќи дека како кандидат на Европскиот фронт, односно на девет политички партии и четири заедници, кои вкупно сочинуваат 47 отсто од населението во Северна Македонија, Албанци, Турци, Бошњаци и Роми, додаде дека овојпат шансите се многу сериозни да помине како кандидат Албанец во вториот круг. Земајќи во предвид дека гласовите ќе бидат распределени на 5 кандидати, секој силен на свој начин, тоа му дава предност да оди во вториот круг. „Но, ова бара мобилизација, затоа нема место кое не сум го посетил. И најголемата порака што можеме да ја пратиме е дека сега сме држава на два народа, кои се натпреваруваат во вториот круг за претседател, еден Македонец, еден Албанец. Ова е историска порака. Затоа ве замолувам да се мобилизирате, да овозможите да се пробие оваа бариера, бидејќи се создава еуфорија, а еуфоријата е како лавина од снег што собира се пред себе. Затоа ве повикуваме луѓе, за да ја оствариме оваа историска победа, да одиме во вториот круг“ – побара Османи поддршката од народот.
Меѓу другото, Османи се осврна и на убавините на овие села, споредувајќи ги со швајцарските и австриските туристички места, додавајќи дека ако бевме земја на Европската унија, ќе имаше конкуренција да се посети овој регион. Меѓу другото, тој додаде „ни треба поддршка, ни треба единство овој пат за да можеме да ги реализираме целите што ги започнавме, а целите се добри, намерата е добра: да се создаде полесен живот, подобар живот, да ги задржуваме луѓето овде, да ја донесеме Европа овде а не да се замине таму…ако ја постигнеме таа цел, можам искрено да кажам дека ова ќе биде центар на планинскиот туризам во Европа.
На крајот Османи им се заблагодари на сите жители за поддршката и додаде дека нивниот глас на 24 април ќе ја одреди судбината на изборите на 8 мај. „Ве повикувам во среда да се мобилизираме, да бидеме сите заедно бидејќи оваа одлука во среда, ја одредува насоката во која ќе оди иднината на нашиот народ, на нашата земја“ и подвлече дека за жал се соочуваме и со голема закана што доаѓа од национализмот кој е во постојан раст и се надева дека овој голем Европски фронт што е изграден, ќе стане силен штит кон тој национализам и ќе изгради мост што ќе води до Брисел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.