Македонија
Османи за ОБСЕ: Докажавме пред целиот свет дека поседуваме политички и практичен капацитет, професионалност и посветеност
Министерството за надворешни работи го одбележа завршувањето на претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ, при што во своето обраќање шефот на дипломатијата и претседавач на ОБСЕ, Бујар Османи, истакна дека е значаен овој настан за да се одбележат постигнувањата и успесите што го одбележаа нашето претседавање со организацијата.
„Докажавме пред целиот свет дека поседуваме политички и практичен капацитет, професионалност и посветеност, кои кулминираа со организацијата на 30. министерски совет. Со донесените одлуки го остваривме планот што го зацртавме на почетокот на претседавањето – дадовме огромен придонес во обезбедувањето на функционалноста на ОБСЕ. Нашето претседавање беше фокусирано на луѓето, а работевме со посветеност на идејата дека ОБСЕ може да го унапреди и зачува сето она што луѓето најмногу го ценат – нивните права, нивната слобода и нивното достоинство“, рече Османи додавајќи дека покажавме дека никогаш нема да отстапиме од бранење на нивната вредност истовремено зајакнувајќи ги ваквите начела онаму каде тие беа оспорени и ставени во прашање.
Според Османи, зачувувањето на начелата и заложбите значеше зачувување на нашата Организација, која оваа година се соочи со досега невидена, јас би рекол, егзистенцијална криза.
„Јас со гордост можам повторно да нагласам дека министерскиот состанок во Скопје внесе нова енергија во нашите начела, односно нашата водилка, која силно нѐ турка напред и покрај напорите на одредени актери да ја поткопаат. Извонредниот успех што го постигнавме го делиме со министерства и со многубројни институции, кои беа вклучени и учествуваа во достигнувањето на резултатите од нашето претседавање, особено кога станува збор за организацијата на министерскиот состанок”, истакна Османи.
Изрази благодарност и до институциите со кои МНР соработуваше и кои дадоа значителна поддршка за успешниот министерски совет во Скопје, како што се: Министерството за внатрешни работи, Министерството за финансии, Министерството за одбрана и припадниците на воените сили на Северна Македонија, Службата за општи и заеднички работи на Владата на Северна Македонија.
На настанот свое обраќање имаше и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој нагласи дека самитот беше платформа за засилување на високо етаблираниот меѓународен кредибилитет на нашата земја.
„Беспрекорната организација на настан од глобална важност, која нѐ направи успешни домаќини, ни овозможи да ја зголемиме нашата видливост на меѓународната сцена, но и да ја потврдиме нашата посветеност кон мирот, стабилноста, соработката и развојот. Оваа одговорност ја презедовме најсериозно знаејќи дека безбедноста е фундаментален предуслов за успешноста на овој меѓународен дијалог. Затоа и би упатил посебна благодарност до секого од ангажираните полициски службеници, кои со својата максимална посветеност ја исполнија зададената цел“, истакна Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Полициските хеликоптери исфрлија над 120 тони вода врз пожарите кај селото Тажево и „Јасен“
Денеска Одделот за воздухопловни единици при МВР учествуваше со два хеликоптери во гасење на пожарот во реонот на Јасен.
Во 62 налети исфрлени се преку 120 тони вода со што успеа да се локализираат новите реактивирани краци на пожарот и да се спречи прошорување на пожарот кон селото Брезница , селото Тажево и националниот парк Јасен.
Македонија
Пронајдено детето од Скопје кое беше пријавено дека се оддалечило од домот
Вечерва околу 19.20 часот полициски службеници од СВР Скопје го пронајдоа осумгодишното дете за кое денеска околу 18.40 часот неговата мајка С.Н. во ПС Карпош пријави дека околу 17 часот се оддалечило од домот.
Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје ги презеле сите неопходни мерки и активности и детето било пронајдено во добра здравствена состојба и ќе биде предадено на родителот, соопшти МВР.
Македонија
На Табановце за влез во државата се чека околу еден час
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце за влез во државата се чека е околу 1 час. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани –Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Термините се следни:
– петок од 17:00 – 22:00 часот,
– сабота од 09:00 до 18:00 часот и
– недела од 09:00 до 22:00 часот.
На магистралниот пат А2 делница: Скопје – Охрид – Скопје се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите, во следните интервали:
– петок од 15:00 – 22:00 часот,
– сабота од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот и
– недела од 07:00 до 22:00 часот.